ОД СВЕТИ ЕФРЕМ
БРАТЕ, ако сакаш да станеш монах, прво треба да сфатиш дека веќе си заминал од овој живот, од овој свет и од неговата слава, сметајќи ги за растурена претстава.
Ако не се подготвиш на таков начин, ти не ќе можеш да живееш монашки, ниту, пак, да ги победиш страстите и светските желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел. (1 Тим. 6, 9).
Зашто, не лаже Оној што рекол:
“Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Me последува; зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; a кој ќе го загуби cвojoт живот заради Мене, ќе го најде”. (Мт. 16, 24 – 25)
Знај дека на секого што пристапува кон Господа му се случува следново: искушенија, жалост, маки, мрзливост, оголеност, грижи, понижувања и слично.
Зашто, преку реченото се испитува човечкото трпение и се покажува неговиот копнеж за Бога. Оној што co сето свое срце се предал себеси да биде воден од оној што го надгледува во склад co Божјата волја, сето тоа го победува.
Зашто, Бог од нас бара само совршена подготвеност и решителност, за да ни даде сила и за да ни подари победа, како што вели и Писмото:
“Toј е заштитник на сите, кои се засолнуваат кај Него”. (Пс. 17, 30)
Jac cѐ ти кажувам однапред за да не се случи, откако ќе станеш монах и откако ќе се соочиш co сето тоа, да го смениш мислењето и да речеш:
„He знаев дека ќе ми се случува такво нешто.”
Еве, однапред дозна што ќе ти се случува за да се подготвиш во мислите. Зашто, не е тешко да поставиш темел, туку да ја завршиш градбата.
И колку повеќе напредува градбата, толку повеќе труд бара довршувањето на градбата од страна на ѕидарот. Слушни го спасоносниот глас кој говори:
“Зашто, кој од вас, кој сака да соѕида кула, нема да седне најнапред за да направи сметка колку ќе чини и дали има сѐ што е потребно за да ја доврши?
Во спротивно, ако веќе ги поставил темелите, а не може да ја доврши, сите што гледаат, ќе почнат да му се смеат, и да зборуваат:
‘Овој човек почна да ѕида и не може да доврши’ (Лк. 14, 28 – 31)”
Кратка е војната на војникот, додека војната на монахот трае сѐ додека не замине при Господа.
Затоа делото треба да се започне co голема грижа, трпение и трезвеност. Чедо, ако сакаш да се обидеш да заколеш лав, стегни го цврсто и силно, за да не ти ги скрши коските како сад од земја.
И доколку се фрлиш в море, немој да бидеш малодушен сѐ додека не излезеш на суво, за не потонеш на дното како камен.
Немој денеска (наоѓајќи се пред вратите на монаштвото и одговарајќи на прашањата) да кажеш дека се ќе претрпиш, а утре на дело тоа да не го исполниш.
Зашто, Божјите ангели невидливо присуствуваат и слушаат сѐ што излегува од твојата уста.
Чедо, никој не те присилува, туку доброволно и вистински ветуваш.
И во иднина немој да ги изневериш заветите што си ги дал пред Бога, имајќи предвид дека Он ги уништува сите лажливци. (Пс. 5, 6)
Чедо, ако поставиш добар почеток, и во староста ќе му бидеш угоден на Бога, и на многумина како светилник ќе им светиш на патот Господов.
Постави цврст темел, за делото да може да расте во висина. Ако си станал монах оставајќи високо место во празниот живот, варди се од демонот на високоумието (високото мислење за себе), за да не те надвладее и за да не те турне во погибел.
He е срамота да живееш во послушание заради Господа и co своите раце да правиш добро. Зашто, малите грижи и тешкотии што ги поднесуваш за Господа ќе бидат причина да стекнеш вечен живот.
Што друго да кажам. Сите тешкотии на монашкиот живот, во споредба co славата што ќе им се даде на оние што се подвизуваат и што се трудат, личат на една пара што се разменува за десет илјади златни таланти.
Малку даваш, а добиваш многу.
Ако старешината те предаде на некој брат, за да му бидеш помошник, немој во својот разум да велиш:
“Јас сум син на славни и познати родители, а овој потекнува од безначајни, не многу важни, сиромашни, а можеби и од слуги.”
Или:
“Тој не ја познава светската мудрост, a jac ja познавам. Како може јас да му се потчинам? За мене е навреда такво нешто.”
Чедо, немој да размислуваш така, затоа што не е правилно (разумно). Оној што размислува на тој начин сѐ уште не го отфрлил од себе стариот човек…, кој се распаѓа во измамливите желби. (Еф. 4, 22)
Чедо, ние еднодушно се предаваме во ропство на браќата заради Бога. Да истраеме за да се удостоиме за слободата на праведниците, сеќавајќи се на Господа Кој, иако богат, осиромаши заради нас, за да се збогатиме и ние преку Неговата сиромаштија. (спореди 2 Кор. 8,9).
Он трпел да го викаат Самарјанин и да му велат дека има демон во Hero (Јн. 8, 48), за да ја исправи нашата неразумност. Наведни го својот врат, без срам, под благиот јарем од Господа (Мт. 11, 30) за да најде мир душата твоја.
Слушни за следнава случка.
Двајца борци заедно отишле да се пресметаат co своите противници. Едниот носел богата облека, а вториот сиромашна.
Меѓутоа, двајцата се соблекле и голи влегле во борба. И дали првиот ја употребил својата богата и скапа облека како оружје во часот на борбата, или, пак, ја соблекол како целосно непотребна во борбата, покажувајќи храброст, вештина и крепост во однос на противникот?
Така и ти. Немој да мислиш на она што си го оставил.
Зашто, секој го оставил она што го имал и го соблекол стариот човек, за да се облече во нов. (Кол. 3, 9 – 10) Меѓутоа, чувај ја смиреноста, знаејќи дека во борбата си влегол гол, како и останатите соборци, зашто е напишано:
“зашто, она што мегу луѓето се цени, пред Бога е одвратност. (Лк. 16, 15).
Немој да се гордееш co својата светска мудрост. Зашто, Писмото вели:
“Зашто мудроста од овој свет е безумство пред Бога (1 Кор. 3, 19), и повторно:
“Ако некој мисли дека е мудар мегу вас во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар.” (1 Кор. 3, 18).
Заборави го своето претходно живеење за да можеш смело да побараш од Бога прошка на поранешните гревови. Значи, отфрлајќи го старото и смирувајќи го своето мудрување, преку служењето и помагањето на браќата, собирај богатство што не пропаѓа.
Чистејќи го дворот од ѓубрето, погрижи се и внатрешниот човек да го очистиш од светските желби. Доколку ја чистиш пепелта од храната, сети се на пророкот, кој вели: “Јадам пепел како леб и пијалакот свој co солзи го мешам.” (Пс. 101, 9)
Гледајќи на огнот, мисли на вечниот оган што ќе ги гори грешниците и оплакувај ги своите гревови. И сѐ што правиш, прави co смирение и co добри помисли, и ќе добиеш голема корист и ќе ја привлечеш врз себе Божјата благодат.
Зашто, речено е: “Бог им се противи на горделивите, а на понизните им дава благодат.” (1 Петр. 5, 5).
Доколку се трудиш многу, помисли на оние што страдаат во прогонство, во рудниците и на оние што извршуваат тешки работи и потчини му се на старешината во Господа. Зашто, работата што ќе ја претрпиш заради Господа не е како човечката работа.
И кој од оние што биле навредени и преморени заради некој цар, пцовката не ја сметале за почест, a трудот – за одмор?
Тогаш, зошто сме заминале од светот ако немаме добра волја да ги поднесуваме бесчестењата и напорите заради Господа?
Чедо, кој е достоен и блажен да страда за Hero?
Доколку трпиш за Hero, знај дека малку даваш, а добиваш многу. Зашто, најнапред ни е потребно трпение, па откако ќе ја исполниме волјата Божја, да го добиеме ветеното. (Евр. 10, 36).
Зашто, Он рекол: “Кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен.” (Мк. 13, 13)
Ha оние што ги оставиле убавите положби им прилега да се смиреноумни. Реченото, пак, уште повеќе им прилега на оние што во монаштвото пристапиле од сиромашен и напорен живот.
Тие треба да живеат понизно и треба да го одбегнуваат високото мислење за себе, дури и кога ќе се случи да им биде укажана поголема чест од останатите.
Тие треба да покажат голема кротост и смирение, постојано сеќавајќи се и мислејќи на Господовите доброчинства, т.е. на тешкотиите од овој век од кои Он ги спасил, за да не се расипува нивниот ум, за да не го заборават своето претходно нечесно живеење и за да не паднат во гордост (надменост).
Инаку, по примерот на неблагодарните кон Добротворот, ќе го слушнат она што се вели во Псалмите: “И човек што живее неразумно, заприлегува на животните што загинуваат.” (Пс. 48, 12)
Затоа, чедо мое, преку целиот свој живот смирено да му служиме на Господа, “Кој од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот” (Пс. 112,7), за да нѐ удостои после смртта да ја примиме славата на кротките и смирените, имајќи предвид што е напишано:
“Зашто Господ… им отплатува на оние, кои гордо постапуваат.” (Пс. 30, 23)
Подготви Мина Даниловска