„Благо вам ако ве засрамат. Благо вам!

Зар не би требало да се трудиме што поблиску да се доближиме до блаженството?

Како да бидеме блажени ако не засрамат, ако не можеме да истрпиме, ни ако за нас се каже дека сме под истрага или дека ни се суди, иако уште не сме ни осудени?

Многу се оние кои се осудени, а кои не се осрамотени.

Кога себе внимателно се набљудуваме, не би требало вниманието да ни слабее и за неброените жалости околу нас, кои настануваат заради сиромаштвото и другите ситуации кои праведниот Творец ни ги дава.

Таквите неволји ни се дадени за да едни се научат на трпение, другите да се поправат, трети да се научат да им помагаат на другите.

Оние кои себеси Му се посветиле на Бога, таквите неволји ги поттикнуваат да ги умножат молитвите за нашите гревови и нашето незнаење.

Има, за жал, тажни луѓе кои својата тага не ја разблажуваат со утеха.

Има луѓе кои се утешиле и кои, за жал, својата утеха не ја разблажуваат со малку тага, која извира од љубовта и смирението. Има луѓе за кои како да не постои ништо што е невидливо и кои така залудно се сокриваат од она што е неминовно.

Сепак, има луѓе, кои со силата на волјата, направиле своевиден пробив во духовниот свет, или барем мислат дека тоа го направиле.

Дали е тоа потребно? Дали така треба?

Зар не е поскромно со надеж да чекаме пред затворената градска капија, да чекаме кога ќе ја отвори вратата Оној Кој го има Давидовиот клуч?

Само смирението може да и донесе мир на нашата душа. Душата која не е смирена и која постојано ја носат брановите на страста, мрачна е и матна како хаосот.

Дајте и да најде сила во смирението и дури тогаш во неа ќе се појави вистинска светлост.

Дури тогаш во неа ќе настане складен свет на исправни мисли и исправни чувства.

Гордо мудрување и заклучоци, настанати од земната природа, ја загушуваат душата како магла, пропуштајќи во неа само привид на слаба и нејака светлост.

Направете маглата да падне во долината на смирението, и тогаш над себе ќе здогледате чисто и високо небо.

Душата сама себе се задушува со превирање и бука на надмените, секогаш немирни помисли и страсни желби.

Дајте и да се стивне во смирение, и дури тогаш ќе може да го наслушне и чуе складот на природата, кој современиот човек сеуште не го уништил потполно.

Ќе може во неа да чуе созвучја кои се достојни за премудроста Божја како што во тишината на ноќта можат да се чујат далеки звукови…“

-Св. Филарет Московски

Претходна статијаСекогаш да бидеме подготвени за искушенијата!
Следна статијаСe` до својата смрт присилувајте го умот на ова дело! (Евангелие и поука за 21/06/2018)