Радувајте се на сѐ што нѐ опкружува! Сѐ нѐ поучува и води кон Бог.

Сѐ што е околу нас се капки на љубовта Божја – и вештествената и невештествената твар, и растенијата, и животните, и птиците, и планините, и морето, и зајдисонцето, и ѕвезденото небо.

Тоа се мали љубови, преку кои се стигнува до големата Љубов, до Христос. На пример, цвеќето има своја убавина и нѐ поучува со својот прекрасен мирис и величествена убавина. Тоа ни зборува за љубовта Божја. Својата арома и убавина великодушно им ја дарува и на грешниците и на праведниците.

Користете ги убавите мигови!

Убавите мигови во душата создаваат расположение за молитва и ја прават чувствителна, племенита, поетска. Станете рано наутро за да го видите вжареното сонце кога, како цар во порфира, излегува од морето.

Кога сте воодушевени од некој убав предел, или некоја црквичка, или што било убаво, не задржувајте се на тоа, туку одете подалеку, сѐ додека не стигнете до славословие за сѐ што е убаво, за да Го искусите Единствениот Прекрасен.

Сѐ е свето – и морето, и капењето, и јадењето… Радувајте се на сѐ! Сѐ нѐ збогатува, сѐ нѐ води кон големата Љубов, сѐ нѐ води кон Христос.

Обрнете внимание на сѐ што изградил човекот – на куќите, на големите и малите згради, на градовите и селата… Обрнете внимание на луѓето и на нивната култура и цивилизација.

Прашувајте, надградувајте го своето знаење за сѐ и сешто, не бидете рамнодушни. Тоа ви помага подлабоко да ги согледувате чудесата Божји. Сѐ ни дава можност да се поврземе со сите луѓе и со сета твар.

Сѐ ни дава причина за благодарење и за молитва кон Господ на сѐ. Треба во сѐ да живеете – во природата, во сѐ што постои. Природата е таинствено Евангелие. Но кога некој нема внатрешна благодат, нема никаква корист од природата. Природата нѐ буди, но не може да нѐ воведе во рајот.

Духоносец, што значи човек што во себе Го има Духот Божји, забележува сѐ покрај коешто поминува. Тој е целиот око, целиот е сетило за мирис. Сите сетила му се живи, но живи со Духот Божји.

Тој е поинаков. Сѐ гледа и сѐ слуша. Ги гледа птиците, каменот, пеперутките… Кога некаде поминува, чувствува сѐ околу себе, на пример, мирисот што доаѓа од некаде. Во сѐ живее: во пеперутките, во пчелите…

Благодатта му дава да има восредоточено внимание или дар на забележување. Тој сака да биде во заедница со сѐ што постои.

Свети Порфириј