Успение на Пресветата славна владичица наша Богородица и Приснодева Марија

Утрена

Канон на кир Козма.

Песна 1.

Ирмосː Преукрасена со божествена слава, твојот свештен и славен спомен, Дево, ги собра заради веселие сите верни кои, под водство на Маријам, со хорови и тимпани, Му пеат на твојот Единороден (Син), зашто славно се прослави.

Додека невештествените чинови го окружуваа на Сион твоето божествено тело, кое се спремаше да замине на небесата, ненадејно се собра мноштвото апостоли од краиштата на вселената, и веднаш застанаа крај тебе. Со нив, пак, Чиста Дево, и ние твојот чесен спомен го славиме.

Кога Го роди Бога, Пречиста, ти ја победи природата. Но, следејќи го примерот на Твојот Син и Создател, надумно им се покоруваш на природните закони. Затоа, откако умре, воскреснуваш со Синот за вечноста.

Песна 3.

Ирмосː Христе, Божја мудрост и сило, Кој создаваш сѐ и одржуваш, утврди ја Црквата и непоколеблива и неподвижна, зашто си единствен свет и почиваш во светиите.

Кога славните апостоли те видоа како мртва жена, но натприродно и Мајка Божја, сенепорочна, со страв те допираа со своите раце, тебе – Божјата скинија, гледајќи те како болскаш со слава.

Правдата Божја бргу ги отсече дрските раце на насилникот, за да ја запази честа на живиот ковчег, со славата на Божеството, во Којшто Словото прими тело.

Ипакој, глас 8.

Сите поколенија те именуваат блажена, Богородице Дево, бидејќи Христос нашиот Бог благоволи да се смести во тебе. Блажени сме и ние, кои те имаме тебе за наша застапница, оти за нас се молиш дење и ноќе, и со твоите молитви се утврдуват скиптрите на царството. Затоа ти викаме: Радувај се, благодатна, Господ е со тебе.

Песна 4.

Ирмосː Зборовите на пророците и загатките, го претскажаа, Христе, Твоето воплотување од Дева. Сјајот на Твојот болскот ќе ги просветли сите народи, и бездната радосно ќе ти викаː Слава на Твојата сила, Човекоључе.

Видете, луѓе, и восхитувајте се, бидејќи Светата Гора која се гледа од секаде, се издигнува повисоко од сите небесни живеалишта, како земно небо кое се вселува во небесната и нераспадлива скинија.

Твојата смрт, Пречиста, за тебе беше премин во вечниот и подобар живот, водејќи те од привремениот, кон божествениот и траен (живот), за да Го гледаш твојот Син и Господ во веселие.

Се подигнаа небесните порти, и ангелите запејаа, и Христос ја прими Својата Мајка, како ризница на девството. Херувимите те кренаа весело, а серафимите слават радувајќи се.

Песна 5.

Ирмосː Божјата и неискажлива убавина на Твоите добродетели ќе ја фалам, Христе – вечната и ипостасна Светлина која засветли од совечната Слава, откако се воплоти од девствената утроба и ги осветли оние што беа во (смртна) сенка и во темнина.

Хорот апостолски, Дево, носен како на облаци, се собра од краиштата на земјата на Сион, за да ти служи тебе, лесниот облак, од кого Вишниот Бог, на оние што се во темнина и сенка, им изгеа Сонце на Правдата.

Прошталната песна, што со своите вдахновени усти ја пееја богогласните проповедници, беше посилна и од трубиː Радувај се, Нераспадлив Извору на Божјото, живоначално и за сите спасоносно воплотување!

Песна 6.

Ирмосː Морскиот кит кој испушташе оган од внатре, беше праслика на Твоето тридневно погребение, што го покажа пророк Јона. А тој, спасен од смртта, неповреден викашеː Со гласот ќе Ти принесам, Господи, жртва благодарствена.

Бог, Царот на сите, ти дава натприродни дарови, бидејќи, како што при раѓањето те запази Дева, така и во гробот го сочува нераспадливо твоето тело, и го прослави со неговото заминување кон Бога, дарувајќи ти чест како Син на својата Мајка.

Како светол свешник на нетварната светлина, како златна кадилница на божествениот жар, како стомна и жезол. И од Бога испишана таблица, како свет ковчег и трпеза на Словото на животот, со твоето раѓање, Дево, Синот Твој навистина те всели во Светињата на светиите.

Кондак, глас 2.

Во молитвите неуморната Богородица и сигурна надеж во посредувањето, гробот и смртта не ја задржаа, бидејќи, како Мајка на Животот, кон живот ја пресели Оној што се всели во Нејзината вечно девствена утроба.

Икос: Огради ги моите помисли, Христе мој, бидејќи се осмелувам да го воспеам Бедемот на светот – Твојата чиста Мајка. Моите зборови како цврст бедем поткрепи ги, и моите мисли да добијат сила и тежина, зашто Ти ги исполнуваш молбите на тие што викаат и просат со вера.

Дај ми, впрочем, јазик кој може јасно да се изрази, и мисла непосрамена, бидејќи секој дар што нѐ просветлува доаѓа од Тебе, Подателу на светлина, Кој се всели во утробата приснодевствена.

Песна 7.

Ирмосː Противејќи им се на јароста и на огнот, љубовта Божја пламенот во роса го промени, а гневот на мачителот во потсмев го претвори, преку духовната трогласна лира на преподобните (момчиња), одговарајќи им на музичките инструменти од средината на пламенотː Најславен Боже на татковците наши, и наш, благословен си.

Во својот гнев, Мојсеј ги скрши таблиците од Бога направени, и од Светиот Дух напишани; но, неговиот Господар ја запази неповредена онаа што Го роди, и сега во небесните домови ја всели.

Со неа радувајќи се, и ние на Христа Му пеемеː Најпрославен Боже на татковците, и наш, благословен си.

На кимвалите од нашите чисти усни, музички и со светло срце, со доброгласна труба и висока мисла, во овој особен и избран ден на преселувањето на Чиста Дева, со ритамот на нашите раце, да запеемеː

Најпрославен Боже на татковците, и наш, благословен си.

Богомудри луѓе, соберете се, зашто скинијата на Божјата слава, од Сион се преселува во небесното живеалиште, каде што се слуша чистиот глас на тие што празнуваат, гласот на радоста неискажлива, на оние што весело Му пеат на Христаː Најпрославен Боже на татковците, и наш, благословен си.

Песна 8.

Ирмос: Семоќниот ангел Божји, на младите момчиња им покажа пламен што ги оросува преподобните, а ги гори безбожните. Мајката, пак, Божја ја направи извор на живот, од кој тече бесмртност за оние што пеат:

Ние, кои сме избавени, да Го воспеваме единствениот Создател, и да Го превозносиме во сите векови.

Мноштвото апостоли, на Сион собрани, со свои зборови го придружуваа божествениот и свет ковчег, викајќи: Каде одиш сега, Скинијо на живиот Бог? Не престанувај да бдееш над оние што пеат со вера:

Ние, избавените, Го воспеваме единствениот Создател, и Го превозносиме во сите векови.

Во моментот на своето заминување, Сенепорочна, ги подигна рацете со кои си Го носела Бога во тело и, како Мајка на својата Рожба, Му рече смело: Пази ги вечно оние што ми ги даде, и кои викаат:

Ние, избавените, Го воспеваме единствениот Создател, и Го превозносиме во сите векови.

Песна 9.

Ирмос: Во тебе, Дево чиста, се победуваат законите на природата, бидејќи во раѓањето остануваш Дева, а твојата смрт навестува живот: по раѓањето (остануваш) Дева, и по смртта – жива, и секогаш го спасуваш, Богородице, твоето наследство.

Ангелските сили во Сион се чудеа гледајќи Го Својот Господар, како во Своите раце носи женска душа, бидејќи на Онаа што пречисто Го роди, како син ѝ велеше: Дојди, чиста, со Синот и Бог биди прославена.

Собраниот хор апостолски, со страв гледајќи го твоето тело кое Го прими Бог, со силен глас говореше: Богородице, која одиш при Синот Твој во небесните домови, спасувај го твоето наследство.

Припев: Сите поколенија те именуваме блажена и единствена Богородица.

Или втор припев: Кога ангелите го видоа успението на Пречистата, се зачудија: Како Дева се искачува од земјата на небото.

Подготви: Светланка Трајчевска

Претходна статијаТвојот пост да биде според твоите сили и пред Божјото лице…
Следна статијаБИДИ ХРИСТИЈАНИН И КОН ИНОВЕРНИОТ (Фанатизмот нема ништо заедничко co Христа.) – Старец Порфириј Кавсокаливит