ЗА ПОСЛУШАНИЕТО КОН ДУХОВНИКОТ – Св. Силуан Атонски
Оној кој сака да се моли непрестано, треба да биде мажествен и мудар и за се’ да го прашува својот духовен отец. И дури и самиот духовник да нема совршено опитно познавање во молитвата, сеедно – прашај и заради твоето смирение Господ ќе те помилува и ќе те зачува од секоја неправда, а ако си помислиш во себе дека духовникот е неопитен, дека живее во суета, и решиш сам да се раководиш според книгите, тогаш ти си тргнат по опасен пат и не си далеку од прелеста.
Јас познавам многумина такви кои во помислите се измамија на овој начин и не напредуваа поради презирот кон својот духовник.
Тие забораваат дека во тајната дејствува благодатта на Светиот Дух Кој не’ спасува. Така врагот ги измамува и соблазнува подвижниците, за да нема молитвеници, а Светиот Дух и’ дава мудрост на душата, кога ние ги слушаме советите на нашите пастири.
Во светата тајна, преку духовникот, дејствува Светиот Дух, и поради тоа, кога си заминуваш од духовникот, душата го чувствува своето обновување во мирот и љубовта кон ближниот, а ако ти си одиш од духовникот смутен, тоа значи дека ти си се исповедал нечисто и дека самиот од сета душа не си ги простил прегрешенијата на својот брат.
Чистата молитва бара душевен мир, а мирот не доаѓа во душата ако ги нема послушанието и воздржувањето.
Светите отци го поставија послушанието повисоко од постот и молитвата,
бидејќи без послушанието човек може да помисли за себе дека е подвижник и молитвеник, а оној што во сè ја отсекол својата волја пред својот старец и духовник, тој има чист ум.
Непослушниот монах никогаш не ќе спознае што е чиста молитва. Горделивиот и оној кој сака да постапува според својата волја, дури и сто години да живее во манастир, нема да спознае ништо духовно, бидејќи со непослушанието ги оскрбува своите старци, а во нивно лице – Бога.
Тешко на оној монах кој не ги слуша старците. Ќе беше подобро ако си беше останал во светот. Но и во светот луѓето се покоруваат на своите родители и ги почитуваат постарите, се потчинуваат на началниците и се покоруваат на власта.
Тешко нам!
Господ, Царот на небото и земјата и на целиот свет, се смири Себе си и и’ се покоруваше на Својата Мајка и на свети Јосиф, а ние не сакаме да се покоруваме на старецот, кого Господ го љуби и на кој Тој не’ предал.
И дури и старецот да е со лош карактер, макар тоа да е голема мака за послушникот, послушникот треба со смирен дух да се моли на Бога за него и тогаш Господ ќе ги помилува и послушникот, и старецот.