ПОДГОТВИ ЈА ТВОЈАТА ДУША ЗА ИСКУШЕНИЕ
Во Светото Писмо е кажано:
„Чедо, ако сакаш да Му служиш на Господ Бог, подготви ја твојата душа за искушение. Внимавај на твоето срце и биди цврст;не се збунувај кога ќе бидеш посетен од Бога.
Прилепи се до Него и не отстапувај за да бидеш прославен во последниот ден“. Сите ние кои сме тука, несомнено, почнавме да Му служиме на Бога, па така добро знаеме дека да Му служиш на Господ значи да се принудиваш себеси на подвиг.
Но ние, исто така, знаеме дека во тоа служење се крие и голема радост. Затоа што Господ, Кој сѐ гледа, не само што ги гледа Своите работници, туку и им помага и како Милостив ги љуби. Сепак, Божјиот пат на трудот е исполнет со опасности и замки, слабости и падови, како што нѐ учи Светото Писмо:
кој сака да Му служи на Господ, тој е должен да ја подготви својата душа за искушенијата.
Искушенијата се јавуваат во две форми: првата – тестови, испратени одгоре; втората – соблазни оддолу.
Светото Писмо за искушенијата ни го кажува следното: „Како што огнот ги топи златото и среброто, така Бог го искушува срцето на човекот“.
Златото понекогаш станува чисто и со само еден допир, но станува и лажно. Кога е подложено на оган чистото злато не трпи никакви промени – напротив, станува уште поубаво; од златото со други примеси се одделува неговиот чист дел, а остатокот (лажното злато) на крајот се претвора во нешто што нема никаква вредност.
Слично на тоа и добродетелите кај човекот можат да бидат автентични (изворни), можат да бидат помешани со гордост или други страсти, а можат да бидат и сосем лажни, нереални, како што беше лицемерието на фарисеите.
Така, искушенијата, испратени од горе го утврдуваат квалитетот на човечките добродетели. Бог од самиот почеток го познава срцето на човекот, па затоа ги испраќа искушенијата, не со цел да дознае какви се нашите добродетели: тоа се прави за самиот човек, откако во нив ќе види примеси на лаги и измами, да се покае и да се сврти кон доброто.
Да не се лишуваме од таквите искушенија, испратени од горе.
Покрај тоа, се разбира, постои уште еден вид на искушенија, наречени соблазни, кои доаѓаат од ѓаволот, коишто ги затемнуваат мислите на човекот, влеваат различни видови нечистотија во неговото срце, го доведуваат во конфузија и така го поттикнуваат на лоши дела, со цел да ги одвратат од Бога душите на луѓето, Неговите слуги.
Откако пристапивме да Му служиме на Бога, не смееме да заборавиме дека постојано се наоѓаме меѓу тие искушенија и соблазни.
Во Писмото е кажано: „Бидете трезвени и будни, бидејќи вашиот противник – ѓаволот оди како лав и рика, барајќи некого да проголта“.
Сите катехизатори и свештеници се наоѓаат под постојано внимание на ѓаволот, којшто сака да ги изложи на мноштвото истрелани огнени стрели.
Најопасните од нив се самодоволноста и гордоста, особено за многу од катихизаторите кои ѝ пристапуваат на проповедта сосем млади, а луѓето веќе ги нарекуваат учители и наставници.
Нема ништо чудно во тоа што ѓаволот се ползува од тоа, со леснотија во нив вметнува гордост; и колку само служители на Црквата биле застрелани со таа стрела!
Секоја година ние подготвуваме многу свештеници, но не малку од нив паѓаат.
Во што е причината?
До тоа доаѓа од самодоволноста и гордоста. Ако некој од христијаните се обиде да им укаже, тие покажуваат гнев.
Уште многу и други огнени стрели има ѓаволот со коишто тој се бори против оние кои не можат да му се спротивстават. Такви, без исклучок, се оние кои биле исклучени од списокот на катихизаторите.
И колку такви браќа пристапија да Му служат на Бога, но не можеа да ги совладаат искушенијата и паднаа. Колку е тажно тоа!
Затоа, многу е важно, секогаш да бидеме подготвени за искушенијата, бидејќи тоа е основа на нашата крепост (сила). Ако не го правиме тоа, постојано ќе бидеме победувани од соблазните.
Таквите ѓаволот ќе ги порази со своите стрели и ќе ги убие. Сега, пред почетокот на Соборот, јас, потсетувајќи се на минатото и пред себе претставувајќи си ја иднината, решив дека е неопходно да ви кажам колку ова е исклучително важно.
За тоа какви способности е неопходно да употребиме за да се подготвиме себеси за искушенијата, јасно ни кажува Светото Писмо.
Прво, „внимавај на твоето срце“, односно заштити го твоето срце, поправи ги своите дела и здобиј се со добродетели, и така ќе го избегнеш паѓањето во соблазна.
Ако со коработ убаво се управува, не се страшни ни бурите, ни бесните бранови, но ако не се управува како што треба, постои опасност тој да доживее бродолом;
и подобно на тоа, ако со коњот не се управува како што треба, тој може да страда и на крајот да се преврти или да падне во јама, така и со срцето на човекот: ако не го раководиме добро, што ќе се случи со него?
Само што ќе ни се приближи ѓаволот, во нашите мисли ќе почне да внесува разни лоши помисли и ќе предизвика неред во нашето срце и нашите дела.
Второ, „истрпи“.
Човекот од почетокот е наклонет кон злото, па затоа за да може да ги победи искушенијата, неопходно е да биде подготвен да истрпи секаков вид на подвизи и тага, да се воздржува и да го насочи своето срце кон Вистината.
Ако не ги истрпиме трудот и тагата, тогаш не можеме да направиме ништо, зашто без подвиг и тага кој може да го победи ѓаволот?
Трето, „прилепи се до Бога и не отстапувај“.
Прилепувајќи се до Бога, ние ќе бидеме безбедни во секое искушение, подобно на коработ, ќе пристигнеме на пристаништето и покрај страшното невреме.
Такво слово сакав да ви кажам, браќа, пред почетокот на Соборот, и сакам да го положите во вашите срца и да се храните од него.
(јули 1887 г.)
Свети Николај рамноапостолен Архиепископ Јапонски ( 1912)