Многу молитви, а малку зборови на децата

Сѐ се постигнува со молитва, со молчење и љубов. Дали разбравте какви се последиците од молитвата?

Љубов во молитвата, љубов во Христос. Тоа е она што пружа вистинска корист.

Што повеќе ќе ги љубите децата со човечка љубов, – а таа е често патолошка, – тоа повеќе децата ќе се заплеткуваат и однесувањето ќе им биде негативно.

Кога, меѓутоа, љубовта меѓу вас родителите и вашата родителска љубов кон децата ќе биде христијанска и света, тогаш никакви проблеми нема да имате.

Светоста на родителите ги спасува децата. А за тоа да се случи, потребно е најнапред божествената благодат да делува врз душите на родителите.

Никој не се просветлува сам од себе. Самата Божја благодат потоа ќе ги просветли, ќе ги загрее и ќе ги оживотвори детските души.

Често луѓето ми телефонираат и од странство и ме прашуваат за своите деца, како и за други работи.

Денес, ете, ме повика од Милано една мајка и ме праша како да се однесува кон своите деца. Ѝ го реков следното:

– Моли се, а кога ќе затреба, зборувај им на децата со љубов. Повеќе моли се, а ним упатувај им малку зборови.

И инаку е потребна многу молитва, а малку зборови во однос на сѐ. Не треба да им бидеме досадни на ближните, туку тајно да се молиме, а потоа со нив да разговараме.

Така, Бог, внатре во нашата душа, ќе ни потврди дали другите ги прифатиле нашите зборови.

Ако не, нема понатаму да говориме, единствено, тајно ќе се молиме.

Зашто, ако и понатаму зборуваме само ќе бидеме досадни и ќе предизвикаме реакција и отпор кај другите, а понекогаш и нивно негодување.

Спрема тоа, подобро е преку тајна молита, тајно да им упатуваме збор на срцата на другите, отколку гласно во нивните уши.

Уште ѝ реков:

– Слушај што ќе ти кажам: моли се, па дури после зборувај.

Така однесувај се спрема своите деца. Ако постојано им даваш совети, ќе им бидеш досадна, а кога ќе потпораснат, ќе имаат чувство дека на некој начин ги притискаш.

Подобро, значи, одбери ја молитвата.  Зборувај им низ молитва.

Говори му на Бог, а Бог потоа ќе говори во нив.

Со други зборови, не треба да ги советуваш своите деца само така, со помош на гласот, кој тие го слушаат со своите уши.

Можеш и тоа да го правиш, ама, пред сѐ треба му зборуваш на Бог за своите деца.

Зборувај, отприлика, вака:

„Господе Исусе Христе, просветли ги дечињата мои!

Јас Тебе Ти ги доверувам. Ти ми ги подари, а јас сум слаба, па не можам да ги доведам во ред. Затоа Те молам: просветли ги!“

Бог на свој начин ќе им говори, а децата, пак, ќе речат:

„Оф, не требаше да ја ожалостам мама со она што го направив!“

Тоа ќе произлегува од нив самите, преку благодатта Божја.

Тоа е совршен пат и начин. Мајката треба да Му зборува на Бог,
а Бог ќе му зборува на детето.

Ако не биде така, тогаш, зборувај, зборувај, зборувај – и сѐ ќе влезе на едното уво, а ќе излезе на другото.

И на крајот, ќе излезе некој облик на притисок. Во тој случај, детето кога ќе порасне, тоа почнува да пружа отпор, т.е. на некој начин ќе почне да се одмаздува на своите татко и мајка кои го притискале.

За разлика од тоа, едно е совршено – на детето да му зборува Христоликата љубов и светоста на таткото и мајката.

Зрачењето на светоста, а не човечкиот напор, ги прави децата добри деца.

Кога ви се децата повредени и ранети заради некое сериозно прашање, не дозволувајте на вас да влијаат нивните реакции и грдите, лоши зборови.

Тие, всушност, не сакаат така да се однесуваат, но, кога им е тешко, не можат поинаку да постапуваат. Подоцна се каат.

Но, ако вие се изнервирате и налутите, ќе бидете едно со нечестивиот и тој ќе си поигрува со сите вас.

Старец Порфириј Кавсокаливит

Подготви Мирјана Даниловска Мина

Претходна статија– СВЕТОСТА НА РОДИТЕЛИТЕ Е НАЈДОБРО ВОСПИТУВАЊЕ ВО ГОСПОДА
Следна статијаСрдечно помоли се и ќе заспиеш сo тивок и здрав сон! – Св. Јован Кронштатски