53.
23 јануари 1951 г.
Пишуваш дека си расеана од светските обврски и немаш доволно ревност да те подигне од земјата.
Не тревожи се! Биди задоволна од тоа што го имаш: тежнеење кон она што единствено ни е потребно. Секој има свој начин на живот.
Приспособи се на својата положба и настојувај се’ што работиш да биде за Бога. Кон созерцателен живот не настојувај, потруди се да водиш полн живот со дела.
Па нели ти зборував: труди се да ги исполнуваш евангелските заповеди, при Второто Господово доаѓање ќе се суди според Евангелието.
Сепак, не сметај Го Бога за строг казнувач. Тој е многу милостив.
Слава, Господи, на Твоето милосрдие!
Ако се случи да отпаднеш од добродетелта, не плаши се, бидејќи нашата човечка природа е непостојана. Само на ангелите им е својствено постојано да престојуваат во добродетелта, како што вели Апостолот:
„Што е зад тебе заборави го, а настојувај кон она што е пред тебе!”
Јас сега малку читам книги, ги читам само забелешките што ги направив во различно време. Не се држам до определеното молитвено правило, настојувам да го исполнувам правилото на цариникот.
Повеќе сакам да ги читам Евангелието, Апостолските посланија и Псалтирот со толкување. Кога ќе легнам в кревет, се трудам на глас да го кажувам Евангелието, колку што можам по сеќавање, тоа за мене е многу корисно.
Немам истомисленици со кои би поразговарал за она што единствено ни е потребно. Ах, колку големи богатства се за нас грешните светоотечките списи!
Кога почнувам да читам, се чувствувам како порано да не сум ги читал. Еве, денес го прочитав IV слово кај преп. Исак Сирин — едноставно прекрасно!
Мене сега ме освојува мислата за идниот живот.
Вечност — нема крај! Од тоа ме полазуваат морници!
Тука, на Земјата, колку тешко и да се живее — сите тие силни неволји и тешки болести престануваат со смртта на човекот.
Некои во тешките мигови велат: „Што побргу да умрам!
” Тоа е некаква утеха — страдањата да завршат.
А во идниот живот што да се очекува?
Вечноста нема крај. Господи, помилуј не’ грешните!
Утешно е да се чита Светото Евангелие. Понекогаш станувам ноќе, ќе прочитам една глава и лежејќи ја повторувам, дури и со солзи се обливам од Божјото милосрдие.
Чудесно е Божјото милосрдие за нас грешните! Господ го примил нашето тело и станал вистински човек (во се’, освен во гревот). Нема да скријам од тебе, ги пишувам овие редови и плачам. Ти пишувам не од суета, туку едноставно ги делам своите внатрешни доживувања co човек истомисленик.
Оваа седмица јас ќе служам и ќе те споменувам во своите молитви. Господ нека те чува!
Потруди се да ги предадеш оние нафори, ни себе не скратувај си — земи две.
Го призивам врз тебе Божјиот благослов, со љубов во Христа.
Пренесено од книгата “Писмата на валаамскиот старец” (53 писмо)