СТАРЕЦ ПАЈСИЈ ЗА ЉУБОВТА ВО БРАКОТ
Ме праша некој:
„Старче, што најмногу го соединува мажот со жената?“
„Благодарноста“, му велам.
Едниот го љуби другиот во она што го подарува.
Жената му дава на мажот доверба, предаденост, послушност.
Мажот ѝ дава на жената увереност дека може да ја заштити.
Жената е господарка на домаќинството, но и негова голема помошничка.
Мажот е управител на куќата, но и носител на нејзиниот товар.
Меѓу сопружниците треба да има прочистена љубов, за да имаат взаемна утеха и за да можат да ги исполнуваат и нивните духовни обврски.
За да живеат хармонично, потребно е да ја стават, уште од почеток, како темел на нивниот живот љубовта, вистинската љубов, којашто се наоѓа во духовното величие, во жртвата, а не во лажната, световната, телесната љубов.
Ако постои љубов, жртва, тогаш човекот секогаш се става на местото на другиот, го разбира, сострадува со него.
Кога некој ќе го прифати во своето срце ближниот, таквиот човек, всушност, Го прима Христа внатре во себе, Којшто тогаш го преисполнува со Својата неискажлива радост.
Кога постои љубов, дури и да се оддалечени, сопружниците се сепак блиску, затоа што за љубовта Христова не постои растојание.
Но, ако не дај Боже, помеѓу нив нема љубов, тогаш тие, макар и да се блиску еден до друг, всушност ќе си бидат далечни.
Заради тоа секој од сопружниците треба да се труди во текот на целиот живот, да ја чува љубовта кон другиот, принесувајќи се себе си како жртва за него.
Телесната љубов надворешно ги соединува луѓето со световно настроение, и тоа само онолку колку што во нив имаат трајност „светските квалитети“.
Кога тие квалитети ќе исчезнат, тогаш телесната љубов ги разделува луѓето, и тие пропаѓаат.
А онаму, пак, кадешто е присутна духовната, онаа вистинска љубов, дури и ако еден од сопружниците ги изгуби „телесните квалитети“, нив тоа нема да ги раздели, туку уште повеќе ќе ги соедини.
Кога постои само телесна љубов, тогаш, на пример, жената може ако забележи дека нејзиниот сопруг се загледал во некоја друга, да му фрли сулфурна киселина в лице и да го ослепи.
Но, кога би го љубела со чиста љубов, можеби би почувствувала уште поголема болка заради него и би гледала на некаков одмерен начин да го врати на прав пат.
Така доаѓа благодатта Божја…“