>ЗА ПОКАЈАНИЕТО
1. Покајанието е обновување на крштевањето.
Покајанието е очистување на совеста.
Покајанието е завет co Бога за исправување на нашиот живот.
Покајанието е измирување co Господа преку извршување на добри дела, спротивни на поранешните наши гревови.
Покајанието е помисла на самоосудување и грижа за себеси слободна од надворешните грижи. Покајанието е ќерка на надежта и отфрлување на очајанието.
2. Ние, кои сме паднале во јамата на беззаконието, не можеме да бидеме извлечени од неа, ако не потонеме во бездната на смирението.
3. Едно е скрушеното смирение на оние што се кајат, а друго – грижата на совеста на оние што уште паѓаат во својот грев, а друго е, пак, блаженото богатство на смирението, кое ги посетува совршените преку Божјото дејство.
Белег на вториот вид смирение е совршеното претрпување на навредите. Некогашната навика ги измачува често и оние што плачат поради нас. He вчудоневидувај се на ова.
Од што и како настануваат паѓањата, – тоа е темно и потполно несфатливо за самата душа, некои настануваат поради мрзливост, некои поради напуштањето од страна на Божјата промисла и од згрозувањето на Самиот Бог.
Некој ми има раскажувано, дека во паѓањата, кои ни се случуваат по Божјата промисла, се удостојуваме брзо да станеме, зашто Оној Кој не’ предава – не му дозволува на демонот на жалоста долго да не’ држи во својата власт.
4. Кога раната е уште нова и топла, таа лесно се лекува; застарените и занемарените рани тешко се лекуваат. Тогаш за нивното исцелување потребен е голем труд, сечење, измивање и горење. Многу рани во текот на времето стануваат неисцеливи, “но за Бога се’ е можно” (Матеј 19,26).
5. Пред да паднеме во грев бесовите ни го претставуваат Бога човекољубив, а откако згрешиме – непристапно строг.
6. He верувај му на непријателот, кој по паѓањето во грев ти наштетува, велејќи:
“Гледај тоа и тоа да не го направиш, а ова е ништо”. Често и малите дарови го смирувале големиот гнев на судијата (и обратно).
7. Оној што вистински бара да се увери дека направените гревови му се простени, тој секој ден кога не плачел го смета за загубен, макар и да направил во тој ден многу добра.
8. Никој од оние, кои треба да плачат за своите гревови, да не ja намалува својата ревност, мамејќи се co мислата дека на смртниот час ќе добие известување за простувањето. Тоа не е сигурно.
Пророкот се моли:
“Допушти ми да здивнам, пред да заминам и да ме нема веќе” (Псал. 38,13), а апостолот вели:
“Каде што е Духот Господен, таму има слобода” (2. Кор. 3,17), – таму има разрешување и простување; таму каде што е вистинското смирение, таму се веригите разврзани. A во кого ги нема овие две работи, тој да не се мами, зашто тој e уште врзан.
9. Оние што живеат во светот, и само тие, се далеку од овие известувања. Но некои од нив, оние што прават милостиња, на својот смртен час увидуваат колку тоа било плодно и корисно.
10. Оној што плаче за себеси, тој нема да биде свесен ни за тоа дека плаче, ни за своето паѓање во грев, ниту за прекорите од другите. – Песот, кој е угризан од ѕверот, се разбеснува против него уште повеќе, доживувајќи ја болката од раната.
11. Дa ce потрудиме да испитаме дали нашата совест престанала да не’ изобличува, затоа што се задушуваме од злото што го правиме, а не поради тоа што е чиста. Белег на тоа дека сме разрешени од паѓањето е: нашето постојано признавање дека сме должник.
12. Да внимаваме сите, особено ние што сме паднати, да не навлезе во нашето срце погубното учење на безбожниот Ориген. Тоа е нечисто затоа што го истакнувало особено Божјото човекољубие, кое им е особено според желбите на сластољубивите.
13. Bo самиот почеток на нашиот подвиг ние ги исповедаме нашите гревови пред нашиот добар судија, пред нашиот духовен отец насамо, а ако тој заповеда, тогаш и пред сите браќа.
Зашто тогаш нашите духовни рани, бидејќи објавувани и откривани, не се подлутуваат, туку биваат исцелувани.
14. За време додека се исповедаш, како по твојот надворешен изглед, така и внатрешно, co твоите мисли и чувства, биди како осуден престапник, кој го наведнал своето лице кон земјата, a ако можеш, натопувај ги нозете на својот духовен отец co твоите солзи, како на Самиот Христос.
15. Бесовите обично ни внушуваат кога грешиме или сосема да не се исповедаме пред нашиот духовен отец, или, кога се исповедаме, вината за нив да ја фрламе на други луѓе.
16. He мами се co духот на вознесувањето и кажувај му ги на духовен отец твоите гревови, не скривај ги; без самопосрамување неможно е да се избавиме од вечниот срам. Откривај ја твојата рана пред лекарот и не срамувај се да му речеш:
“Оче, еве, ова е мојата рана, мојата жива рана; неа никој друг не ми ја направил, туку таа е од мојата мрзливост; никој друг не е виновен за неа, ни човек, ни дух, ни тело, ниту нешто друго, туку само јас и мојата мрзливост”.
17. Свети Јован Претеча барал исповед од оние што доаѓале кај него да се крстат; тој немал лично потреба од тоа, тој самиот го барал нивното спасение.
18. Ништо толку не им се противи на оние што се кајат како збрканоста од раздразнувањето, зашто покајанието бара големо смирение, а раздразнителноста е знак на големо воздигнување.
19. Сончевиот зрак, кога ќе навлезе во домот низ некаква пукнатина – тој осветлува се’ што е во него, така што и најситната прашинка бива видлива; исто така, кога стравот Божји ќе дојде во човечкото срце, – тој му ги посочува сите негови гревови.
20. Како што водата ги измива буквите, така и солзите ги измиваат и очистуваат нашите гревови.
21. Како што, кога нема вода, буквите ги бришат co други средства, така и душата, која е лишена од солзи, своите гревови ги очистува и избришува co жалењето, воздивнувањата и co многуте самоосудувања.
22. Како што новата рана може брзо да биде излекувана, така, напротив, долговремените душевни рани тешко се лекуваат, макар што можат да бидат излекувани.
23. Како што оној кој го погребал својот татко се срамува веднаш потоа да појде на свадбена веселба, така неприлично е и оние што плачат за своите гревови – да бараат во овој свет удобства или чест и слава.
24. Како што живеалиштата на слободните луѓе се разликуваат од живеалиштата на осудените престапници, така и начинот на живеење на оние што плачат за своите гревови треба да биде сосема поинаков од начинот на живеење на невиновните.
25. Чувството на душата е нејзино природно својство, но гревот го задушува тоа чувство. Сознанието предизвикува или прекратување на злото или негово намалување.
Сознанието е раѓање на совеста, а совеста е збор и изобличување на ангелот пазител, кој ни е даден на светото крштение. Затоа и забележуваме, дека оние што не се просветени co светото крштевање не биваат толку измачувани за своите лоши дела, колку што се оние што веруваат.
26. Оној што сака да се избави од товарот на своите гревови, да им подражава на оние што седат над гробовите надвор од градот и да не престанува да пролева топли и горчливи солзи, да не ги прекинува безгласните ридања на своето срце се’ додека не Го види Христос Исуса како дошол и го дигнал каменот на ожесточеноста на неговото срце и, како четиридневниот Лазар – да го разврзе од неговите гревовни врски и да им заповеда на Своите слуги – на ангелите:
“Одвиткајте го (од неговите страсти) и оставете го да оди!” (Јован 11,44) – кон блажената бестрасност.
Пренесено од книгата “Добротољубие” Том 2, (Подвижнички поуки на свети Јован Лествичник)
Подготви Мина Даниловска