СВЕДОШТВА ЗА ЧУДАТА НА СТАРЕЦОТ ПОРФИРИЈ (2. дел)
Панајотис Сотирхос – новинар, писател
Клитос Ј. : Господине Сотирхос, имавте среќа да го запознаете старецот Порфириј. Позборувајте ни за неговата личност и за неговата светост.
Панајотис С. : Упокојувањето на старецот Порфириј го возбуди сиот грчки свет, не само географски туку и вселенски, по целата земна шир.
Тоа не е мое лично убедување; сите негови духовни чеда веруваа во тоа. Старецот Порфириј е еден светител со голема духовна величина, еден вистински светител. Сите што имаа среќа одблизу да го запознаат ја гледаа неговата светост: и во неговото молчење, и во неговите дела.
Велам дека е свет не само затоа што верувам во тоа туку и затоа што спонтано ми доаѓа така да го наречам. Не можам да зборувам за него поинаку, зашто ги имше сите карактеристики на еден светител.
Бог веќе не удостои да ги имаме знаците на блажениот старец, не само додека се наоѓаше на земјата туку и веднаш по неговото претставување.
Ќе го наведам следново сведоштво. Еден мошне образуван човек овде, во Атина, духовно чедо на старецот Порфириј, години наназад каков проблем и да имаше одеше кај старецот или му телефонираше за да се посоветува со него.
Но тие денови кога старецот се упокои беше во странство, па така не дозна веднаш за неговото упокојување.
Кога се врати во Атина, се соочи со еден семеен проблем и посака, како и секогаш, да се посоветува со старецот. Го крена телефонот, го сврте телефонскиот број од собата на старецот и го слушна како му одговара самиот старец Порфириј.
Откако го поздрави и побара благослов, му кажа за неволјата и побара совет. Старецот му кажа што треба да прави, а што да одбегнува. Духовното чедо му заблагодари и му рече:
„Ќе дојдам, старче, да Ве видам, штом ќе можам“. Му вели тогаш старецот Порфириј: „Да не ме бараш веќе по телефон, зашто умрев“.
Клитос Ј. : Господине Сотирхос, ова е толку потресно што и самото е доволно некои да го сметаат за неверојатно.
Панајотис С. : Вистина е, г – дине Јоанидис, може да се чини неверојатно, но не е неверојатно. Едноставно тоа е рефлекс на љубовта Божја. Како што велеше еден познат светогорец, да возмогнеме да ја вкусиме љубовта Божја кон човекот, тогаш самото тоа уште отсега ќе нè внесе во рајот.
Старецот се подвизуваше повеќе од седумдесет години. Од својата детска возраст, па сè до длабоката старост, тоа беше еден човек кој постојано се подвизуваше и се бореше и за себе и за своите духовни чеда.
Поради тоа Бог и му даде толку многу и толку големи дарови, како што беа, проѕорливоста, предвидувањето, пророштвото и главно – неговата чудотворна молитва.
Голем број учени луѓе го бараа неговиот совет и пред да одат на некој научен конгрес, или кога станува збор за лекарите – пред да извршат некоја сериозна хируршка интервенција, или кога сè работи за научници од други специјалности – пред да донесат некоја сериозна одлука.
Панајотис С. : Старецот ги знаеше поединостите и на времето и на просторот.
Претпоставувам дека знаете дека го виде и нападот на Турците во Кипар. Тоа страшно утро, во мугрите на 20 јули 1974 г., рипна од креветот и ги разбуди и своите собраќа.
Во овој момент“, им рече, „Турците влегуваат на Кипар“. И им ги покажа и конкретните места каде што Турците се истоварија…
Еднаш старец Порфириј тргна со три негови духовни чеда да оди во еден манастир, за да отслужат Вечерна. Старецот Порфириј се измори и помислија да најдат возило наместо да одат пеш.
Во тој момент се појави оддалеку едно такси. Тогаш оние што го придружуваа – и тројцата беа мирјани, не клирици – му рекоа на старецот да му дадат знак на таксито да застане, и да го прашаат возачот дали може да ги префрли до манастирот.
„Не грижете се“, им рече, „сам ќе застане. Но, кога ќе влеземе во колата никој да не зборува со него: само јас ќе зборувам.“
Така и се случи. Запре таксистот и без тие да му дадат знак. Влегоа во колата, а отец Порфириј му ја кажа дестинацијата.
Штом тргнаа, таксистот почна да ги напаѓа клириците и да ги обвинува за илјада и една работа. И секојпат кога ќе кажеше нешто, им се обраќаше на тројцата мирјани што седеа на задното седиште и ги прашуваше:
„Не е ли така, бре деца? Што велите вие?“ Но тие молк; не зборуваа ништо, според заповедта на старецот.
Кога виде таксистот дека другите не му одговараат, се сврти кон старецот Порфириј и му рече:
„Не е ли така, оче? Ти што викаш? Вистина се овие работи што ги пишуваат дури и весниците?“ Му вели тогаш старец Порфириј:
„Ќе ти кажам, дете, една малечка сторија. Ќе ти ја кажам еднаш; нема да треба втор пат.“ И почна да му раскажува:
„Си беше еден човек од тоа и тоа место (старецот го спомена името на местото), кој имаше за комшија еден човек во години и богат со имот. Една ноќ тој го уби комшијата и го закопа. Потоа, со разни лажни документи, му го зеде имотот и го придаде. И знаеш што купи со парите што му ги зеде од продажбата со имотот? – Едно такси.“
Таксистот, штом ја слушна оваа приказна толку многу се возбуди, застана со колата на крајот од патот и викна: „Не зборувај ништо, старче; само јас и ти го знаеме ова.“
„Го знае и Бог“, му одговори старецот. Тој ми рече да ти кажам. И да внимаваш, отсега да си го смениш животот:“
Клитос Ј. : Значи, г – дине Сотирхос, старецот Порфириј, со дарот на проѕрливост, виде дека таксистот го извршил ова убиство? Ова е повеќе од потресно!
Панајотис С. : Духовно чедо на старецот Порфириј, кое живее во Јужна Африка, му телефонира еден ден оттаму, да побара совет за некој свој проблем.
Додека зборуваат по телефон, старец Порфириј го прашува: „Што се случува?
Престана ли таму дождот или уште врне?“ Старецот Порфириј, иако се наоѓаше во Грција, знаеше дека во Јужна Африка тој ден врне.
Тој што му телефонираше знаеше за дарот на проѕорливост, за дарот на предвидување и за другите големи дарови на старецот Порфириј, и кога го завршија разговорот, му рече: „Имам овде еден мој пријател кој би сакал да позборува со тебе и да земе благослов“; му го кажа ова, но не му го кажа името на пријателот; рече едноставно „еден мој пријател“.
Пријателов ја зема слушалката од телефонот и го слуша старецот Порфириј како му зборува:
„Добро вечер, дете мое тој и тој“. Тој се потресе. И веднаш потоа го слуша: „Што прават твоите четири ќерки?“
А потоа: „Да внимаваш на големата, зашто има проблем и може да направи грешка.“ Овде треба да појаснам дека старецот Порфириј ниту го познаваше овој човек, ниту пак некогаш се беа сретнале. Затоа тој, слушајќи ги овие работи што му ги зборуваше старецот, потстана од возбуда, зашто стана свесен дека зборува со светител.
Оваа случка покажува дека старецот Порфириј не се грижеше само за своите духовни чеда и за оние што доаѓаа кај него туку за секоја човечка душа.
Клитос Ј.: Тоа и беше величината на љубовта негова, што те обземаше уште од првиот миг штом ќе го видиш или ќе позборуваш со него, дури и телефонски.
Панајотис С.: Основниот и голем подвиг на старецот Порфириј, покрај самоунижувањето, бдеењето и постот, беше молитвата. Токму преку молитвата можеше да ги види минатите состојби, сегашните, оние во развој и идните.
Еден професор од Техничкиот факултет кој требаше да оди на некој европски конгрес отиде прво да земе благослов од старецот; зборуваа за некои прашања од астрономијата. И како што ни потврди професорот, старецот му кажал со што ќе се сретне на конгресот и како би требало да постапи.
Професорот толку многу се потресе кога во текот на конгресот виде дека се потврдува тоа што претходно му го имаше кажано старецот, што кога се врати не само што стана најсмирено духовно чедо на старецот Порфириј туку и редовно одеше во манастирот во Милеси да помага со својот телесен труд, сакајќи да се смири.
Кај старецот доаѓаа луѓе не само од Грција туку од целиот свет, дури од Јапонија. Доаѓаа и му го изложуваа својот проблем, целиот неспокој и сè друго што имаа во себе. И на сите им помагаше со многу љубов, смирение, кроткост и со молитва; пред сè со молитвата.
Во еден наш разговор – имав благослов да го слушам повеќепати – ми имаше кажано: „Постојат старци кои кога ќе ги рашират рацете на молитва можат да ја покријат цела Грција“. Се разбира, без да каже дали тоа што го кажа се однесува на него или на некј друг.
Клитос Ј.: Секојпат кога се среќавав со старецот Порфириј чувствував дека разговорот со него беше своевиден духовен празник. А тоа што ми оставаше најголем впечаток беше слободата што му ја оставаше на соговорникот.
Во неговото лице ја гледав воплотена сета слобода на Православието.
Панајотис С.: Старецот Порфириј никогаш никого не принудуваше да направи нешто и никогаш не сугерираше што и да е што би му ја одзело слободата на другиот. Затоа не сакаше ни ние да претеруваме со другите, туку да ги почитуваме. Имајќи ваква светост во себе, гледаше на светот со една бескрајна милостивост.
Токму со споменатата слобода што му ја даваше на соговорникот старецот му помагаше на најдобар начин да сфати дека се наоѓа на погрешен пат. Секогаш кажуваше дека треба да се чуваме од ересите.
Основна особина му беше да ги прима сите. Ги примаше и одрекувачите и безбожниците. И гуруата ги примаше, без никого да осудува за неговата идеологија.
Но на сите им нагласуваше дека вистината е во Христос и во православната вера.
(Пренесено од СТАРЕЦ ПОРФИРИЈ, Книга 1, од Клитос Јоанидис)