НЕДЕЛА ТРЕТА ПО ВЕЛИГДЕН Евангелие за чудото во Витезда

Јован 5, 1-16; Зач. 14

Блазе му на човекот кој co трпение и надеж во Бога ги поднесува сите страдања во овој живот! Еден негов ден според небесните мерила ќе тежи повеќе од години и месеци на безбожникот кој или се весели без страдања или пак страда без трпение и надеж во Бога.

Блазе му на човекот кој не роптае на страдањето, туку co трпение и надеж во Бога ги испитува причините за своето страдање.

Каде страдалникот ќе ги најде причините за своето страдање? Ќе ги најде или во себе или во своите родители или во своите соседи – тука страдалникот ќе ги најде причините за своето страдање. Царот Давид страдал поради сопствениот грев; Ровоам поради гревот на својот родител – царот Соломон, a пророците страдаа поради гревовите на своите соседи.

Ho ако страдалникот ќе ги истражува причините за своето страдање уште подлабоко, каде ќе ги најде?

Ќе ги најде или во првобитното неверство на човекот спрема Бога, или во темниот и пакосен дух на злобата, во бездната и отровната темнина, или во човекољубивата и лековита промисла Божја – тука страдалникот ќе ги најде подалечните и подлабоките причини за своето страдање. Адам и Ева страдаа поради своето неверство спрема Бога; праведниот Jов страдал поради темниот и пакосен дух на злобата; a слепородениот млад човек, на кој милостивиот Господ му ги отвори очите, страдал поради славата Божja и за cвоja вечна награда.

Ha разумниот човек му е својствено причините за своето страдање секогаш да ги бара кај себе, додека неразумниот секогаш се жали на другите.

Разумниот ги памети сите свои гревови уште од детството, ги памети co страв Божји и ги очекува страдањатa  своите гревови, па кога страдањето навистина ќе дојде, било преку пријатели или непријатели, било преку луѓе или зли духови, било веднаш или подоцна, тој веднаш ги знае причините за своето страдање, оти ги знае и ги памети своите гревови.

А неразумниот е заборавен, ги заборава сите сопствени неправди, па кога страдањето ќе дојде, во маки се превртува и зачудено се праша: зошто токму него да го боли главата, зошто токму неговото богатство да пропадне, зошто неговите деца да страдаат?

И во својата неразумност и гнев co прстот покажува на секое битие, и на земјата и на небото, како на виновник за своето страдање, наместо да покаже co прстот на самиот себе, односно на вистинскиот виновник за своите маки.

Блазе му на човекот што го користи своето страдање знаејќи дека секое страдање во овој краток живот е допуштено врз луѓето од човекољубивиот Бог заради доброто и ползата на луѓето!

Според својата милост, Бог допушта страдање на луѓето поради нивните гревови, според милоста, а не според правдата. Оти кога би било според правдата, секој грев би предизвикал неодминлива смрт, како што вели апостол Јаков:

“А сторениот грев раѓа смрт” (Јак. 1, 15). Наместо смрт Бог испраќа лек преку страдање. Страдањето е Божји метод, метод за лекување на душата од пропаѓањето во грев и од смртта.

Неразумниот, пак, мисли дека страдањето е зло. Разумниот знае дека страдањето не е зло, туку објава на злото и начин на лекување од злото. Вистинското зло е самиот грев во човекот и надвор од гревот нема зло.

Сѐ друго што луѓето обично го нарекуваат зло, не е зло, туку горчлив лек против злото.

Колку потешко е болен болниот, толку погорчлив е лекот.

Некогаш на болниот дури му се чини дека лекот е потежок и погорчлив и од самата негова болест. Така и грешникот понекогаш мисли дека страдањето е потешко и погорчливо од сторениот грев.

Но тоа е самоизмама – о, колку лута самоизмама! He постои страдање во светот кое би можело да биде макар приближно толку тешко и убиствено како што е гревот. Сите страдања на луѓето и на народите на земјата не се ништо друго туку обилни лекарства, кои вечната Милост им ги нуди на луѓето и на народите за

да  ги спаси од вечната смрт. Секој, па и најмалиот грев, би донел неизбежна смрт, ако Милоста не допушти страдање, заради отрезнување на луѓето од гревовното пијанство, заради лекување, кое преку страдањето го извршува благодатната сила на животодавниот Дух Свети:

Ќе речете: човекот се плаши од страдање, оти се бои од смртта, а страдањето може да го одведе во смрт.

Но. што е тоа што го носи телото во смрт: Болеста или лекот?

Без сомнение – болеста, а не лекот.

 

Така и душата не ќе ја одведе во смрт страдањето, туку гревот, којшто ja прави душата болна.

Всушност, гревот е семето на смртта, најужасното семе кое, ако преку страдањето благовремено не се открие и co пламенот на Светиот Дух не изгори, ќе израсне и ќе ја исполни сета Душа, така што таа не ќе биде сад на животот, туку сад на смртта.

Пренесено од книгата “Омилии”

Подготви  М. Даниловска

Претходна статијаТвојата вера во светата тајна исповед ќе те спаси!
Следна статијаПрво соборно послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните – глава 12