ПОВИКОТ НА СВЕТИ ЈОВАН ЛЕСТВИЧНИК

Бог е совршен, и како совршен, сѐ што прави – прави совршено.

Кога Бог го направи човекот, всушност направи бог – иако не по природа.
Го направи богочовек, кој треба да стане син Божји – по благодат, односно му постави цел:

од лик Божји да порасне до подобие Божјо, што значи да стане обожена личност која се удостојува со рамноправно учество во предвечниот Божествен совет на трите Личности – Отецот и Синот и Светиот Дух.

Ако некому не му е јасно за што говориме, нека се потсети само на Пресвета Богородица и Секогашдева Марија.

Бог го направи човекот глава на сѐ создадено – и духовно и материјално.

Тоа што нас, денес, едно создание Божјо ни изгледа понесовршено или поневредно од некое друго, или дури ништожно во однос на некое друго создание, е само наш проблем – на соодветна отпаднатост од Несоздадениот Бог; на отпаднатост од совршената хармонична целина на создаденото – на буквално пресоздаденото преку Очевиот Домострој на спасението во Светиот Дух, чија Глава е сега воплотениот Син Божји – Богочовекот Исус Христос.

Човекот е создаден бог со самото тоа што на Бог може да му рече „не“.

Но, едно е на Бог да Му речеш „не“ од позиција на паднатост и гревовност,
а друго е на Бог да Му кажеш „не“ од позиција на син Божји по благодат.

Преку првото човек постепено се демонизира, а преку второто покажува дека се реализирал.

А Бог е љубов и подеднакво го љуби и првиот и вториот, само што вториот возвратил на Неговата љубов и изградил личен однос со Него.

Личносниот однос ја прави разликата меѓу нас, а не Божјата љубов.

Почнав да пишувам за светиот отец наш Јован Лествичник и како вон себе се фатив за крајот на неговата Лествица, но светителот смирено нѐ повикува на нејзиниот почеток:

„Оној што наполно се одрекол од самоволието, дури и во нешта што му изгледаат добри, духовни и богоугодни, стасал на целта уште пред да зачекори“.

Гледате, почетокот е сепак во послушанието – во ставањето на умот во процес на исцеление.

А почетната цел е да поминеме од противприроден во природен начин на постоење, од демоноопседнатост во почетна позиција на восиновено дете Божјо во Црквата – другото е лесно.

Митрополит Струмички Наум  Божествена Литургија во Водоча (22.03.2015 12:26)

Претходна статијаСветите четириесет маченици во Севастија !
Следна статијаПричина за солзите е духовното гледање, спознанието за својата гревовност.