ПОКАЗАТЕЛИ НА УСПЕШНИОТ БРАК
Искуството нè учи дека кога двајца се венчаваат, тие веднаш почнуваат да откриваат колку, всушност, се разликуваат меѓу себе.
Факт е дека ние почнуваме да се запознаваме дури во бракот. Живееме грижејќи се премногу само за себе. Навистина ни е потребен некој друг за да ни помогне да се запознаеме самите себе.
Една од неочекуваните предности на квалитетниот брак е и таа што тој ни обезбедува личен психијатар: примерната сопруга секогаш спремно ќе го сослуша својот сопруг, без да има потреба да биде платена за тие услуги!
Познато ни е дека многу емоционални стресови настануваат, тогаш кога личноста на која надвиснале нејзините проблеми, нема нив со кого да ги сподели.
Во добриот брак, мажот и жената меѓусебно го делат своето бреме, безрезервно помагајќи си еден на друг, и без да се оптоваруваат со помисли, како другиот ќе го сфати тоа.
Бракот не е мисионерски потфат!
Доволно е тоа што самиот си носи свои тешкотии и искушенија кои се подразбираат, за сега уште и сопружникот дополнително го отежнува, обидувајќи се сосема да го промени и преобликува оној другиот.
Една од најчестите и најголеми илузии на младите сопружници е желбата и очекувањето да го промени другиот.
Вистинската љубов не присилува никој, не бара промени; таа подразбира возрастување.
Како?
Најпрвин, со прифаќање на својот сопружник, онаков, каков што е. Кога се венчаваме, ние не се заветуваме дека ќе го менуваме оној другиот, туку дека ќе го сакаме, онаков каков што е.
Најдоброто нешто што мажот може да го направи за да влијае на својата жена е да се промени самиот себе, да ги поправа своите недостатоци, држејќи се до поуките, кои Господ им ги упатил на Своите ученици.
За неверство во бракот се смета чинот, кога еден од сопружниците ќе изврши прељуба.
Но, реалноста е дека ние не сме верни и лојални, ни тогаш кога работата, родителите, своето хоби или било што друго ќе ставаме пред својот сопружник.
Тоа исто така е неверство. И секој кој не е спремен да го постави својот сопружник пред кариерата, пред родителите, пријателите или обичната забава, не е подготвен за брак – и таквиот брак ќе пропадне.
Бракот е за зрели, возрасни луѓе, не за деца.
Кога ќе го закопчаш првото копче во соодветната илика на костумот и останатите копчиња ќе дојдат на своето место. Но, ако тоа прво копче го закопчаш погершно, ништо нема да биде на своето место.
Се работи за тоа дека првите, најважните работи треба да бидат на прво место, да се почитува приоритетот. Истото се случува и во бракот.
Мажи, ако ги поставите вашите жени на прво место
– и вие жени, ако го направите истото тоа – сè останато во брачниот живот ќе дојде на своето вистинско место.
Има многу карактеристики на успешниот брак, но според моето мислење, овие три се најважни:
1.Пофалба.
Ниеден брак нема да напредува, доколку во него нема пофалба.
На секого во животот му е потребна почит во нешто и од некого. И ништо не може побрзо да ја убие љубовта од постојаното прекорување.
Кога мажите и жените меѓусебно се пофалуваат – во малите или во важните нешта – со тоа всушност си велат еден на друг:
„Те сакам; те почитувам“.
Пофалбата го крепи добриот брак и тоа е она што најмногу им недостасува на денешните бракови.
2.
Проштевање.
Проштевањето е пресудно за среќен брак. Кога брачните парови ќе ме прашаат: „Дали нашиот брак може да опстане?“
Мојот одговор е: „секако, под услов да сте подготвени да си проштевате еден на друг“.
А тоа проштавање не треба да постои само после поголеми брачни бури во семејството. Проштевањето треба да биде секојдневно.
Во успешниот брак, мажот и жената постојано си бараат прошка еден од друг. Ако тоа не го правиме раните не зацелуваат. Само сè повеќе и повеќе меѓусебно се оддалечуваме.
Биваме сè постудени еден кон друг и не го примаме благословот што Бог им го испраќа на сопружниците, кои си проштеваат еден на друг.
3.Време.
На успешниот брак му е потребно време. Тоа не се случува преку ноќ. Бракот треба да напредува. Тоа е долг и напорен процес; како и сите вистински нешта во животот, тоа се остварува преку постојан труд и самоодрекување.
Оние меѓу вас, кое сеуште не се венчани или планираат тоа да го направат, нека го запаметат следново:
Живееме во светот кој бара моментално задоволување на потребите, го сакаме тоа што ние го сакаме или нам ни се допаѓа; и кога ќе посакаме, а тоа е веднаш!
Таа нетрпеливост од наша страна е погубна за бракот, дури и во Православната Црква.
Доколку немаме трпение еден кон друг или ако не сме подготвени да поминеме многу години, работејќи на нашето трпение, тогаш нашиот брак однапред е осуден на пропаст.
Ниеден брак не е доволно добар, а да не може да биде подобар и ниеден не е толку лош, да не може да се поправи – под услов оние од кои тоа зависи, да бидат подготвени со помош на Божјата благодат заедно да напредуваат кон полнотата Христова, Кој дојде не да Му служат туку Он да послужи.
Основен и главен предуслов за добар брак е способноста да се напредува. Незрелоста е еден од најголемите проблеми поради кои пропаѓа бракот.
Сигурно е дека сите ние стапуваме во брак со личен багаж од лоши навики и незрелост. Но, мораме да научиме да ги надминуваме овие работи.
Кога бев дете – поучува св. Апостол Павле – зборував како дете, како дете мислев, како дете размислувава; а кога станав маж, го оставив детинското. (1. Кор. 13, 11)
И колку, навистина, заради среќниот брак, е потребно да се отфрли детинското: неодговорноста, тврдоглавоста, саможивоста, несочувствителноста, темпераментот, љубомората.
Колку е важно да се молиме секој ден:
„О Боже, помогни ми да растам…да се преиспитувам…да ги согледувам потребите и чувствата на мојата сопруга /сопруг, и да ја прифатам одговорноста која Бог ми ја наложи“.
Свештеник Алексеј Јанг
Преземено од Бигорски манастир
Прв дел прв дел: https://pokajanie.mk/2019/09/06/22511/
втор дел – https://pokajanie.mk/2019/09/06/22520/