БЕСЕДА НА СТАРЕЦ ПАЈСИЈ ПРЕД ТВ КАМЕРИТЕ
Најлудиот непријател на ѓаволот, не е ништо друго, туку понизноста. Да Го послушаме нашиот Господ кога ни вели:
„Демоните се изгонуваат со молитва и пост“!
,Ако тие нам ни донесуваат непристојни мисли во нашата духовна работа или било што друго спротивно на спасението на нашата душа, ние тогаш мора да се спротивставиме со спасоносната умствена молитва :
„Господи Исусе Христе, помилуј ме“!
И на Пресветата Богородица со молитвата:
„Пресвета Богородице (Маријо) помогни ни“!
И нашата душа мора да копнее за вистината, за Вистината, да копнее за простување на гревовите,
да копнее за мирна совест,
да копнее за рајската радост,
да копнее за присоединување со Исус Христос,
но најубавиот копнеж е соединувањето со Исус Христос,
копнеж за свето заедништво,
копнеж за придобивање на добродетели,
копнеж што побрзо да се стигне до Царството небесно,
што побрзо да се ослободиме од суетата на овој свет,
да се ослободиме од болката,тагата и проблемите,
од злобата во човечките срца и да се стане слободен, да се ослободиме од страстите и конечно… нашата душа мора да копнее за вечната радост, да копнее да се придружи на Бога и да живее вечно со светиите.
Зашто, колку време ќе поминеме живеејќи овде на земјата?!
О, браќа мои, во тоа време љубовта кај мнозина ќе олади и ќе биде голема тага, агресија на нациите, емиграција на луѓето, голем неред, расипништво, непочитување, невнимание за спасението на душите.
Речиси сите луѓе ќе бидат желни да јадат, да играат, да уживаат, во јуриш по уживањата во земните добра.
Луѓето ќе влегуваат во спорови и ќе бидат многу мрзеливи во исполнувањето на своите христијански задачи, ќе бидат во најголема мера мрзеливи.
Ќе бидат склони да ги обвинуваат другите луѓе.
Прељубата, омразата, непријателството, зависта, недоразбирањата и кавгите ќе бидат на прво место во животите на луѓето.
Стоиме во страв Божји за да ги исполниме сите религиозни задачи и да ги сочуваме сите добродетели.
Внимаваме да ги полниме нашите садови со масло, се` додека нашата душа е внатре во нашето тело.
Нашата свеќа мора да гори низ целиот наш живот, да блеска пред нашите очи додека се заклопат.
Нашата свеќа секогаш мора са свети.
Садовите се сила на душата која ги прима добродетелите.
Маслото кое мора да го полниме во овие садови претставува извршување на сите добродетели.
Свеќата која свети го претставува умот, кој може да прими Божествена милост.
Душата во која светлината гори, со Исус Хростос ќе влезе во Царството небесно.
Ќе го повторам ова:
Душата која ќе има запалена свеќа како петте девици и кога ќе дојде времето на смртта, душата со Исуса Христа ќе влезе во Царството Небесно.
Но, душата која потемнела и која се кае за своите грешни дела…нека каже:
„Господе, прости ми, заради гревовите мои“.
Исто така, сите останати луѓе мора да ги гледаш како свети, а самиот себе како грешник и најниско од сите, независно што и другите луѓе може да бидат грешни.
Ние немаме право да ги гледаме како грешници, немаме право да им судиме, ние немаме право да кажеме било што против грешниците.
Само себе ќе се гледаме како грешници и пониско од сите.
Човекот треба да зборува тогаш кога мора, да зборува така како што мора и да говори само како што мора.
Верниците мора цврсто да стојат пред животните тестови. Верните и побожните луѓе навистина го имаат Христос со себе кога целосно се во заедница, низ беспрекорните Свети Тајни Тие Го имаат Христос со себе и Бога во себе.
А, Тој им доделува секакво добро за спасение.
Верните и побожни луѓе не мора да се плашат од било што, ниту од лошите луѓе, ниту од кобните околности. Тој од ништо не се плаши, зашто се потпира на својата надеж во Господа, која станува извор на сила и која однатре обновува и интегрира, а исто така придонесува и го реформира и општеството.
Стравот Божји е почеток на добродетелта, стравот се јавува од верата. Суштината на животот со добродетелите е постојано проучување на Божествените Слова.
Ова Слово Господово нас не` обврзува да ја признаеме нашата задача, да Го следиме Неговиот свет живот како пример во и да ги следиме сите Негови добродетели.
Исусовото учење е Светлост. Човекот којшто сака да ги сфати сите учења Господови, мора да има вера во Исуса и мора да го уреди својот живот спрема животот на Христос.
Исто така, мора искрено да се покае за сите свои престапи. Поседувањето на привремените добра е суета.
Суета е тоа!
Душата која го љуби Бог, тука наоѓа смирение, во Бог, а не во светската суета. Душата не може да се смири според световните обзири, во луксуз, релаксација, благостојба.
Во тоа душата не може да најде смирение, затоа гледаме луѓе кои сето тоа го имаат. но немаат ниту мир, ниту радост.
Затоа, за да пронајде мир и радост, нашата душа мора да го љуби Бог.
За да се љуби Бог, за човек да го засака Бог, тој мора да верува во Неговото Евангелие, во целото Евангелие, а не во дел од Евангелието, не во некој извадок од Евангелието, туку во целото Евангелие.
А за човекот да верува во целото Божјо Евангелие, тој мора да се ослободи од материјалните работи. Човекот не смее да ги сака материјалните работи, за од нив да се ослободи.
Алчниот човек е роб на страстите. За да ги потиснеме нашите страсти, ние мора да станеме милостиви.
Милостивиот човек мора да дава од она што го заработил со својата тешка работа, со својата пот, а не во безаконие. Секој милостив човек мора да биде праведен, зашто ако не е праведен, тогаш е слеп.
Тој не може да гледа, не може да види дека не може да ограбува, да повредува други луѓе и да дава во добротворни цели.
Христијанинот треба да го истрпи секое безаконие на другите луѓе.
Не само што мора да го издржи безаконието со радост, туку мора да ја даде и душата своја за своите браќа.
Тогаш тој станува совршен, тогаш тој станува милостив, тогаш тој станува светец.
Би сакал, љубени браќа мои, да ја отворам својата уста и да кажам нешто за големата понизност (скромноста), но се плашам, се плашам како оној, што сака да говори за Бога преку човечките мисли.
Словото е Божествена облека. Синот и Речта Божја нашиот Исус Христос ја носел оваа облека на понизноста, дојде и живеееше овде, на земјата, придружувајќи се на луѓето.
Таа облека ја носеше, облеката на понизноста, во смерност беше целиот Негов живот.
Со понизноста ја прекри Своја Божественост,
со понизноста ја прекри Својата слава.
Кога човекот ја носи оваа облека на понизноста, тој изгледа како Исус, зашто преку понизноста тој ја носи Исусовата облека. Како што е познато, скромниот човек е љубезен спрема сите.
Му се поклонуваат на скромниот човек како на светец и сите го почитуваат. Дури ни дивите ѕверови не го вознемируваат и не го допираат скромниот човек.
Колку само има вакви примери на светии. Секој човек. кој и да е, особено ја цени понизноста (скромноста). Никој не го мрази скромниот човек, ниту го прекорува, ниту го презира, зашто Бог го љуби.
Луѓето се смируваат, особено пред оние кои ги љубат. Господ ги смирува скромните луѓе. Но, за жал. луѓето не ја сакаат понизноста и не сакаат да бидат скромни.
Тие не сакаат да бидат скромни и возљубени од Господа, туку тие ја сакаат гордоста и така стануваат како сатаната.
Имаме да разговараме за многу нешто, за многу работи. Затоа, секој христијанин посебно би требало да се грижи и да води сметка за ова што ќе го кажам.
Што Христијаните денес знаат за Бога? За верата?
Во што луѓето денес веруваат?
За послушноста. И кого денес луѓето слушаат, Бога или ѓаволот?
За работата. Каде денес Христијаните работат, во Лозјето Божјо или ѓаволски работи?
Мора да разговараме за помислите.
Каде се денес мислите на секој човек? Каде се нашите мисли?
За што размислуваме? Со што е запослен нашиот ум?
Зашто, умот е еден од трите извори на мислите.
Првиот извор е Бог, Светиот Дух, Кој донесува свети мисли во умот на човекот.
Вториот извор е ѓаволот, којшто доаѓа, како што е познато во облик на ангел на светлината , сее нечисти, богохулни и лукави помисли во душата на човекот.
Вториот извор е ѓаволот, а третиот извор е човековиот ум кој произведува мисли или лукави или добри.
Да се запрашаме, во кој извор лежат денес нашите мисли?
Во Светиот, сатанскиот или во нашиот сопствен?
Ако се мислите наши, чија работа тие ја извршуваат?
Божјата или ѓаволската работа?
Уште една работа, а тоа е радоста. Сите луѓе ја сакаат радоста, а мнозина ја бараат таму каде што нема радост.
Некои бараат радост во похотата, некои во јадењето и пиењето, некои во лумпување, некои во парите, некои во перчење и во многу други работи.
Тие бараат радост, но има ли радост во тие работи?
Има ли радост во паричникот, без оглед колку е полн?
Колку само луѓе имаат по неколку паричника полни со пари, а сепак, немаат радост?
Уште една работа е душевниот мир.
Има ли мир денес?
Погледнете во општеството. Војни, мрзоволие, тужби, неред, расправии во домовите, во фамилиите, насекаде се мрзоволноста и расправиите.
Каде е мирот?
Уште една работа е молитвата. Кој денес посакува добри нешта и кој се моли?
Уште една работа претставува времето во нашиот живот, кое Бог ни го дал, а тоа , за жал, останува неискористено.
За многу нешто треба да се каже, за желбата, за бесот, волјата, трпението, празнословието.
За жал, денес повеќето луѓе го поминуваат животот изговарајќи непотребни зборови.
За непочитувањето, за зависта, за очајанието, за тишината.
За испитувањето, човек седи и ги пишува на хартија сите грешни и сите добри дела кои ги направил.
Секој ден испитува и тогаш, еден ден кога времето ќе истече, хартијата ќе биде земена и ќе биде прегледана од страна на учителот и тешко нас, ако е напишано нешто неважно за нашето спасение.
Исто така, мора да знаеме дека Бог го создал универзумот. Тој Бог е Семоќен и тој со Својата Реч може да создаде нова Земја и тоа веднаш и без материјал.
Тоа е Семоќта Божја и никој да не рече `кој Го создал Бог, зашто Бог е Несоздаден, без почеток.
Што значи тоа да нема почеток?
Ако претпоставиме Бог да допушти Земјата, која виси во воздухот и се врти околу својата оска, да падне во амбис, каде би застанала, до каде би дошла? Има ли ивица?
Би паѓала засекогаш. удолу, удолу, удолу, постојано би паѓала со голема брзина. Постојано би паѓала, никогаш недостигнувајќи ја ивицата, зашто нема ивица, нема почеток.
И така, Бог нема почеток и живее насекаде. Он е Сеприсутен и во оние длабоки места на амбисот и налево и надесно, Он е насекаде, во овој голем, огромен хаос.
Да бидеме свесни, затоа што претпазливоста е голема добродетел и секоја душа, секој Христијанин, секој човек мора да биде свесен, затоа што во овој свет испитуваме, како што реков.
Не смееме да се фатиме во мрежата на сатаната, зашто овој живот е привремен, а идниот живот е вечен, никогаш не завршува и таму вечно ќе живееме било во радост или во темнина со ѓаволите.
Би сакал со сето срце луѓето со радост да ги прифатат зборовите на Евангелието кое е напишано за нас, за целото човештво, за сите да се спасиме, никој да не пропадне и сите заедно да бидеме во Неговото Царство Небесно и да Го славиме со сите Негови ангели и светци. Амин .
Од срце посакувам, Бог да ве благослови, да ве води и да ви даде сила, така што никогаш да не отстапите, високо духовно да напредувате.
Сакам милоста на Светиот Дух да биде со вас низ целиот живот.
Амин.
Пренесено од беседа на Телевизија на Старец Пајсиј
Превод Мина Даниловска