Преподобен Ефрем Сирин – ЗА ПОСТОТ
Засакај го Христовото сиромаштво за да станеш богат во Христовото Божество. Засакај го најубавиот пост – дело многу почитувано и богоугодно.
Постот е кочија што вознесува на небото.
Постот раѓа пророци и дава мудрост.
Постот е добра одбрана на душата, сигурен состанар на телото.
Постот е оружје на смелите, училиште на подвижниците. Постот ги одбива искушенијата, тој е светлина на побожниот подвиг.
Постот е смелост во битките.
Постот го скроти огнот и ги затвори лавовите.
Постот ја вознесува молитвата на небото. Постот е мајка на здравјето. Тој е поука на младоста, украс на старците, добар сопатник на патниците.
Кај оние што постат телото е чесно и душата е драгоцена. Постот го смири Лазар во Аврамовите прегратки.
Затоа и ние да го засакаме за да бидеме прифатени во Аврамовите пазуви. Да се оддалечуваме од раскошот и пијанството кои ги следи гласната смеа и мајката на блудот.
Постот е добросостојба на градот, чесност на пазарот.
Постот е мир во домовите.
Тој е старател и заштитник на невиноста.
Постот е пат кон покајанието.
Постот е извор на солзите.
Постот не го сака светот, ни она што е во светот.
Затоа нема да тагуваме додека постиме, бидејќи ангелите во својата Црква ги запишуваат оние кои постат.
Постот не дозволува помнење на злото, а оние кои во сеќавањето го чуваат злото што им е направено, иако надворешно гледано се молат и постат, личат на луѓето кои ставаат вода во дупнато буре.
Господ не ја прифаќа молитвата на оној кој го помни злото на својот брат!