КОЛКУ Е ЧУЈНА МОЛИТВАТА ПРЕД БОГА?

(Поучен пример)

Многу одамна си живееше еден свет старец, кој многу се молеше, и често тагуваше поради човечките гревови и прегрешенија.

Овој свет старец се чудеше како тоа може луѓето да одат в црква, да Му се молат на Бога, а да живеат лошо. А и гревот не недостасува во нивните животи.

Еднаш, со такви мисли старчето потона во длабок сон. И сонуваше како еден пресветол ангел, прегрнувајќи го со крилјата, го крева високо над земјата.

Како што се возвишуваа, сè послабо и послабо се слушаа звуците од земјата.

Замолкнаа човечките гласови, се стишаа песните, вревата од метежниот, секојдневен живот. Одвреме-навреме, до нив допираа хармонични, нежни звуци – како некакви далечни лири.

– Што е тоа? – запраша старецот.

– Тоа се светите молитви – одговори ангелот. – Само тие се слушаат овде.

– Но, зошто толку слабо се слушааат? И зошто се толку малубројни? Зарем не се моли сега сиот народ во црква?

Ангелот го погледна со нажалено лице.

„Сакаш да знаеш зошто? Види самиот, старче…“, и му покажа кон една црква на земјата. На чудесен начин нејзинот покрив се отвори, и старецот гледаше што се случува во црквата.

Беше собран многуброен народ, псалтите стоеја на клиросот, а во олтарот – еден свештеник во полно и раскошно одејание. Богослужбата си течеше, но не можеше да се слушне ниту еден звук.

На левиот клирос, еден чтец брзо-брзо читаше нешто, или попрво, му се движеа усните, но неговите зборови старецот не можеше да ги чуе.

На амвонот, театрално пријде ѓаконот, кој беше доста висок, и со навежбано движење ја подмести својата бујна коса, го крена орарот, широко ја отвори устата и – ниту глас.

На клиросот, протопсалтот ги подготвуваше псалтите да пејат.

„Е, хорот, најверојатно, ќе го чујам…“ – си помисли старецот.

Протопсалтот удри со тонската вилушка по коленото, ја доближи до увото, ја испружи раката и даде знак за почеток, но – царуваше потполна тишина.

Навистина, тоа беше многу чудно да се гледа: тој ја движеше раката, псалтите се црвенеа од напрегање, други пак се подигаа на прсти, високо држејќи ја главата за да ги достигнат високите тонови, но пеење не се слушаше.

– Но, како е ова возможно? – праша старецот. И погледна кон оние кои се молеа. Ги имаше премногу – и од сите профили: мажи и жени, старци и деца, трговци и селани.

Сите тие се крстеа, се поклонуваа, многу од нив и шепотеа нешто, но ништо не се слушаше. Сета црква беше нема. „Зошто се случува ова?“, старецот го запраша ангелот.

– Ќе се симнеме долу, ќе видиш и ќе разбереш – му одговори ангелот.

И лека, полека, невидливи за луѓето, се спуштија во црквата.

Една елегантно облечена жена стоеше пред нив, и на очиглед на сите, усрдно се молеше. Ангелот се приближи до неа, и внимателно ја допре со раката…

Одеднаш, старецот го виде нејзиното срце, и ги разбра нејзините помисли:

„Ах, онаа непријатна сопруга на управникот! – си мислеше жената. – Повторно со нов шешир. Мажот – пијаница, децата – за никаде, а таа се мисли манекенка! Види само како парадира!“

Покрај неа, стоеше еден трговец, пристојно облечен, и замислено гледаше во иконостасот, од каде го гледаа Спасителот и Неговата мајка.

Ангелот го допре за градите, и пред старецот веднаш се открија и неговите помисли:

„Каква штета! За бадијала го продадов… таква роба денес веќе не може да се купи! Мора да изгубив илјада, можеби и илјада и пол…“

Малку понастрана од него, стоеше еден младич. Тој речиси и да не се молеше, туку цело време гледаше налево, кон жените, се црвенеше, стоејќи де на едната, де на другата нога. Ангелот го допре, и старецот веднаш го прочита неговото срце:

„Ах, добра е Александра…

Има сè: и лице, и стас, и карактер, и работа… Ете, таква жена сакам! Ќе биде ли моја некогаш?“

И многу други допре ангелот, и сите тие имаа слични мисли: пусти, празни, житејски. Пред Бога стоеја, а на Него не ни помислуваа. Само глумеа дека се молат.

„Разбираш ли сега? – на крајот, ангелот го праша старецот. Таквите молитви не доаѓаат до Божјиот престол. Затоа и ти изгледаше дека тие се неми.“

А тогаш, одненадеш, се слушна едно срамежливо детско гласче: „Господи! Ти си добар и милостив…

Спаси ја, помилуј ја, исцели ја мојата болна мајка!“

Во аголот, клекнато и навалено на ѕид, стоеше некое детенце. Во очите му светеа солзи. Се молеше за својата болна мајка. Ангелот го допре и неговото срце, а старчето виде и во него.

А во него – само тага и љубов.

„Ете какви молитви се слушаат кај нас“ – му рече ангелот.

Свети Василиј Кинешемски

Пренесено од  – Азбука на Православната вера

Претходна статијаШто е благодат?
Следна статијаНемој да останеш улов!