ЗАВИСТА ШТО ПЕЧЕ!

(од познатиот руски психијатар, професорот, Дмитриј Евгењевич Мелехов)

Кои се одликите на современата депресија?

Со какви проблеми пациентите најчесто Ви се обраќаат?

Природата на невротските растројства во последниве 10 – 15 години суштествено се промени. Таа стана посложена, позаплеткана. Постојано расте недоразбирањето меѓу најблиските луѓе. Луѓето како да се од синџир пуштени:

Брзо живеат, се плашат да не останат сами и трчаат сами да си ја скројат судбината.

Како последица од ова, раните полови врски станаа норма, бројот на абортуси се зголемува, а граѓанските бракови никого не го зачудуваат.

Сите појави се непосредно поврзани со осебеностите на современата депресија.

Основното овде е што наброените модели на однесувањето не` и се својствени на човечката природа. Често нив ни ги наметнува општеството во кое живееме.

Вистинската природа на човекот му се спротивставува на овој наметнат модел, но самите луѓе не го сфаќаат ова. Така, конфликтот се претвара во невроза која всушност и ја предизвикува депресијата.

Најчесто за консултации ми се обраќаат жени. Доаѓаат со насолзени очи:
насекаде се соочуваат со предавство, изневера, клевети, лаги.

Поплаките се типични:

„Мажот ми е студен и рамнодушен, децата пораснаа, а јас сум сама“.

За жените, како и во сите времиња, актуелни се проблемите на осаменоста, недостигот од љубов, внимание и грижа.

Таква е природата на жената. Патем ќе споменам дека мошне ретко доаѓаат дами со депресија предизвикана од тоа што не ги унапредиле на работа. И ова е исто така природно.

Статистиката тврди дека жените заболуваат двапати почесто отколку мажите.

Зошто?

али, можеби, мажите имаат некаков посебен имунитет против депресијата?

Не, овде се` е попросто – тие далеку поретко од жените се обраќаат за лекарска помош, претпочитајќи да ги „згаснат“ нејзините симптоми со алкохолот, сами да си препишуваат лекови или да ја нурнат глават во работа.

По правило поподложни се жените меѓу 30 и 40 години.

Во овие години обично настапува кризата на зрелата возраст.

Првото полувреме од животот е веќе одиграно, децата пораснале, се појавила криза во брачните односи.

Надворешно, жената веќе не изгледа како на дваесет години. Може и здравјето по малку да откажува, се насобрал умор, поспаност.

Жената сега ги преосмислува животните вредности. Се врти назад и сфаќа дека поголемиот дел од животот и` поминал.

Што понатаму?

Да износи уште неколку фустани и пар чизми? Да направи нова фризура? Да отпатува на одмор во странство?

Да, ни ова не е лошо. Но сепак веќе ова го имала. А нешто, сепак, недостига.

Што?

Често слушам од оние што доаѓаат на преглед дека однатре им е празно, дека немаат сили да живеат.

Знаете, душевната состојба на современиот човек, може да ја споредиме со сад искршен на парчиња. Луѓето живеат со купот парчиња во душата и си задаваат болка во себе си и на околината.

Порастот на бројот на психички заболувања донекаде може да се објасни со тоа што луѓето се наоѓаат во постојана „трка“, а организмот не може да ја издржи оптовареноста, лавината од информации, стресовите.

Но, пред се`, би рекол дека ова се должи на загубата на вистинската смисла на животот. Духовноста.

Но, нели секој човек си има своја сопствена смисла на животот? Како да знаеме дали е вистински или не?

Токму во тоа и е несреќата, што секој човек самостојно си гради своја сопствена вредносна скала. А не ја подига врз цврст духовен темел, туку врз сопствените претстави за животот.

Помодарката плаче зашто нема нова пролетна шапка или дека и` се демодирале чевлите, дека едикојси почнал да и се додворува на едикојаси, која е поубава и посреќна од неа.

Младиот човек тагува поради малиот џепарлак што би го потрошил на задоволства.

Жената плаче од навреда зашто мажот ја изневерил.

А мажот пак, зашто стагнира на работа.

Сеедно дали се лекари, инженери, адвокати – сите се незадоволни што малку заработуваат.

Сите пекаат и кукаат. Дури и кога живет, внимавајте, во раскош и богатство.

Уште еднаш ќе подвлечам дека основната причина за неврозата не се стресовите и непријатностите, туку човечката личност. Личноста е однатре растроена. Во секој човек од раѓање е заложена духовна основа која треба грижливо да се развива и да се зцврстува.

Но живееме во средина каде што од сите страни не` повикуваат:

Зграпчи од животот се` што можеш!

Според тоа ако не си го дограбал „крупниот залак“, тогаш тоа е лошо, тоа е ужасно и твојот живот е неуспешен. Луѓето лесно ја загризуваат оваа мамка. Нејзин плод е процутот на философијата на хедонизмот ; јади, пиј, забавувај се! И од таквиот живот добивај задоволство.

Но, порано или подоцна, човекот ја осознава лажноста на овој пат. Наметнатата скала на вредности се урива како кула од песок. И човекот доживува целосен слом.

Тогаш неизбежно ќе се праша: зошто и во чие име вреди да се живее? Ако не најде одговор, го обзема тага, депресија.

„Зарем кај сите се јавува разочарување?

Денес активно се пропагира ликот на егоистичната кариеристка која гази врз трупови, се истакнува себе си по секоја цена и пет пари за ништо не дава. Можно ли е таа да падне во депресија?

Богатството, успехот и кариерата не` не спасуваат од депресии и неврози. Еден мудар човек рекол:

„ Не ви пожелувам ни богатство, ни слава, ни успех, дури ни здравје, но само мир душевен .

Тоа е најважното. Ако имате мир – ќе бидете среќни.“

Ако ни е особено важно да имаме „Лексус“, скапа визонска бунда или дијамантски прстен, и ако нешто од оваа листа не сме купиле, тогаш се развива силна невроза и депресија.

А ако ги поставиме приоритетите поинаку: на прво место – духовните вредности,
а дури потоа – кариерата, успехот и скапите предмети, тогаш материјалните неуспеси нема да го разнишаат внатрешниот духовен стожер на човекот.

Сфатете дека видливите материјални богатства не се најважното во животот. Една позната певица на прашањето:

„Им се радувате ли на скапите фустани?“, одговорила:

„Сигурно, се радувам, околу десет минути“. За жал, ова е реалната цена на најскапиот предмет.

Освен тоа, ако жената се реализирала професионално и ако постигнала вртоглави успеси, ова воопшто не значи дека во душата има мир. Таа го добила тоа за што мечтаела.

Нејзиниот пат не бил лесен; за да газиш безобѕирно врз трупови, треба мошне добро да поработиш врз совеста за да не те вознемирува за „ситници“.

По правило, егоистичните кариеристки се длабоко несреќни личности. Околината го гледа само нивниот надворешен сјај. А во душата го носат истиот куп парчиња.

И уште нешто. Жените што и` го посветиле животот на кариерата, или воопшто немаат семејство, или тоа е на работ да се распадне:

мажот почнал да погледнува настрана, со децата не може да се излезе на крај. И овие факти предизвикуваат невроза.

Статистиката тврди дека секој петти невротски случај е поврзан со загуба или со отсуство на животна смисла, со вредносни конфликти.

Во стварноста секоја невроза има духовни корени Лекарот мора да определи што во страдањета на човекот има непосредна духовна причина (што значи дека подлежи на духовно лекување), а што во неговите преживувања е предизвикано од нарушувањата на мозочната активност, т.е. на организмот во целост.

Ако се појават и едните и другите причини, тогаш на човекот му се нужни и духовните и психијатриските методи на лекување истовремено. Во овие случаи духовното оздравување, може да доведе до психијатриско и физичко оздравување.

Практиката покажува дека кај пациентот доаѓа до олеснување само тогаш кога ќе се поведе и разговор за душата, за покајанието.!

Со негова согласност и желба ние психијатрите се обидуваме да ги оценуваме симптомите на болеста од духовни позиции. Во резултат на тоа, доаѓа до промена на неговиот светоглед.

Тој учи правилно да ги прима ударите на судбината, правилно да реагира на нив. Голема и тешка работа е да го осмислиш својот духовен свет, вредности и погледи.

А, ако станува збор за потешка форма на заболување, кога може да помогне само лекување одредено од лекар – пиење силни лекарства или хоспитализација, тогаш таквите пациенти ги праќам во диспанзер.

(Списание „Женское здоровје“)

Претходна статијаХристос е почеток, средината и крајот! Преподобен Симеон Нов Богослов
Следна статијаВелигденско обраќање на Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан