ЗА ОСУМТЕ ОСНОВНИ СТРАСТИ ПРОТИВ КОИ ХРИСТИЈАНИНОТ МОРА ДА СЕ БОРИ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес го славиме сеќавањето на преподобниот Јован Лествичник – големиот учител на Црквата, големиот наставник на монасите, прозорливец, кои со своите духовни очи ги видел самите длабочини, тајните одаи на човековото срце – споменот на Преподобниот Јован, игуменот Синајски.

Синајската гора е едно од најсветите места за Христијаните. Таму Господ преку Мојсеј му ги дал на светот Своите десет заповеди – основата на целокупниот Стар Завет.

Уште во древните времиња, уште пред Раѓањето Христово, Синајската гора ја населувале испосници, кои се нарекувани внатрешни тихуватели.

Тие го поминувале времето во псалмопоење и тихување, т.е. во непрестајно занимавање со умно-срдечната молитва и за основа на спасението ги сметале не само надворешните правила и обреди, туку, пред сè, внатрешниот живот, чистотата на срцето и мислите.

Во ранохристијанските времиња, после Вознесувањето на Исус Христос на небото, Синајската гора станала омилено место на монасите-подвижници.

Таа буквално била засеана со манастири, скитови, ќелии и изгледала како голема духовна кошница, каде што монасите собирале духовен мед од цветовите на созрцанието и молитвата.

Таму, на Синајската гора својот живот, од младешки денови до длабока старост, го поминал Преподобниот Јован Лествичник.

Името Лествичник тој го добил според називот на својата бесмртна книга „Лествица“, којашто ја напишал на молба на својот соподвижник, игуменот Раифски.

Во неа Преподобниот го опишал духовниот пат на човекот во вид на искачување на триесет скалила, кои водат од земјата на Небото, а во чест и сеќавање на триесетте години земски живот на Спасителот, кои поминале пред тој да излезе на проповед на Евангелието.

Овие триесет скалила претставуваат мистично приближување на душата кон Бога. „Лествица“ го опфаќа сиот духовен живот на Христијанинот.

Монасите сметале дека оваа книга, после Евангелието, е најнеопходна за спасение, но таа е богатство и за мирјаните. Заради тоа, Светата Црква благословила поуките од „Лествица“ да се читаат во деновите на Големиот пост.

Ќе се задржам на учењето на Преподобниот Јован за борбата со осумте гревови – осум рани, осум отровни стрели, со кои демонот ги гаѓа нашите души. Кога би можеле да ја видиме сопствената душа, ние би се запрепастиле и ужаснале:

во нашата душа е и светлината на Рајот и пеколниот пламен.

Нашата душа е налик на прекрасен небесен цвет, но цвет кој е покриен со отровни пајаци.

Нашата душа личи на преубав неракотворен храм во слава на Бога Севишниот, но по скалилата на овој храм ползат страшни змии.

За нашата душа се молат Ангели, небото се радува кога ние се каеме за своите гревови. Толку му е драгоцена човечката душа на Бога, подрагоцена од целиот создаден свет!

Но, нејзе ѝ приоѓа демонот и ѝ пее змиска пеколна песна, и таа, маѓепсана со својот соблазнител, најчесто оди со него – кон својата погибел.

Свети Јован Лествичник пишува дека гревот почнува во човечката душа од мислата. Светите Отци демонот го нарекуваат голем уметник.

Тој прво ни дава „претстава“ на гревот.

Ова се нарекува предлог – човечката душа може да го отфрли или да го прими. Ако го отфрли – победила.

Ако човекот се двоуми во средбата со нечистата мисла, неговата душа влегува во разговор со неа и како да се соединува со неа. Потоа настанува она што подвижниците го нарекуваат согласност со мислата, а тоа е наше мислено согласување гревот да го сториме и на дело.

Потоа, се вклучуваат и нашите чувства и гревот станува страст.

Човекот бара прилика, замислува и смислува како да го оствари гревот.

Потоа, кога гревот веќе е сторен, тој, повторувајќи се постојано, преминува во навика, а навиката, вкоренувајќи се во човечката душа, станува нејзина втора природа.

Гревот најлесно може да се победи додека е уште во фазата на помисла, – како што е полесно да се искорне млада билка, отколку дрво кое веќе пуштило корења длабоко во земјата.

Во Книгата за Јов, гревот е наречен мравколав (мравка и лав): тој прво е мал, како мравка, речиси незабележлив, но, кога ќе порасне станува моќен и грозен како лав и ја растргнува нашата душа како тој грабливец, а ние тогаш веќе сме беспомошни во неговите пеколни канџи.

Заради тоа, браќа и сестри, Преп. Јован Лествичник ни дал завет да бдееме над своето срце, нашиот ум да го чува срцето со Исусовата молитва.

Ви реков дека Преп. Јован Лествичник ги опишал осумте главни страсти, осумте смртни гревови, осумте отровни извори од кои проистекува сето духовно зло и погибел.

Тоа е како осум ѕидови кои стојат меѓу човечката душа и Бога, еден над друг, а последниот, гордоста, речиси достигнува до небото.

ЧРЕВОУГОДИЕ (СТОМАКОУГОДНИШТВО)

Првиот духовен чир, од којшто гнои и гние нашата душа е чревоугодие (угодување на стомакот, стомакоугодништво).

Чревоугодникот не е способен за ништо духовно. Уште во древните времиња луѓето говореле:

„Човекот треба да јаде за да живее, а не да живее за да јаде.“

Чревоугодникот личи на подвижна кујна, во која непрестајно се готви храна, која непрестајно чади. Чревоугодникот, според зборовите на Преп. Јован Лествичник, не може да го управи својот ум кон небото, како што дебела птица не може високо да полета. Чревоугодникот целиот се претворил во смртно тело.

Самото чревоугодништво се дели на низа страсти, од кои првата е – чревобесие (побеснетост на стомакот): тоа е незаситна желба за неумерено прождерување на секаква храна.

Преп. Јован Лествичник вели:

„Чревоугодникот е спремен да ги изеде сите житници на Египет и да го испие целиот Нил!“

„Чревобесие е“ „лага на стомакот, којшто и откако се наситил, вика – уште сум гладен.“

Чревоугодникот престанува да размислува за духовното, небесното и веќе не е ниту способен тоа да го прави. Тој како целиот да се претвора во еден голем свински стомак.

Друг вид чревоугодие е гортанобесието (разуданост на грлото), т.е. луда желба за слатка храна и специјалитети.

Потоа, тајнојадење, кога чревоугодието е поврзано со суетата: човекот пред луѓе се покажува воздржан, а јаде тајно.

Потоа, во чревоугодие спаѓа јадење храна која го нарушува здравјето.

Свети Василие Велики вели:

„Храната треба да го закрепнува телото, а не да предизвикува болест.“

Светите Отци, исто така, нè учат со стравопочит да јадеме од трпезата, не заборавајќи дека храната што ни е дадена е дар Божји.

Тие за време на земањето на храната забранувале празни разговори, шеги, смеа и особено осуда.

Кај блажениот Августин, епископот Ипонски, над масата бил закачен натпис: „Овде не се осудуваат луѓе!“.

И еднаш, кога чул како неговите гости почнале да осудуваат некој човек, тој прашал:

„Што сакате: да станам од масава или да го тргнам овој натпис?..“

Во Патерик се зборува како еднаш монасите јаделе храна и на некој прозорлив старец му било откриено:
околу оние кои јаделе во смирение и му се заблагодарувале на Бога за секое парче леб, за секоја голтка вода, невидливо стоеле Ангели и ги хранеле со мед; на оние кои јаделе во тихување и ја твореле за тоа време Исусовата молитва, Ангелите им давале некој небесен напиток со неискажлива сладост;
трети за време на трпезата се смееле, се осудувале еден со друг, раскажувале смешни настани од животот на манастирот и демоните летале над нив и им ја скрнавеле нивната храна, ја плукале.

Значи, браќа и сестри, Христијанинот треба да ја јаде храната со стравопочит и да му благодари на Бога за неа.

За човек да го победи чревоугодието, Јован Лествичник советувал од срце да се помоли на Бога и, јадејќи ја храната, да се има на ум дека ќе дојде час кога самото наше тело ќе биде храна на црвите, како и да се размислува за тоа како Господ на Крстот вкусил жолч и оцет.

БЛУД

Вториот чир, вториот грев е блудот.

Преп. Јован Лествичник говорел:

„Кој сака да го изгаси блудот не победувајќи го чревоугодието личи на човек кој сака да изгаси оган фрлајќи оган во него.“

Како човек да ја победи оваа страст?

Преподобниот авва Јован пишува:
„Треба да се засака понижувањето, да се пие потсмевот и клеветата како исцелувачки, очистувачки напиток; треба во сè да се има смирение – и внатрешно, во срцето, и надворешно, во облеката своја и однесувањето кон луѓето.“

Потоа, тој советува, човек да се оддалечува од сите поводи и причини на соблазна. Тој вели:

„Победата над оваа страст е бегство. Како што човек кој стои покрај бездна може да падне од првиот удар, така може да падне во овој гнасен грев човек кој пројавува неопрезност.“

Потоа Светиот продолжува:

„А ако човек стои далеку од бездната, дури и ако го влечат до неа, тој уште може да вика на помош, може да се фати за грмушките и дрвјата и да се задржи.“

ГНЕВ

Третиот чир на нашата душа е гневот.

Ние се гневиме кога не ни се исполнуваат нашите желби. Заради тоа, за човек да го победи гневот треба да се труди да стане бестрасен, да не го предава своето срце на земското и световното.

Гневот се дели на неколку видови.

Како прво – јарост. Јар – значи огнен.

Тоа е незадржлив гнев, кој човекот го обзема толку, што тој се однесува како безумен.

Друг вид на гневот е злопамтењето, кога човек долго не ги заборава навредите; и ова е најстрашниот и најопасниот вид на гнев, при којшто човечкото срце како да се претвора во легло змии кои се скриле во мракот.

Молитвата на злопамтливиот Бог нема да ја услиши.

Други облици на гнев се омраза, навредливост, одвишна подозривост на човекот, кога тој во сè гледа нечии сплетки против себе, во секој збор – осуда, алузии и потсмев; кога, како што рекол еден богослов, човекот личи на бомба наполнета со нечистотија и доволно е човек невнимателно да помине покрај неа, па бомбата да експлодира и сите да ги обземе страшна смрдеа.

Како да се бориме со гневот?

Преп. Јован Лествичник учи:

„Како прво, кога во нашето срце врие гнев, не треба да се стапува во никакви разговори и расправи; треба прво да се задуши, смири гневот во своето срце; а дотогаш победа е – молчењето.“

Потоа, Јован Лествичник советува да се сетиме на доблестите на човекот на кого што се гневиме, зашто во моментот на гневот ни изгледа дека овој човек е средиште на сите зла и пороци.

Сети се на неговите доброчинства кон тебе, сети се на сите негови добри дела и истовремено сети се на своите гревови и тогаш твојот гнев ќе стивне.

Потоа, Светите Отци советуваат, човек, пред било што да каже, во мислите да изговори молитва. Ако не можеш да молчиш, туку мораш да одговориш, ти прво изговори ја во своето срце триесет и три пати Исусовата молитва и дури после тоа одговори.

Значи, победата над гневот е, пред сè, победа над својот јазик. Потоа следи втората етапа, кога веќе се бориме со нашите гневни мисли.

СРЕБРОЉУБИЕ

Четврта страст е среброљубието. Како што пишува Преп. Јован Лествичник, среброљубието е губење надеж во Бога.

Апостол Павле среброљубието го нарекува тајно идолопоклонство (Кол. 3, 5). Среброљубието, исто така, се дели на неколку видови:

скржавост, кога на човекот му е подеднакво тешко да се оддели од она што му припаѓа, како некој да му ја сече сопствената рака;

потоа, алчноста – тоа е скржавост соединета со желба за стекнување; љубов кон поседување предмети, богатство и слично на тоа.

Луѓето често штедат пари, велејќи дека тоа го прават за подоцна да имаат можност да им помагаат на други. Не е тоа така.

Најчесто, кога човек ќе заштеди пари станува бездушен и бесчувствителен, дури и кон своите пријатели и роднини.

Во Патерик се зборува за Преподобниот Евлогиј каменорезецот, кој се одликувал со немање желба за стекнување и необична добродушност.

Но, кога ненадејно се обогатил, станал суров кон сиромашните и горд во однесувањето со своите пријатели. И дури откако повторно осиромашил, тој се вратил кон својот поранешен добродетелен живот и Бог му простил.

Исто така, постои приказна за еден градинар, којшто целиот живот давал сè што би заработил на сиромашните и оние што имале потреба.

Но, му паднало на памет – „ќе си оставам нешто и себеси за црни денови“ и заштедил триесет златни парички.

И настанал црн ден – почнала да го боли и да му скапува ногата. Се обраќал на разни лекари. На своето лекување потрошил речиси сè што заштедил.
На крајот, лекарите рекле дека не се во состојба да му помогнат, дека треба да се исече ногата.

И пред да биде опериран, тој во солзи Му се молел на Бога и велел: „Господе! Прости ми што сум згрешил пред Тебе.

Господе! Откриј ми заради што ми е пратена оваа казна?“

И Господ му открил низ видение:

затоа што имал доверба во парите, а не во Него!

Но, заради поранешните свои добри дела, градинарот добил исцеление и следниот ден, кога лекарите дошле кај него и донеле ножеви и други инструменти за операција (било страшно и да се погледнат), па му ја разголиле ногата и виделе дека сите рани и чирови поминале и се вџашиле заради ова чудо, кое се случило на нивни очи.

Ви раскажав за четирите главни страсти, а вкупно ги има осум. Времето е ограничено и заради тоа, ако Господ благослови, следната недела ќе раскажам и за останатите чирови на нашата душа.

Книгата на Преп. Јован Лествичник е големо богатство. Кога ја читаме, ние во мислите како да разговараме со него.

На нас грешните, со оваа бесмртна книга и своите свети молитви, тој нека ни биде патеводител во вечниот живот.

Амин.

Ќе продолжи…
Преведе Мина Даниловска

Претходна статијаСрдечно помоли се и ќе заспиеш сo тивок и здрав сон! – Св. Јован Кронштатски
Следна статијаТРИ КРСТА! Блажен Августин – поука