Добриот Самарјанин – Игумен Гаврил
………….
„Еден човек, додека слегуваше од Ерусалим во Ерихон, западна меѓу разбојници. Тие го соблекоа и го претепаа, и си отидоа, оставајќи го полумртов.
Случајно во тоа време слегуваше по тој пат еден свештеник и, кога го виде, помина на спротивната страна. Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, погледна и премина на другата страна.
Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали. И кога се приближи, му ги преврза раните, полевајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на добитокот свој, го однесе во гостилница и се погрижи за него. А утредента, на кинисување, извади два денарија, му ги даде на гостилничарот и му рече:
,Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘
Која е суштината на оваа парабола?
Господ не создал според Својот образ и подобие. Ние кои сме крстени во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, и кои сме миропомазани, во нас се вселува полнотата на даровите на благодатта Божја.
Се облекуваме со светлината Божја, се облекуваме во новиот човек и стануваме совршени во потенцијал. Тоа се случува во Црквата. Тоа е Царството Небесно. Тоа е Ерусалим.
Слегувањето од Ерусалим во Ерихон е напуштањето на таа благодатна состојба и животот според заповедите Божји, живеење според страстите во отсуство Божјо и грев. Ерихон, во тоа време бил место на грев. Затоа таму попат го нападнале разбојници.
Кога ние ќе почнеме да покажуваме непослушание и неразумност, почнуваме да одиме кон патот на Ерихон и не сретнуваат ѓаволите. Тие сакат да му наштетат на човекот и да му ја погуби душата.
„…Тие го соблекоа… “
Му ја соблекле светлата облека од крштението, односно благодатта што ја примил на крштението.
Потоа го претепаа и му направиле рани, а тоа се страстите што ѓаволот ги вметнува во нас. Рана е нешто што е подолготрајно, кое не се појавува и по некое време, ако се лекуваме, исчезнува.
Така е и со нашите страсти. Ако забележиме добро, со нашето покајание и исповедување, гревовите ни се простени, но трагите од страстите ни остануваат и тие сеуште не влечат кон грев.
„…и си отидоа…“
Демоните во непослушниот и неразумен човек го посејуват своето семе и го остават тоа да зема сила и да го окупира човекот. Како што се вели во Евангелието, дојде човек непријател ноќе и посеаја какол во житото.
„…оставајќи го полумртов…“
Ѓаволот има власт да не искушува, ама нема власт да ни ја земе душата. Кај таквиот човек, душата му е полумртва затоа што отстапил од Бога, иако по тело е жив. Во тој момент е како тревка во пустина која живурка, но кога ќе дојде време, ќе овене.
Доволно жив за преку подвиг да си ја спаси својата душа.
„…Во тоа време слегуваше свештеник…“
Овој свештеник е старозаветното свештенство пред Христос, кое принесувало жртви за очистување на гревовите, но немало власт да ги откупи гревовите целосно. Сите тие пред Христос се немоќни да си дадат одговор и да бидат излекувани.
Исус Христос е првосвештеникот кој се принесе Себе за жртва и го откупи гревот на сиот свет. Пред него сите биле немоќни пред проблемот на гревот и смртта. Сега се прашувам:
Што барал овој свештеник да оди по истиот пат по кој одел овој неразумен човек?
Значи, и тој немал живот усогласен според својот свештенички чин, па затоа и немал сила да го излекува. Господ на свештенството Му го дал и дарот на исцелителен на душата и телот.
Но ако свештеникот не живее според својот свештенички призив тогаш таквиот свештеник нема сила. Неговото слово нема власт, тој свештеник е немоќен. Тој го видел човекот, но не му обрнал вниманите.
„…Исто така и еден левит, кога дојде на тоа место, погледна и премина на другата страна…“
Левити се оние кои им помагале на старозаветните свештеници, нешто како ѓаконите денес. И тој нема моќ да го излекува човекот, но барем погледнал на него.
„…Еден, пак, Самарјанин, кој патуваше, кога дојде до него, го виде и се сожали…“
Кој е тој самарјанин?
Самарјанинот е Самиот Господ Исус Христос. Според светите Отци Христос е самарјанинот препознавајки го во оној дел од Светото Писмо за Кого се зборува дека Тој наликувал на самарјанин кој патувал.
Ако на пример, не го знаеме ова толкување од Светото Предание, не ќе ја знаеме и буквалната смисла на ова парабола. Не ќе знаеме дека Самарјанинот всушност е самиот Христос, а не некој друг.
Затоа треба да го читаме целосно Светото Писмо, а не како протестантите кои се фаќаат за еден цитати како слеп за стап. Исто така треба подеднакво да се чита и почитува Светото Предание на Црквата кое ни помага полесно да го разбереме длабокото значение на Светото Писмо.
Самарјани се луѓе од Стариот Завет кои верувале само во петте книги Мојсееви и во ништо друго, не затоа што немале вера во Бога, туку имале одбивност кон Евреите заради нивното несоодветно живеење според Светото Писмо. Самарјаните се сметале како загубени луѓе, затоа и Христа го споредувале со него за да го унижат.
За самарјанинот се вели дека патувал. Не одел по истиот пат, како овој неразумен човек или свештеникот, од Ерусалим кон Ерихон, туку барал нешто. Христос ја бара загубената овца, бара некого да го спаси. Христос како странец оди и тропа на секоја врата за да му отворат, кој ќе му отвори – ќе влезе. Тој тропа на вратата од нашето срце.
Во денешно време самарјанинот се поврзува со хуманитарната дејност. Не значи дека не е така, затоа што Христос е наш модел во секој случај, а во овој случај самарјанинот правел добро дело, но хуманитаризмот не е суштината на христијанската мисија.
Суштината на Христијанската мисија е во спасението на душите и телата. Затоа и Христос дошол, да го пронајде, да го подигне и врати на правиот пат загубениот човек. Да му ги преврзе и залечи раните и да го излекува духовно и телесно и .
„…кога дојде до него, го виде и се сожали…“
Го виде, го позна, се сожали на човекот, затоа што Тој секогаш се сожалува на нас, без разлика на тоа што сме го напуштиле, Тој сепак не љуби, знае да простува. Му ги преврза раните, значи му ги залечи страстите, му даде лек, поливајќи ги со елеј и со вино.
Елеј значи помилување, за лекување на духовните раните. Виното е причестта. За човекот да биде рехабилитиран, треба да биде залечен, духовно залечен преку св. Тајна покајание и исповед и причестен со спасителните Тело и Крв Христови.
Без причест и покајание, без милост и простување, и причест ние не можеме да се излекуваме.
Оние, обземените од гордоста и суетата на кого им е тешко да си погазат по својата гордост и се наведнат, најчесто имаат за изговар дека човек не мора да си ги исповеда гревовите пред свештеник, туку може и пред икона.
Тој начин е непотполн затоа што во тој случај нема кој да ги залечи раните. Тоа им е дадено само на свештениците. Свештеникот се` што ќе врзе на земјата, ќе биде врзано и на небесата.
Најпрво ова власт име е дадена на апостолите, потоа тие на своите наследници и до ден денешен таа власт се пренесува само на избраните и ракоположени од Епископот духовни лица. Тоа е толку јасно што не можеме да се оправдаме дека не е така.
Овде особено зборувам за протестантите кои знаат да се нарекуваат изворни христијани и вистински последователи на Светото Писмо, а во суштина наполно го извртуваат вистинското значение на Евангелието.
Протестантите ќе ги видите дека се морални, го знаат Светото Писмо, но ако ги чепнеш на раната, тогаш сите страсти ќе им се видат. Тие го знаат законот, но нема кој да ги исцели.
Оној којшто живее православно, има контакт со Духовниот отец, кој му е потпора, ќе се внимава како ќе да излезе пред лицето на духовниот отец. На тој начин да ги сречува демонските налети и со своето слово и власт да ги лекува страстите и раните.
А и да згреши знае дека има на кого да се обрати за простување и залечување на сторениот грев. Затоа е потребен духовниот Отец.
„…Го понесе на својот добиток… “
Добитокот е благодатта Божја и сите добри дела и напредување во духовниот живот, треба да ги препишеме единствено на благодатта Божја односно на Самиот Бога. Ако ги препишуваме делата на себе, Го порекнуваме Бога со неговата помош кон нас и духовно се враќаме назад. Секое добро дело е со Божја помош и милост.
„…Го однесе во гостилницата…“
Гостилницата е Црквата како место, заедница и начин на живеење.
„…И се погрижи за него“ – духовниот отец се грижи за духовното чедо. Тоа е односот на духовникот, Епископот или свештеникот и духовното чедото.
Исус Христос заминува, ама го остава на гостилничарот, кој е Епископот или свештеникот. Христос му дава власт на духовниот отец за тој да го лечи и да се грижи за него во името на Бога. Духовниот отец нема оправдание ако не го прави тоа и на судниот ден затоа и ќе му се суди, колку се грижил или негрижел за духовните овци.
„…А утредента, на кинисување, извади два денарија…“
Некој од св. Отци сметаат дека двата динарија се Стариот и Новиот Завет. Целото Свето Писмо треба да го исполнуваме и живееме. Законот за љубовта е дадена во Стариот Завет и е потврдена во Новиот Завет , „ ви давам нова заповед, којашто е стара, да се љубиме еден со друг“.
Двата денарии значат и душата и срцето, исто и грижата над душата и телото. Сето ова значи дека човекот потполно треба да биде посветен на Бога, а не делумно.
Целиот свој живот на Христа Бога да му го предадеме како што вели една Литургиска молитва.
„…,Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам.‘
Грижата над духовните чеда е задолжение на свештеникот, духовниот отец. За тоа Господ и им дал дар, духовен капитал, благодат на свештениците. Потрошувањето на нешто повеќе е непослушанието на чедото кое може да му го нанесе, а отплатата за тоа е умножувањето на благодатта, во овој век, и спасението и подобро место на душата во идниот век на духовниот Отец.
Господ Исус Христос на духовниот отец, му нагласува дека духовниот отец треба да биде трпелив и да не се откажува, да се бори и да претрпи, што е дел од таа света тајна. За тоа Господ му ветува дека нема да остане ненаграден ако издржи до крај.
И на крајот Господ Исус Христос на законикот кој се правел многу важен му го поставува ова конкретно го прашува: Кој, пак, од тие тројца ти се чини дека му беше ближен на оној, што падна во рацете на разбојниците?”
Зошто му го поставува ова прашање?
Затоа што според неговата логика и начин на размислување тоа се или свештеникот или левиот, кои биле негова вера и род. Но тие не му помогнале. Единствено само самарјанинот му помогнал.
Законикот со ова прашање не можел да излаже и со тоа од неговата уста да го потврди за тој и сите присутни да почнат да размислуваат поинаку.
Затоа Законикот на поставеното прашање одговорил: „Оној што му искажа милосрдие” т.е. непознатиот самарјанин кој направил конктерно добро дело и тоа е вистинскиот одговорот.
Нашиот ближен не се само нашите роднини и пријатели, нашиот соседот или сограганец итн, туку конкретно секој човек.
Исус му рече:
„Оди и ти прави така!”.
Му дава конкретна заповед. Значи, не само да знаеш да го читаш Светото Писмо, туку оди и исполнувај го. Прави добри дела на секого, затоа што ти си тоа што правиш, а не тоа што се мислиш дека си.
Твоите дела те откриваат каков човек си. Нашиот живот треба да биде конкретен, во ова време и со овие луѓе. Не да речеме дека од утре ќе почнеме да живееме христијански или ако видиме некој во немоќ, ќе речеме „утре ќе му помогнам“ или ако не го познаваме да кажеме дека тоа не е мој ближен.
Јас сум должен во секое време и кон секого да одговорам со љубов. Тоа е конкретно извршување на законот Божји, сега и овде….
Целиот текст подолу: