Да се преиспитаме ситe:

ЗА ЗАВИСТА – Старец Нектариј Виталис

А што, всушност, е зависта?

Кога некој се жалости и се јаде заради среќата на другиот, заради неговите доблести и напредувања.

Истовремено се труди на секој начин и со кое било средство сето тоа да го расипе, да го уништи.

Гледате, на пример, кога некој пожолтува, се онерасположува, се буни и трепери кога ќе види или чуе нешто за напредокот, добродетелите или убавината на друг човек, тој сосема сигурно во душата ја има зависта.

Не сака другите да бидат среќни.

Не може да ги гледа како напредуваат, како се возвишуваат и стануваат подобри од него и затоа со сите средства и на секој начин се обидува да му ја затруе радоста, да му го намали успехот.

Кога би било можно завидливиот човек да ја има молњата на располагање и кога би можел да ја фрли – само тоа, се разбира, никој да не го забележи – на куќата, на делата на луѓето на кои им завидува, и сето тоа да го сруши и уништи…

Тоа сигурно со голема злоба би го направил!

Но, кога веќе тоа не е возможно, завидливиот пронаоѓа и користи едно друго оружје – КЛЕВЕТАТА, која е чедо на зависта.

Човекот, на кој му завидува, може да покаже некоја, па и најмала, несовршеност во карактерот.

Завидливиот ги занемарува сите други доблести и својот поглед го насочува само кон тоа слабо место.

Го зголемува, го развива и тогаш им го сервира на другите…

Па дури и неговата жртва да не покажува ниту најмала видлива маана или слабост, завидливиот ја создава од ни од што. Неговата болна фантазија го измислува или го создава она што не постои.

Го прашале еднаш еден мудрец кои очи гледаат подобро:

сините, црните или смеѓите.

Тој одговорил: завидливите!

Очите на завидливиот човек го гледаат и она што е најситно. Го гледаат дури и она што… не постои.

Само едно не гледаат: доброто! Ма го гледаат и тоа, но погрешно, затоа што не можат да ја поднесат неговата блескавост…

Завидливите клеветници се како муви, кои не се грижат за целото здраво човечко тело, туку доаѓаат и застануваат на раната.

Оној кој завидува на доблестите и вредноста на другиот и се труди да ја уништи, со тоа покажува дека не ја сака добродетелноста.

Напротив, ја мрази, не може во себеси да поседува складност, префинети чувства, душевна убавина.

Како секоја страст, така и зависта го замаглува и помрачува човечкиот разум до таа мера, што е во состојба да ги изврши и најголемите злодела.

Онаа сатанска енергичност што ја покажува завидливиот човек, само за да ја уништи добродетелноста, убавината, возвишеноста, остава силен впечаток и предизвикува страв.

Не пропушта ниту една прилика да го понижи, да го разжалости и да го повреди понекогаш зад грб, а понекогаш во лице, човекот против кого што се свртува неговата завист.

Ќе се труди да оцрни и со клевети, со лицемерие и злоба да ги изврти и најпростодушните постапки на човекот кому завидува.

Клеветата и лицемерието се драгоцено оружје на завидливиот.

До каде, навистина, може да отиде завидливиот?

До какви изобличувања и до какви злосторнички заблуди?…

Праведниот да го обележи како неправеден.

Невиниот како виновен.

Спасителот како измамник!

Јунакот како предавник!

Добродетелниот како убиец!

Речено е дека зависта е најправедна, но и најнеправедна страст. Навистина е најнеправедна, затоа што ги ранува невините и простодушни срца.

Но, и најправедна е, затоа што дење и ноќе како црв ја јаде утробата на завидливиот.


Старец Нектариј Виталис

ИЗВОРМаран Ата
Претходна статијаИЛИНДЕНСКО ПОСЛАНИЕ
Следна статијаКОИ ОЧИ ГЛЕДААТ ПОДОБРО?!