Свети Јован Касијан Римјанин Преглед на духовната борба
5. Борбата со осумте најглавни страсти
а) Борбата со чревоугодието
37. Не треба да се плашиме од надворешниот непријател, – нашиот најопасен непријател е затворен во нас самите. Затоа и се води непрестајна борба во нас.
Ако одржиме победа во оваа борба, сите надворешни борби ќе бидат лесни за нас. Тогаш Христовиот војник секогаш ќе биде спокоен и сѐ ќе му биде покорно. Нема воопшто да се плашиме од надворешниот непријател, кога оној што е во нас ќе биде победен и кога ќе му се покори телото на духот.
Не треба да веруваме дека за совршенството на нашето срце и чистотата на нашето тело може да биде достатен само постот, кој се состои само од видливите јадења. Кон телесниот пост треба да го присоединиме и постот на душата.
Зашто и душата има свои штетни јадења, од кои, ако се здебелиме, паѓаме во бездната на сладострастието, и без изобилство на телесна храна.
Нејзиното осудување на другите е храна за неа, и тоа храна многу вкусна.
И гневот е храна за неа, иако не така лесна, но понекогаш и многу штетна, па дури и смртоносна.
И зависта е храна за душата, која со отров ги повредува нејзините сокови и која непрестајно ја измачуваː ја прави несреќна поради среќните успеси на другите.
И славољубието е своевидна лоша храна за душата, која привремено ја насладува со својот пријатен вкус, а потоа ја прави празна, разголена, и лишена од секаква добродетел, ја прави бесплодна и неспособна да дава духовни плодови, па, според тоа, ја лишува не само од наградата за безбројните нејзини трудови, туку ѝ донесува и големи казни.
Секоја похот и секое талкање на непостојаното срце е еден вид пасење, кое ја храни со штетни јадења, кои ѝ ги прават непристапни небесниот леб и тврдата духовна храна.
Затоа во секој наш пост, со воздржувањето од сето ова, колку што имаме сили за тоа, ќе го направиме целесообразен и доброплоден и нашиот телесен пост.
Зашто истоштувањето на телото, соединето со скрушеноста на духот Му принесува најпријатна жртва на Бога и Му устројува живеалиште достојно за неговата светост во чистите и преукрасени сокровиштва на срцето.
Но, ако, постејќи телесно се сврзуваме со најпогубните душевни страсти, тогаш никакво истоштување на телото нема да ни биде корисно, кога при ова осквернување во најскапоцениот наш дел, во нашата душа која е вистинско живеалиште на Светиот Дух, сме онечистени.
Зашто не нашето гниежливо тело, туку чистото срце станува живеалиште за Бога и храм на Светиот Дух.
Затоа, кога пости нашиот надворешен човек, должни сме да го запазуваме и внатрешниот од штетни јадења.
Токму нему треба да Му го даваме чисто, за да се удостоиме да го примиме во него посетителот Христа, како што нѐ советува свети апостол Павле, велејќиː
Крепко „да се утврдиме преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во срцата наши“ (Ефес. 3, 16-17).
Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том II.
Подготви Светланка Трајчева