ПРИСТРАСНОСТ
• Свети Симеон Нов Богослов вели:
„Ако некој, тајно или јавно, ја претвори љубовта кон Младоженецот Христос во љубов кон било што друго, и ако неговото срце биде обземено со таа љубов, тој ќе му стане омразен на Младоженецот и недостоен за соединување со Него. Он рекол:
‘Јас ги сакам оние кои Мене ме љубат'”.
• Зрнцето прав, кога ќе влезе во окото, го загрозува видот: навидум неважната пристрасност го лишува разумот од неговата праведност, го поврдува и го менува начинот на размислувањето на подвижникот.
• Христос, Законоположникот на љубовта, не заповедал одрекување од љубовта, туку од пристрасноста, од таа болест и извитоперување на љубовта.
Имај љубов кон сите, особено кон слугите Божји; а пристрасноста лекувај ја, оградувај се од неа со одрекување од предметите… – со предавање на предметите на Создателот.
Немој да ги присвојуваш предметите; својата слобода принесувај ја на жртва на Единиот Бог. Со такво самоодрекување, отфрлање на се’ и оставање на саможивоста, можеш да имаш духовна љубов кон секој ближен.
• „Светот не е ништо друго, туку похота на телото и похота на очите и светска суета; сето тоа се крие во срцето. Сето тоа треба да се исфрли од срцето, за тоа да се просветли, бидејќи светот и духовната просветеност на срцето се спротивставени едно на друго.
Едното треба да излезе надвор, за да има место за другото, и колку повеќе излегува светот, толку повеќе срцето ќе се просветува” (свети Тихон Вороњешки).
Човечкото срце е едно: кога копнее по минливото, тоа заборава на вечното; кога пак ќе се сврти кон вечното и кога ќе се задлабочи во него, тогаш заборава на минливото и не се грижи за него.
Во срцето нема место за две грижи – и за минливото и за вечното; во срцето не можат да постојат два вида на љубов – за минливото и за вечното. Секогаш преовладува едно од тие две: или минливото или вечното.
Пренесено од книгата “Енциклопедија на православниот духовен живот” од Свети Игнатиј Брјанчанинов