ПРОМЕНЛИВОСТ
• Не чудете се што во себе гледате постојана променливост и не надевајте се дека до смрт ќе се избавите од неа, или подобро речено – не залажувајте се со таа надеж; инаку секогаш одново ќе бидете изненадени co длабока вознемиреност, која уште посилно ќе дејствува на вас и дури и ќе ве соборува.
Поклонете и’ се на Вистината – Таа постојаната човечка променливост ја лекува со заповед на постојано покајание.
• He вознемирувај се заради страстите кои те обземаат, туку труди се да им се спротивставиш колку што можеш; се’ додека човекот се наоѓа на земја и е облечен во распадливо тело, подложен е на промени; еднаш чувствува мир и спокојство во срцето, кое не е поматено со никаква страст, друг пат се наоѓа потполно обземен од отрастите.
Променливост не’ учи на самоспознавање, на смирение и на тоа дека треба да се надеваме на Божјата помош, бидејќи штом таа ќе не’ остави, макар и за миг, ние правиме страшни беззаконија.
• He вознемирувај се што повремено чувствуваш озлобеност, студенило и дејствување на страстите. Таквите периоди на душевно расположение треба трпеливо да се поднесуваат.
Свети Макарие Велики рекол:
„Во секој од нас се случуваат промени, како и во воздухот: еднаш времето е убаво, еднаш врне, дува ветер и тмурно е…”
Друг свет, преподобен Исак, наведувајќи ја и објаснувајќи ја оваа изрека на преподобен Макарие, вели:
„Обрни внимание на тие зборови: не се без причина упатени на сите. Употребени се со цел да покажат како сите луѓе, без исклучок, не само грешните, туку и светите, повремено се обземени од страстите.
На земјата нема постојана непогрешивост и постојано душевно расположение. Бидејќи непроменливоста му е својствена на идниот век”.
Затоа на своите душевни промени треба да се гледа со разбирање, треба да Му се покажува и открива на Бог својата гревовност и воедно да се предава на Неговата света волја, молејќи од Него милост и помош.
• Трудете се да не се препуштате на расеаност. Ако се случи, од немоќ, која ни е својствена на сите, таа и да ве совлада, не предавајте се на униние.
На човекот на земјата не му е својствено да не паѓа – дури ниту на жителот на најоддалечената пустина и на осаменикот.
Променливоста и страста неизоставно делуваат во секој човек – и во најстрогиот отшелник. Уште повеќе не може да ги избегне оној кој живее во светот, опкружен со секакви соблазни.
Не барајте од себе невозможно, не барајте го од вашата душа она што не може да ви го даде. Лекувајте ги вашите страсти со покајание, а недостатокот на дела надополнувајте го со понизност на духот.
Пренесено од книгата “Енциклопедија на православниот духовен живот” од Свети Игнатиј Брјанчанинов