– Преподобен Исаак Сирин –

„Додека не ја добиеме љубовта, ние работиме на трнливата земја и дури и нашето сеење да биде сеење на правдата, сепак, ние и сееме и жнееме меѓу трње, и тоа секој час нѐ повредува; што и да правиме заради своето оправдување (и колку праведни дела да направиме), живееме во потта на нашите лица.

А кога ќе се здобиеме со љубовта, тогаш ќе почнеме да се храниме со небесниот леб и без работа и труд ќе јакнеме во силата.

Небесниот леб е Христос Кој слегува од небото и му дава живот на светот, а тоа е ангелска храна.

Кој се здобил со љубов, тој секој ден и час вкусува од Христос и со тоа станува бесмртен, зашто речено е:

„А кој јаде од овој леб, кој Јас ќе му го дадам, никогаш нема да ја види смртта“.

Блажен е оној кој ќе вкуси од лебот на љубовта – Исус.

А дека оние кои ја вкусуваат љубовта Го вкусуваат Господ Христос, Кој е над сите, сведочи и Јован, велејќи:

„Бог е Љубов“.

Според тоа, оној кој живее во љубовта жнее живот од Бога уште во овој свет, вдишувајќи го воздухот на воскресението.

Со тој воздух ќе се насладуваат праведниците после Воскресението.

Љубовта е царство; за неа Господ тајно им ветил на апостолите дека ќе ја вкусат во Неговото Царство.

Речено е: „За да јадете и пиете од Мојата трпеза во Моето Царство“; а што друго може тоа да означува ако не љубов?

Љубовта е доволна да го нахрани човекот наместо јадењето и питието.

`Ете го виното кое се всели во човекот!“

Блажен е оној кој ќе се напие од тоа вино!

Него го испиле невоздржливите и се засрамиле;

го испиле грешниците и заборавиле на патиштата кои ги препнувале;

го испиле и пијаниците и станале испосници;

го испиле и богатите и посакале сиромаштво;

го испиле и бедните и се збогатиле со надеж,

го испиле и болните и станале силни,

го испиле и неуките и станале мудри.“

Претходна статијаСАМО КОГА БИ ГО ИМАЛЕ ЦАРИНИКОВОТО ПОКАЈАНИЕ!
Следна статијаЗА БРАЧНАТА ЉУБОВ (да го искорениш поимот „мое“ и „твое“…)