„…Значи, духовниот живот и совршенството не се содржат само во надворешните добри дела, туку, како што веќе кажавме, во приближувањето кон Бога и во единството со Него.
Со тоа е неразделно поврзано сознанието за својата недостојност и наклонетоста кон секое зло, љубовта кон Бога и отсуството на љубовта кон себе, смирувањето не само пред Бога, туку и пред сите созданија, целосното одрекување од сопствената волја и совршената покорност на Божјата.
Можеби сакаш да се потрудиш да го достигнеш совршенството?
Нека е благословена твојата намера. Но, уште при првите чекори подготви се за труд, пот и борба.
Мораш сѐ да Му принесеш на Бога како жртва и да ја исполнуваш единствено Неговата волја.
Во себе ќе наидеш на многу желби кои бараат да бидат задоволени, без оглед дали тоа е согласно со Божјата волја или не е. За да ја постигнеш целта која си ја поставил пред себе, потребно е уште во почетокот на подвигот да ги задушуваш своите желби, а на крајот и сосем да ги изгасиш.
Мораш постојано да се бориш со себе и со сите што ги поддржуваат твоите желби.
Подготви се за таква борба и знај дека венецот им се дава само на храбрите борци.
Колку таа борба е потешка од сите останати – бидејќи кога се бориме со себеси го наоѓаме противникот внатре во себе – толку победата е пославна од сите останати, и што е најважно, таа Му е најугодна на Бога.
Ако сакаш од таа борба да излезеш како победник, неопходно е строго да се придржуваш до овие правила:
1) Никогаш и за ништо не се надевај на себе;
2) Секогаш во срцето имај цврста надеж во Бога;
3) Непрестајно подвизувај се;
4) Постојано моли се.“
Свети Никодим Агриорит