СТРАШНИОТ СУД НАД БОГА Архимандрит Јустин (Поповиќ) – извадок од беседата
….Во измачувањето на Бога, човекот е понемилосрден и од ѓаволот. Не верувате ли? Чујте што кажал еден очевидец:
“Тогаш Го плукаа по лицето” (Мат. 26:67) –
по Неговото лице, по Неговото чудно и прекрасно лице…
Господи, зошто устата не им се покри со лепра и не се покри со рани? Зар не за да не научиш на трпение и кротост…?
Го плукаа она прекрасно, она благо Лице, Кое е по вредно од сите созданија, од сите блаженства.
Што зборувам?
Да, подрагоцено од сите блаженства, зашто во Тоа кротко Лице е соединето вечно блаженство, севидна вечна радост…
Го плукнаа она свето Лице, пред Кое морето се смируваше и умилкуваше; она Лице, Кое ги умиротворуваше смутените души и даваше покој на сите.
И вие се фалите со човекот?
Ох, соберете си ги знамињата, вие молци и ништожници! Никој, никој не треба да се срами повеќе од себе си, како човекот – никој од бесовите, никој од ѕверовите, никој од животните…
Луѓето го плукаат Бога, – има ли нешто по ужасно од тоа?
Луѓето Го бијат Бога, – има ли нешто по бесовско од тоа?
Браќа, ако нема пекол, треба да се измисли за луѓето, – да се измисли само за луѓето…
Него, Творецот и Спасителот, Го плукаат и бијат, а Тој кротко и тивко трпи сѐ.
Имаш ли нешто да кажеш ти, кој за секоја навреда, со навреда враќаш? Кој на секое зло, со зло враќаш? Кој колнеш кога те колнат, и мразиш кога те мразат?
Врајќајќи на злото со зло, ти го плукаш Господа Христа; ги мразиш оние што те мразат?! – ти Го биеш и мачиш Христа; врајќајќи на навреда со навреда, ти Го срамиш Христа, бидејќи Тој не правел така.
“И Пилат Го предаде на распнување кроткиот Господ” (Јован 19:16).
А луѓето Го водат од митарство до митарство, од мака до мака, од навреда до навреда…
И исмеаниот Бог Го распнуваат; Го приковуваат на Крст.
Зар клинци забивте во рацете Христови – рацете, кој исцелија толку болни, кој очистија толку прокажани, кој воскраснаа толку мртовци?
Зар да ја замолкнам устата што зборува, како што човекот никогаш не зборувал?
Јаире, каде си?! Лазаре, каде си?!
Наинска вдовицо, каде си, каде си, да го заштитиш твојот и мој Бог?!
Дали Го распнавте Него – надеж на безнадежните, утеха на неутешените, око на слепците, уво на глувите, воскресение на мртвите?
Зар забивте клинци во тие свети нозе, кој носеа мир, кој благовестеа; кој по морето, како по суво одеа, кој брзаа кон сите болни, кон мртвиот Лазар, кон “гадаринскиот” бесоопседнат?
Распнат е Бог! Задоволни ли сте, богоборци?! Среќни ли сте, богоубијци?!
Што мислите за Христа на крстот?
Измамник е; немоќен ли; соблазна ли е:
“Ако си Син Божји, слези од крстот!
Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себе Си! Ако си Син Божји, слези од крстот!” (Мат. 27 : 40; Марк. 15 : 29 – 30).
Што мисли Господ на крстот, за луѓето пред крстот? Она, што само Бог на љубовта и Бог на кротоста може да мисли:
“Оче! Прости им, не знаат што прават” (Лука 23:34).
Навистина не знаат што прават со овоплотениот Бог. Зар на Господ Му било полесно во тело или на крстот?
Потешко, ви кажувам, отколку кога јас во секоја пора би имал по еден бес.
Зашто бескрајно поголема е разликата помеѓу Бога и човекот, отколку човекот и ѓаволот; помеѓу смртта и Бога, отколку помеѓу смртта и човекот.
Спасителот ја чуствувал таа мака: Неговата чиста, безгрешна природа се кренала против смртта, и Тој на прагот на смртта се загрижил и почнал да тагува: “Смртно е нажалена Мојата душа” (Мат. 26, 37-38).
Кога и Бог скрби, кога и Бог тагува поради смртта, тогаш кажете ми: Има ли за човекот нешто пострашно од смртта?
Има ли нешто по неприродно од смртта? Нешто поодвратно од смртта?
Смртта е тешка за Бога, а камо ли за човекот.
Од сѐ, за човекот најтешка е смртта, зашто представува најголема одалеченост на човекот од Бога.
Човекот во Христос го почуствувал тоа и со болка исповедал: “Боже мој, Боже мој!Зошто си ме оставил?” (Мат.27:46).
Тој плач излегува од Единородниот Син Божји, Кој е Едносуштен на Оца, едно со Отецот. Не е ли тоа најголемиот доказ дека смртта е сила што не оттурнува од Бога; не оддалечува од Бога; не разединува со Бога?
Го распнавме Бога? Човеку, што сакаш повеќе?
Да не беше благоразумниот разбојник, за тебе не би имало оправдание. Да не беше тој, земјата за секогаш би останала пекол.
Кога сите ученици се соблзнале во Христа, разбојникот Го исповедал како Христос и Цар: “Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Твое” (Лука 23:42).
Разбојникот е нашата надеж, зашто поверувал во Христос како во Бог, тогаш кога сите ја изгубиле верата во Него; зашто поверувал во Исус како во Господ, тогаш кога Исус бил поруган, исмејан, измачен…, кога бил во најсрамна положба, кога, како секој човек страдал и се мачел ужасно.
Но додека луѓето го плукале Бога, додека го распнувале, тогаш целата природа негодувала против тоа:
“А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; А Исус повторно извика со висок глас, го испушти духот. И наеднаш се расцепи црковната завеса на два дела; од горниот крај до долниот; и земјата се потрес; и карпи паднаа; и гробовите се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; (Мат. 27:45, 50-52).
Кога луѓето завршиле со својата комедија, кога замолкнале; тогаш проговорила вселената, проговориле камењата и се покажале поосетливи од луѓето, (поосетливи) за болките Христови.
И сонцето проговорило: Од срам ја повлекло својата светлина од нашата страшна планета.
Светлината се срамела од тоа на што луѓето се радувале. Мртвите во гробовите го слушнале лелекот Христов и се пробудиле и излегле од гробовите, додека живите луѓе стоеле под Крстот и во телата ги носеле мртвите души.
“Денес се раздели црковната завеса за изобличување на безакониците, и сонцето ги скри своите зраци, гледајќи го Господа распнат” . “Всја сострадаху создавшему всја”.
Сите сочуствуваа со Создателот на сите . Да, сѐ и сешто го почуствувало распнувањето на Христос, сѐ и сешто, освен човекот, освен луѓето.
Целата твар, дури и на крстот во Христа познала Бог и Го исповедала Христос како Бог. И на крстот, Христос покажал дека е Бог. Како? Како? Со одговорот што му го дал на разбојникот.
И уште како? Со помрачувањето на сонцето, и земјотресението. И уште како? Со молитвата за своите непријатели:
“Оче, прости им, зашто не знат што прават” (Лука 23:34).
Навистина, луѓето не знаат што прават со Христос. Од злобно незнаење, луѓето Го распнаа Христос; од незнаење Го распнуваат и денес.
Ако Господ на славата го познаа, немаше да Го распнат (1 Кор. 2:8). Со кротост и смирение Господ дошол во светот. Зар нема поголемо смирение и поголема кротост од тоа Бог да стане Човек, да се облече во трулежно, ограничено, во ништожно човечко тело?
Со кротост и смирение Господ излегол од светот, излегол, кротко молејќи се за своите мачители.
Луѓето не Го познаваат Христос, затоа Го гонат; тие не знаат какво смирение, колкава љубов, колкава кротост пројавува Бог, кога допушта луѓето да Му судат, да Го плукаат, да Го мачат и убијат.
Страшно е учеството Христово на земјата и денес, браќа.
Секој мој грев, за Него е Велики Петок.
Четири мои гревови – и веќе Го распнав Господа Христа.
Секој твој грев, брате, за Него е поголема мака, отколку за тебе и за мене. Правиш грев, – ти Го распнуваш! Секоја нечиста мисла, секое похотливо чуство, крешти и вика: “Распни Го! Распни Го”!
Не е ли целиот наш живот на земјата непрекинат Велики Петок за Господа Христа?
Секој мој грев е клинец што го забивам во раката на кроткиот Господ; секоја моја страст е трн, а сите мои страсти се трнов венец што го плетам на главата Христова.
Нашето ругање по Христос денес е пострашно и од она на Евреите. Евреите можеле помалку да веруваат во Христос, зашто Тој сеуште не воскреснал.
А ние, пред кои Христос цели дваесет века сведочи дека воскреснал – се исмејуваме со Воскреснатиот Христос, Го плукаме Воскреснатиот Христос, Го распнуваме од ново Христос – и тоа Воскреснатиот Христос.
Зар не го распнува Воскреснатиот Христос, свештеникот кој со својот живот ја отргнува од Христос паствата своја?
Зар не Го мачи, зар не се исмејува над Воскреснатиот Христос, професорот, наставникот и учителот, кој со своето богоборно учење, Го прогонува Бога од душите на своите ученици?
Зар не Го срамоти Христа; зар не плука на Воскреснатиот Христос секој христијанин кој по име се нарекува христијанин?
А види…?!, Ние постојано Го гониме Воскреснатиот Христос… Како?
Како го гониме ние Христос – ќе рече некој, кога Тој не е со нас во тело? Кога не го гледаме Неговото тело?
Ох, ние го гониме Христос, браќа мои, кога Го гониме Неговиот дух, кога го гониме Неговото учење,
кога ги гониме Неговите светии,
кога ја гониме Неговата Црква.
Ние го гониме Христос, кога просјакот го гониме, зашто Тој е Тој (Христос), Кој што во лицето на просјакот проси.
Ние Го гониме Христос кога не го облекуваме голиот, зашто во неговото лице, Христос е лишен од облека.
Ние Го гониме Христос кога на гладниот не му даваме храна, зашто во лицето на гладниот, гладува Христос.
Ние Го гониме Христос, кога не го посетуваме болниот, зашто во неговото лице, боледува Христос. Во секој страдалник, страда Христос, во секој тажен, тагува Господ Христос.
Од бескрајно човекољубие Тој непрестајно се овоплотува во телото на сите гладни, сите болни, сите жедни, сите тажни, сите несреќни, сите презрени, сите осамени, сите понижени, сите навредени, сите голи, сите прогонети.
Тој непрестајно зема на Себе човечко тело; страда со нив, се мачи со нив; се мачи во него, тагува во него. Од неизмерното човекољубие, Тој постојано се изедначува Себе Си со нив:
“Вистина ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле” (Мат. 25:40); Доколку не сте го направиле тоа на едено од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле” (Мат. 25:45); Христос се овоплотува во секој христијанин.
Слушни што кажува: “Савле, Савле, зошто Ме гониш“(Дела 9:4); Зашто гонејќи ги оние што веруваат во Мене, Мене Ме гониш; плукајќи ги оние што веруваат во Мене, Мене Ме плукаш; мачејќи ги оние што веруваат во Мене, Мене Ме мачиш.
“И така, пишува апостол Павле, – грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната слаба совест, вие грешите против Христа” (1 Кор. 8:12).
Не само Господ Христос, браќа, но и за секој христоносец, животот на земјата е незалезлив Велики Петок. Колку повеќе во себе си Го имаш Христос, толку повеќе те гонат.
Ако си Христов, сметај се себеси за: “измет на светот” (1 Кор. 4:13), кој секој го гази, како што Христос го газеле
. Кога те проколнуваат, – благословувај! Кога те бијат, – проштевај!
Кога те мразат, љуби!
Со трпение победувај ги мачителите, како што Господ ги победи! За злото, враќај со добро – бори се како што Господ Исус Христос се бореше; против гордоста бори се со смирение, против грубоста – со кротост; против омразата – со љубов; против навредите – со прошка; против клеветата – бори се со молитва!