Дообјаснување за петте контролни точки (08.12.2018 10:20)
Гледам дека има потреба уште да се потсетуваме на методот на петте контролни точки (ПКТ), кој е единствен метод на православната психотерапија преку кој можеме да го надминеме секое искушение – од најмалото до најголемото.
Секое искушение, од најмалото до најголемото, го надминуваме со негово прифаќање како дар Божји, со благодарност кон Бог за истото, со свесност дека вината за слученото е секогаш наша, со непокажување надворешно на нашата моментална внатрешна состојба и со континуирана молитва преку која продолжуваме да ја градиме нашата заедница со Бог и со сите луѓе.
Колку побрзо ја восогласиме нашата душевна состојба во Духот на петте контролни точки, толку побрзо ќе ја надминеме нашата разбранувана душевност и толку побрзо ќе влеземе во мирните води на православната духовност.
Всушност, и самата идеја на методот на ПКТ се состои во што побрзото надминување на искушението, со што помали штетни последици за нас и за засегнатите околу нас.
Сакам да потенцирам дека секое восовршување во борбата со демонот во себе, како и со демонот во другите, започнува со потполна теоретска и соодветна практична обука во мали искушенија.
Справувањето со малите искушенија ја одржува нашата будност, ни овозможува континуирано вежбање и е превенција од поголемите искушенија. И, Бог допушта искушенија соодветно на нашата способност за вежбање.
Не треба да очекуваме големи искушенија, па да го спроведеме методот на ПКТ. Буквално, во секој момент од нашиот живот се наоѓаме во некакво искушение, односно испит што ни се случува на несвесно или свесно ниво, и што ни предизвикува стрес. Ѓаволот лежи во деталите. Наше е да бидеме будни.
Без вежбање ништо не можеме да научиме – тоа е познато. И, не само што не можеме да научиме, туку го забораваме и теоретското знаење. Повторно ќе речам, да не чекаме да се случат големите искушенија, тогаш е доцна за вежбање.
А, големите искушенија секако ќе дојдат, сакале ли ние тоа или – не.
Полесно се учи справување со нешто што е полесно, отколку кога ќе дојде потешкото.
Будноста и вежбањето во справувањето со малите искушенија е превенција од поголемите искушенија. Всушност, погледнато од аспект на справување со искушението – нема мали и големи искушенија; има само правилно или неправилно справување со искушението.
И еден општ совет: да не се луксузираме со демонската помисла дека сме подобри од кој било човек! Поради оваа помисла многу се страда.
Затоа Богочовекот Христос ни заповеда да се држиме до последното место, кое во пракса не е ништо друго, туку влез во умно-срдечната молитва.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум