„…Ти пишував за совеста. Потребно е да бидеме внимателни и да не правиме ништо заради што таа би нѐ прекорувала и осудувала.

Имај на ум дека Бог гледа сѐ и дека ништо не е скриено од Неговите очи. Како тогаш можеш да лажеш пред Бога?

Зар не знаеш дека лагата е од ѓаволот и дека таа, ако не бидеме внимателни, најнапред ќе ни стане обичај, потоа навика и на крајот страст?

Зар не знаеш дека лажливците нема да го наследат Божјото царство?

Плаши се од Бога. Нему не Му се угодни приноси, ако притоа ја занемариш внатрешната ревност на срцето. „Ова требаше да го правите, а и она да не го оставате“ (Мат. 23, 23).

Погрижи се за својата совест, бидејќи не ни е познат смртниот час. Ако на својот повереник, односно на својата совест не ѝ исплатиме сѐ што ѝ должиме, таа одлучно ќе нѐ осуди и ништо нема да преќути.

Тогаш, оф, нашата уста ќе биде запечатена и нема да имаме никакво оправдување.

6. Секоја ноќ проверувај како поминал денот, а наутро потсети се како изминала ноќта додека не дознаеш каква е сметката за твојата душа. Ако приметиш загуба, пробај да ја надокнадиш со внимание и принудување, а ако пак видиш добивка, заблагодари Му на Бога, на својот невидлив помошник.

Не дозволувај совеста долго да те мачи, туку побрзај да ѝ го дадеш она што го бара, за да не те одведе кај судијата и во затвор (Мат. 5,25).

Дали твојата совест сака повеќе да ревнуваш на своето молитвено правило и на молитвата? Тоа и ќе ѝ го дадеш и, ете, ќе бидеш спасен од одењето кај судијата.

Немој да го задушуваш спасоносниот глас на својата совест, така што ќе го занемариш, бидејќи подоцна бескорисно ќе жалиш.

7. Посвети внимание на тоа да бидеш искрен и во своите дела и во своите зборови, а посебно на исповед, зашто Бог „го испитува срцето и внатрешноста“ и ништо не е затемнето пред погледот на Неговото недремливо око.

Плашете се од Бога. „Бог не дозволува да биде излажан“ (Гал. 6, 7) и строго казнува ако види неискреност.

Затоа, бидете внимателни. Кога сте непослушни и кога ги криете своите гревови, спротивставете се со тоа што отворено ќе ги признаете на исповед.

Не дозволувајте да ве надвладее егоизмот, кој ќе направи да ја скриете вистина и да останете непоправени и острастени.

Бидете внимателни; времето одминува, тече, и смртта доаѓа во оној час кога не ја очекуваме.

На тој начин заминуваме неспремни и со нечиста совест, која ќе нѐ осуди на страшниот Божји суд.

Поправете се во сѐ доколку сакате да ги видите добрите денови на бестрасноста и мирот.“

Старец Ефрем Филотејски и Аризонски

Претходна статијаБрате! Исус стана човек и претрпе понижение: зарем ти си поголем од Исуса?
Следна статијаСе` околу Светата тајна – Причест (Знаеме ли доволно за Светите Тајни на Црквата?)