Старец Арсениј Исихаст
Прво, треба да му бидеш послушен на својот чесен Старец. Тоа го сака Бог. Си го успокоил својот Старец, си Го успокоил Господ.
Послушанието кон Старецот е Божја заповед.
Послушност – живот, непослушност – смрт.
Послушност – смирение, непослушност – гордост.
Си го нажалил својот Старец? Си го нажалил Господ.
Заради една непослушност Адам излезе од рајот. Потруди се, колку што можеш, да имаш солзи и Бог ќе се грижи за тебе, и твојата благочестивост нема да згасне.
Твојот ангел постојано ќе те води. Слушни, мое детенце, што вели нашиот Христос: „Сакате Мене да Ме најдете? Читајте го Светото Писмо, јас сум внатре“.
Пророкот Исаија вели:
„Во стравот од Тебе, во утробата сме зачнати“. Односно, Светиот Дух Го примивме. А нашиот Христос повторно преку пророкот Исаија вели:
„Кому ќе му ги дадам Моите добра? На кроткиот и смирениот и на оној кој трепери од Моите зборови“.
Кога нашиот Господ проповедал, после тоа заминувал во гората, или на друго место и се молел.
Што велиш, детенце мое, дали молитвата Му била неопходна на Христос?
Не, молитвата не Му била неопходна; нам ни покажал пример за да го подражаваме. Постојано да се молиме. Молитвата да ни биде сопатник.
И апостолот Павле вели:
„Молете се непрестајно“.
Нашиот Христос вели: „Секогаш имајте Ме Мене во своите мисли и во искушенијата ќе бидам со вас“. Амин.
За љубовта.
Дали ги гледаш, мил мој, степените кои ги посочил апостолот, ученикот на љубовта?
1. Рекол да се љубиме едни со други; 2. Дека љубовта е од Бога; 3. Дека оној кој љуби е роден од Бога; 4. Дека оној кој љуби го познава Бога; 5. „Бог е Љубов. Амин“ – последниот и највозвишен степен.
Поради Христос, таа му станува храна на гладниот, а на жедниот, пријатен пијалак.
На голиот, облека и на изморениот, одмор.
На оној кој се моли, одговор, а на нажалениот, утеха. Амин.
Крајот од секоја тага е радоста, а од секој труд, одморот. Од секој срам, славата.
Семето паднато на каменот е молитвата на злопамтивиот. Амин.
Добрата совест се наоѓа со молитвата, а чистата молитва преку сосвеста. Колку, пак, што внимаваме, толку умот се просветлува, а доколку не внимаваме, нѐ опфаќа темнина.
Простувањето на гревовите е слобода од страстите. Амин.
Бидејќи тие две работи, верата и љубовта, се неразделни меѓу себе, едната со другата се надополнуваат, и една со друга се потврдуваат, и една на друга се одлика, и таму каде ја нема едната ја нема ни другата, и таму каде е едната ја има и другата. Амин.
Старец Арсениј Исихаст (собрат на Старец Јосиф Исихаст)