ВО НАШИОТ БЛИЖЕН СЕ И ЖИВОТОТ И СМРТТА! (3)

– Архимандрит Дамаскин (Извадок од Беседата на Прочка – 2018 г.)

…Христос ни велеше во Беседата на гората:

Вие ги љубите само оние кои што вас ве љубат, вие им правите добро само на оние кои вам ви прават добро, и сте смирени и кротки само со оние кои што со вас се трпеливи и кротки.

Но, заповедта Христова не е таква, туку Бог ни заповедал ние да го љубиме Бога со сето срце, со сета мисла, со сиот наш ум, со сиот наш разум, со сето наше срце и нашите ближни да ги љубиме како самите себеси.

Во нашиот ближен е и животот и смртта. Бог во нашите ближни ги оставил отворени вратите за нашето спасение.

Простувајќи им на нашите ближни, распнувајќи се за нашите ближни, сакајќи ги нашите ближни со љубовта Христова, со онаа којашто е подготвена и животот да го даде за да ја спаси душата на својот ближен, така ние се спасуваме всушност и себеси, кога забораваме на сопствените желби, на сопствените удобности, на сопственото угодување на телото, на похотите, сластите во овој свет и кога ќе се потрудиме да се распнеме себеси во љувовта и грижата за ближните, а распнувањето значи да бидеме подготвени да ги трпиме, да ги поднесуваме и носиме слабостите и недостатоците на нашите ближни.

Не само на нашите домашни, туку на сите наши пријатели, познаници и роднини, а особено браќа и сестри во Црквата Христова.

Да не само лажно се нарекуваме браќа и сестри по име, да не само се поздравуваме со Христовиот целив „Христос помеѓу нас – Е, и ќе биде“, туку тоа вистински да го покажуваме и на дело.

Да покажеме дека Христос е помеѓу нас, да покажеме вистински дека сме Христови ученици со тоа што ќе покажеме вистинска Христова љубов помеѓу нас.

Да не ги лажеме само луѓето во светот дека сме Христови, дека постиме и се молиме, дека се каеме и дека се исповедуваме, бидејќи Старец Порфириј вели дека е тоа „само двојка на нашиот пат кон Царството Небесно“.

Тоа е само малку повеќе од доволно.

Треба да се трудиме и да ги стекнуваме сите Евангелски добродетели, да стекнуваме милостиво срце, да стекнуваме и кротост и трпеливост кон нашите ближни и кон нашите браќа и сестри, да се потрудиме да ги покриваме нивните гревови и нивните слабости.

Ние денес имаме многу четива и многу книги од свети старци и Свети Отци, ги читаме постојано, но малку од тоа исполнуваме. Таму, кога ќе читаме во Житијата на Светиите и во поуките на Светите Отци, гледаме дека светителите и преподобните велат дека кога братот твој греши смртно пред тебе и кога и со твоите телесни очи го гледаш неговиот грев, треба да го покриеш со својата љубов, со својата кротост и молитва.

Да се молиме за братот кој паднал, бидејќи и ние утре може да паднеме.

Ако Бог ја тргне раката од нас, и ние ќе паднеме уште пострашно и уште подлабоко од братот којшто го осудуваме, затоа да внимаваме особено кога приоѓаме кон Телото и Крвта Христови, да не дозволиме нашата совест да нѐ изобличува за ништо, за никаков грев, за никаква гневна, злобна или осудувачка помисла кон нашиот ближен.

Ако имаме макар само една помисла на нетрпеливост или злоба кон нашите ближни, а сме се осмелиме да пријдеме кон чашата Христова, тогаш таа ќе биде не благодат која ќе нѐ очисти, освети и обожи, туку ќе биде оган кој ќе нѐ спали и ќе навлече на нас уште поголема осуда Божја, уште поголем гнев Божји и отстапување на Благодатта Божја од нас.

Архимандрит Пајсиј Хилендарец кажува еден пример за еден голем светогорски старец, кој на своите ученици им дозволувал да се причестат дури и ако поради телесна слабост го прекршувале постот со млечни производи и во среда и во петок, но никако не им дозволувал да се причестат доколку имале гнев кон некој од браќата.

Истото тоа го поучува и старец Порфириј, па едно момче кога го прашало: „Старче, дали може да се причестам?

– Тој му рекол: „Дали имаш гнев или нетрпеливост кон некого?“

– момчето му рекло: „Не“,

– „Тогаш може“.

Не го прашал ниту дали постел, ниту дали се молел, ниту дали се трудел во некоја друга добродетел, туку го прашал дали срцето и умот му се смирени кон неговите ближни.

Затоа да внимаваме, денес да се потрудиме, не само како лани да одиме на ручек кај нашите ближни, баби и свекрви, роднини и пријатели, и само формално да си кажеме „прости, прости“ и да си ги целиваме рацете, така празно и без чувства, туку да се сетиме на сите оние со кои што сме имале немир, кавга, расправија или нетрпеливост.

Најпрвин ние во срцето да им простиме и да се помолиме Бог да ни даде милостиво срце, да ни даде познание на сопствените прегрешенија, па да појдеме и вистински од срце длабоко да побараме прошка без да се оправдуваме себеси, без да се вадиме на околностите, ситуациите и луѓето, кои што наводно привидно предизвикале немир и нѐ извадиле од кожа, бидејќи тогаш тоа ќе е само лицемерно покајание пред Бога.

Немаме оправдување за гневот, немаме оправдување за злопамтењето на злобата од нашите ближни, апсолутно за ништо.

Колку и да ни грешат нашите ближни, колку и да нѐ навредуваат, оговораат, осудуваат, распнуваат, измачуваат, озборуваат и клеветат, во никаков случај не смееме да се гневиме на нив, сфаќајќи и познавајќи дека сѐ доаѓа од раката Божја.

Ако Бог тоа го допуштил, го допуштил поради нашите гревови, поради нашата гордост и самољубие, за ние да се смириме, за ние да се поправиме, да согледаме кај себе од што ние страдаме и да се исцелиме.

Бидејќи ако не сме му направиле никакво зло на тој ближен којшто во моментот ни прави на нас зло, тогаш сме му направиле на некој друг, па Божјата правда допуштила сега преку него тој да нѐ потсети на некој наш грев или на некоја пакост којашто ние во минатото сме ја направиле кон некој наш ближен или пријател.

Значи, уште еднаш, денеска е Недела на простување, затоа да се потрудиме сите заедно да го оправдаме името на неделата и да го оправдаме името Христијани коешто го носиме и кое што е возвишено и свето, да ја оправдаме Љубовта Христова и да му возвратиме макар малку на Бога за огромната љубов и милост којашто постојано, секојдневно и во секој момент ја излева врз сите нас, сфаќајќи дека сите сме грешни на овој свет, дека постојано грешиме, како што велат Светите Отци:

„Не може човек еден ден да живее, а да не згреши“. Само Бог е Оној, Кој може да ни помогне и со Својата Благодат, и со Својата милост и со помош на Светите тајни во Црквата, со помош на постот и молитвата, бденијата, милосрдието, кротоста и трпеливоста и со помош на самото Тело и Крв Негови, да ни помогне да го очистиме срцето, да го смириме умот, да го зауздаме телото со неговите страсти и похоти, и да почнеме да раснеме и да напредуваме во сите Евангелски добродетели, а најмногу во љубовта Христова и во милосрдието Христово, бидејќи милосрдието е Божја особина, та и ние кога ќе се трудиме да сме милостиви и милосрдни кон нашите ближни, тогаш со тоа се уподобуваме на Самиот Бог, оти и самиот Христос ни порачува и вели: „Бидете милостиви како што е милостив и Вашиот Отец Небесен“.

Оваа недела правилото за постот сите го знаат, но оние коишто сакаат да почнат за првпат да постат, нека се советуваат со свештеник или духовник, и нека се потрудат сите по мерката на сопствените телесни сили да преземат подвиг на пост, бидејќи без пост и молитва не можеме да го победиме лукавиот, не можеме да го победиме гревот и не можеме да ја победиме смртта.

Затоа, сите сме повикани на светост, сите сме повикани кон подвиг, нема всушност човек кој не може да пости според мерката на сопствените телесни сили, односно во телесниот пост секако може да има ублажување, но прашањето е во нашата слободна волја.

Тајната на спасението е, ќе повторам, во нашата слободна волја.

Ние слободно или го примаме Бога или го отфрламе Бога, или сме послушни чеда Божји или сме непослушни чеда Божји. Залудно е и самиот Христос да е до нас, ако ние не се потрудиме да се избориме со самите себеси, со сопствените слабости, гревови и страсти, бидејки, ќе повторам, и Адам и Ева беа во Рајот но отпаднаа од Рајот, го гледаа Бога лице в лице но беа непослушни, беа невоздржливи и Бог ги протера од Рајот.

Самиот Јуда беше ученик Христов, самиот тој и мртви воскреснуваше, и болни исцелуваше, и слепи и хроми, ги слушаше зборовите Христови и ги гледаше чудата Негови, беше исполнет и со благодатта на Светиот Дух, но не сакаше да се избори со страста на среброљубието, па го предаде Самиот Господ.

Затоа и ние, залудно ќе ни е и Христос да е покрај нас, залудно ќе бараме и свет и богоносен старец, залудно ќе бараме добар и искусен духовник, сето тоа ништо нема да ни помогне ако ние не сме послушни, ако ние не се потрудиме да се воздржуваме себеси и да се одрекуваме од својата падната волја.

Уште еднаш ќе завршам со зборовите на светиот старец Пајсиј Светогорец, кого често го цитираме и спомнуваме, бидејќи ни е најблизок и по време и по дух, а којшто вели:

„Ако ние не стекнеме позитивен начин на размислување, ниту еден од духовниците, па ниту од светителите, нема да ни помогне“.

Да се смируваме и да се потрудиме да станеме послушни чеда Божји, да се наоружуме со оружјето на постот и молитвата и да стапиме на арената на Велигденските пости, та со Божја помош и со помош на Светите Тајни, со исповедта, со бдението и милосрдието да ја задобиеме Евангелската чистота, да израснеме во сите добродетели и радосно да го дочекаме светлото Христово Воскресение, темелот на нашата вера и надежта на враќањето на загубениот Рај.

– Архимандрит Дамаскин

(Извадок од Беседата на Прочка – 2018 г.)

 

ИЗВОРбиблиотека `Свети Гаврил Лесновски“
Претходна статијаЗНАЕМЕ ЛИ ШТО ЗНАЧИ ДА СЕ ЖИВЕЕ КАКО МОНАХ?!
Следна статијаКратка поука за љубовта!