ЗА МОЛИТВАТА
(извадок : Енциклопедија на Православниот духовен живот – Св. Игнатиј Брјанчанинов)
Забранувај си расеаност на мислите за време на молитвата, замрази ги фантазиите, отфрли ги грижите со силата на верата, удирај го срцето со страв Божји и лесно ќе се научиш на внимание.
За време на молитвата умот треба внимателно да го чуваме од слики, отфрлајќи се` што предизвикува вообразба, бидејќи умот на молитвата стои пред невидливиот Бог, Кој не може да се претстави во никаков материјален облик.
Сликите, ако умот ги дозволи на молитвата, стануваат како непроѕирна завеса , како ѕид меѓу умот и Бог.
„Оние, кои во своите молитви не гледата ништо, Го гледаат Бог“ – рекол Прeподобен Максим Исповедник.
Ако за време на молитвaта сетилно ти се претстави, или сам од себе умно ти се изобрази ликот на Христа, или на Ангел, или на некој светител, со еден збор – било кој лик- никако не го прифаќај тоа јавување за вистинито, не му обрнувај никакво внимание и никако не впуштај се во разговор со него.
Инаку, задолжително ќе бидеш подложен на измама и најсилна душевна повреда, што на многумина и им се случило.
Пред да биде обновен со Светиот Дух, човекот не е способен за општење со светите духови.
Бидејќи се ` уште се наоѓа во областа на паднатите духови, во нивно ропство, тој е во состојба да ги гледа само нив , па тие често, забележувајќи го неговото високо мислење за себе, му се јавуваат во вид на Христа и светли ангели, за да ја погубат неговата душа.
Светите икони Црквата ги примила за да ги поттикне благочестивите спомени и чувства, а никако за да ги поттикне фантазиите.
Стоејќи пред иконата на Спасителот , стој како да си пред Господа Исуса Христа, Кој по Своето Божество е секаде присутен, а по Својата икона на местото каде што таа се наоѓа.
Стоејќи пред иконата на Мајката Божја , стои како да си пред Пресвета Дева; но својот ум чувај го без слики; огромна е разликата да се биде во присуство Господово и да се стои пред Господа, или да се замислува Господа.
Чувството на Господовото присуство наведува во душата спасоносен страв, воведува во неа спасоносно чувство на побожност , а замислувањето на Господа и на Неговите светии како на умот да му дава материјалност, доведувајќи го во лажна состојба на самоизмама.
Возвишена состојба е – чувството на Божјото присуство!
Со него умот се здржува да не се впушти во беседа со туѓите помисли, кои и` пречат на молитвата; со тоа чувство обилно се чувствува човековата ништожност; со него особено внимава на себе и се пази од прегрешенија , дури и од најмали.
Чувство на присуството Божјо дава внимателната молитва.
Подготви: М. Д.