При Христовото крштевање се објави Света Троица.

Впрочем, една од целите на Божјото вочовечување, но и на Христовото крштевање, беше откровението на Триедниот Бог, дека Бог, иако има една суштина и природа, но, сепак, е Триипостасен – Отец, и Син и Свет Дух.

Така, значи, се слуша гласот на Отецот, Кој сведочи и потврдува дека Тој што се наоѓа во Јордан во тој час е Неговиот Син, а, исто така, присуствува и Светиот Дух „како гулаб”.

Истото откровение на Триедниот Бог и истата потврда на Отецот се случува нешто пред Христовите страдања, при Неговото преображение, кое се случи на гората Тавор

Собитијата во врска co тоа ќе ги видиме кога ќе го анализираме Христовото Преображение.

Свети Григориј Палама најбогословски и чудесно анализира зошто се јавува Триедниот Бог во тој момент. Тој учи дека Триедниот Бог се јавува при создавањето и при пресоздавањето на човекот.

Создавањето на човекот е заедничко дејство на Триедниот Бог, бидејќи Отецот преку Синот во Светиот Дух создава сè. Впрочем, во Светото Писмо се вели дека Триедниот Бог го одлучи создавањето на човекот:

„да создадеме човек според нашиот образ и подобие” (1 Мојс. 1, 26). Отецот го создаде човекот според образот на Логосот и го вдахна животот преку Светиот Дух.

А бидејќи заедничко е дејството на Триедниот Бог, затоа целата Света Троица учествуваше во создавањето на човекот.

Значи, требаше да се јави Триедниот Бог и при пресоздавањето на човекот. Впрочем, по Своето крштевање Христос официјално го започна Своето дело за спасението на човечкиот род.

Јавувањето на Триедниот Бог при пресоздавањето на човекот покажува и една друга богословска вистина – дека на земјата само човекот е посветеник и поклоник на Света Троица, но и дека е единствениот создаден според образот на Триедниот Бог.

Како што богословски објаснува свети Григориј Палама, животните немаат ум и разум, туку само дух животен, дух кој не постои сам по себе, што значи дека кога умираат животните се губи и духот, не останува, бидејќи нема суштина, туку само енергија.

Исто така, ангелите и архангелите имаат ум и разум, но немаат дух што оживотворува тело, бидејќи се натсетилни.

Меѓутоа, човекот има ум, разум и дух што оживотворува тело и затоа само тој е според образот на Триипостасното Божество.

Впрочем, од тие причини Синот и Логосот Божји, co цел да го спаси и да го преобрази светот, стана човек, а не ангел, бидејќи човекот е резиме на создавањето.

Така, преку обожениот човек го имаме и преобразувањето и измената на тварта.

Пренесено од книгата “Господовите празници”

Подготви: Мина Даниловска

 

Претходна статијаЕдна солза на покајание има иста сила co водата на Крштението…!
Следна статијаБог е „оган што изгорува”, кој го гори злото…!