„Прашање: Како преподобен Серафим и преподобен Силуан ја доживувале состојбата „држи го твојот ум во адот и не очајувај?“
Отец Софрониј:
Еве, допревте едно од највисоките прашања во нашата православна аскетска култура. Пред јавувањето на Господ, Силуан поминал еден саат одвоен од Бог. Бог го напуштил.
Со страшни зборови ја опишува таа состојба:
„И ми беше јасно дека одам во вечна погибел“. Таа одвоеност од Бог претставувала краен напор: тоа билo, како што кажуваме на грчки, „кенозис“, а на руски „истоштение“ (самоиспразнување).
И кога по тој напор му се јавил Господ, не му рекол ниту еден збор. Но, подоцна, кога Господ му рекол:
„Држи го умот твој во адот“, Неговиот збор се однесувал на тој страшен миг што му претходел на видението на Христос
И Силуан го добил одговорот на својот опит на вечниот ад како откровение на вечното спасение што му го дарува Бог.
Секогаш кога очајуваме, всушност, ние правиме грев против Очевата љубов.
И кога толку длабоко би го доживувале секој грев што нѐ одвојува од Отецот, тогаш ќе ридаме за целото човештво.
И тоа ќе нѐ приближи кон Христос Кој умира на Голгота. После таквата смрт следи воскресение.
Така, читајќи го Силуан, мораме да разбереме зошто Господ му зборува: „Држи го умот твој во адот и не очајувај“.
Зошто Господ така прави, и зошто тоа е највисокиот степен и највисокиот облик на целата аскетска култура?
Зашто првородениот грев, кој нѐ одвојува од единството со Бог, нѐ потопил во страсти, и луѓето почнале да живеат со страстите.
А кога човек пребива во адот, тогаш ниедна страст не дејствува во него: ниту гордост, ниту суета,
ниту властољубие, ниту среброљубие, ниту телесен живот – ништо.
Пред човекот е чист апсолутен мрак, кој влева страшно очајание. И Господ му кажува:
„Држи го умот твој во адот, кој го позна, но не очајувај“, зашто во тој миг човек живее надвор од гревот и страстите.
И ако така живее, тој Му отстапува место на Бог да дојде и да пребива во него. Господ му го дал тој опит на блажениот Силуан кога тој ја преживувал вечната одвоеност од Бог, вечната пропаст.
Бог е оган, и на тој оган може да му се приближи само со огромно смирение.
Затоа, бидете внимателни со тој оган. За нас, состојбата што му била дадена на Силуан е сѐ уште далеку од стварноста.
Од страдањето што Силуан го преживеал, се родила состојбата во која го живеел животот на целиот Адам.
И тоа не било човечко философска, туку духовна состојба….