За благодатта
Слава Му на Господ и на Неговото милосрдие. Он толку многу нè возљуби, што ни Го даде Светиот Дух, кој нè учи на сè она што е добро и ни дава сила да го победуваме гревот.
Господ заради големото Свое милосрдие, ни ја дава благодатта, и ние сме должни цврсто да ја чуваме, за да не ја загубиме.
Оти без благодатта, човекот е духовно слеп. Слеп е оној, што го собира богатството во овој свет. Тоа значи дека неговата душа не Го знае Светиот Дух, не знае колку е Он сладок, и затоа е поробена од земното.
А кој ја позна сладоста на Светиот Дух, тој знае дека таа не може да се спореди со ништо. И не може повеќе да биде поробен од ништо на земјата, но поробен е само од љубовта Господова. И тој е спокоен во Бог, и се радува, и плаче за луѓето, што не Го познале Господ, и ги сожалува.
Кога душата е во Светиот Дух, тогаш е задоволна и не тагува по небесното, оти Царството Божјо е внатре во нас. Оти дојде Господ и се всели во нас. Но, кога душата ќе ја загуби благодатта, тогаш тагува по небесното и со солзи Го бара Господа.
(…)
Кога благодатта ќе се намали во душата, тогаш таа повторно ја бара од Господ милоста што ја познала. Тогаш душата се мачи затоа што ја растргнуваат лошите помисли и таа бара заштита од Господ, својот Создател.
И го преколнува да ѝ го даде смирениот дух, за благодатта да не ја остави душата, туку да ѝ дава сила непрестајно да Го љуби својот Небесен Отец.
Господ ѝ ја одзема Својата благодат на душата, и со тоа милостиво и премудро ја воспитува. За неа во големи страдања ги рашири Своите раце на Крстот, за таа да биде смирена.
Он ѝ дава на душата да ја пројави својата слободна волја во борбата со нашите непријатели, но самата душа е немоќна да ги победи. И затоа е нажалена мојата душа и тагува по Господ, и со солзи Го бара.
Господи, Ти гледаш колку е душата немоќна без Твојата благодат, и дека никаде не наоѓа спокој. Ти Си нашата сладост, нашиот Небесен Отец. Дај ни сила да Те љубиме, дај ни го Твојот свет страв, како што треперат и Те љубат Херувимите.
Ти Си нашата Светлина. Ти ја просветлуваш душата да Те љуби ненаситно. Ти ја одземаш Својата благодат од мене, затоа што мојата душа не пребива секогаш во смирение.
Но Ти гледаш колку тагувам, и Те молам дај ми го Твојот смирен Свет Дух.
Свети Силуан Атонски