(Преподобни Нил Сорски)

Божјата милост не е ништо друго, освен благодатта на Светиот Дух која треба да ја бараме од Бога ние грешните, непрестајно да ивикуваме кон Него :

„Господи помилуј!“   Покажи ја Господе, Твојата милост, спрема мене грешниот, во оваа тешка состојба во која се наоѓам, и подари ми ја пак Твојата благодат:

дај ми дух на сила, укрепи ме, за да можам да им се протиставувам на ѓаволските искушенија и на моите гревовни навики; дај ми дух на мудрост за да можам да се поправам;

дај ми дух на страв, за да се плашам да Те навредувам и да ги исполнувам Твоите заповеди;

дај ми дух на љубов, за да можам вистински да Те сакам и веќе да не се оддалечувам од Тебе;

дај ми дух на мир, да ја запазувам мирна мојата душа, да ги соберам сите мои помисли, да живеам безмолвен живот и да не бидам измачуван од помислите;

дај ми дух на чистота, кој ќе ме запазува чист од секоја нечистотија;

дај ми дух на кротост, за да бидам тивок и благ спрема моите браќа христијани и да се воздржувам од гневот;

дај ми дух на смирение, за да не мислам високо за себе и да не бидам горд.

Оној што знае и што чувствува колку е потребно сето ова што го спомнавме, па, барајќи го од многумилостивиот Бог, тој вика:

„Господи помилуј!“.

Тој секако го добива она што го бара и се удостојува и со Божјата милост и со Неговата благодат.

Но, оној што не знае за ништо од ова што го кажавме, а само од навика извикува:

„Господи помилуј !“, за таквиот никогаш нема можност да ја добие Божјата милост.

Зашто и пред тоа тој добил многу милости од Бога, но не бил свесен за тоа и не му благодарел на Бога за тие Негови големи дарови.

Тој добил милост од Бога тогаш кога бил создаден и кога странал човек; добил миост и тогаш кога станал Православен христијанин, кога бил пресоздаден во светото крштение; добил милост и тогаш кога се избавил од толку душевни и телесни беди кои ги доживувал во својот живот:

Божја милост добивал секој час кога се удостојувал да се причестува со светите и Божествени и пречисти Тајни;

добивал Божја милост и секојпат и кога многупати и кога на најразлични начини му биле правени добрини од Бога, но или не ги сознавал или ги заборавил!

 

(Преподобни Нил Сорски)

Превод Мина Даниловска