„Пресвета Богородица е Мајка на Бог, и оттаму Мајка на сѐ божествено,
сѐ свето, сѐ небесно, сѐ вечно,
сѐ богочовечко, сѐ најдобро, сѐ најубаво.
Од сѐ добро, Таа е најдобра; од сѐ свето, Таа е најсвета;
од сѐ чисто, Таа е најчиста; од сѐ прекрасно, Таа е најпрекрасна;
од сѐ добродетелно, Таа е најдобродетелна.
Во сиот род човечки, после Господ Христос, Таа е најсовршена Богочовечка Седобродетел. Без сомнеж, Таа е најсовршен образец на сѐ најдобро.
Неспорно, Пресветата Богомајка е најголема и најбогата Дародарителка на родот човечки.
Таа ни Го даде, ни Го роди Бог, како човек, како Богочовек.
И со Него: Вечната Вистина, Вечната Правда, Вечната Љубов, Вечната Добрина, Вечниот Живот.
И со тоа Таа го даде сето она што секогаш му е потребно на секое човечко битие: спасението, охристовувањето, обогочовечувањето, обожението, отроичувањето – сите свети тајни и сите свети добродетели.
А низ сето и во сето тоа најмилото чудо,
чудесниот и сечудесниот Бог Господ, Исус Христос Богочовекот.
Заради сето тоа, севистинита и боговдахновена е благовеста на светиот отец наш Григориј Палама:
Никој не доаѓа при Бог освен преку Пресвета Богородица и од Неа родениот Посредник, и ниту еден од Божјите дарови не им се дава ниту на ангелите ниту на луѓето, освен преку Неа…
Дева Мајка е неспоредливо поголема од сите и од сѐ…
Таа е основа на пророците, глава на апостолите, храброст на мачениците, темел на учителите, слава на сѐ земно, радост на сѐ небесно, украс на сета твар.
Таа е почеток и извор и корен на неискажливи добрини. Таа е врв и совршенство на сѐ свето.
Преку Богомајката „светителите ја примаат нивната светост“.
(Преподобен Јустин Ќелиски)