ЗА ПРИЈАТЕЛСТВОТО – Св. Нектaриј Егински
Има три вида на пријателство: по добродетел, по взаемност и по навика, а најдобро е по добродетел, бидејќи во добродетелта љубовта е силна.
Ликот на пријателот
Пријателот е добар човек, со здрава душа, мисли исправно, ја сака добродетелта, има беспрекорен морал, верен е во љубовта, искрен на зборови, има постојана душа, искрен советник е, отворен е, вистинољубив и правдољубив.
Пријателот е слика и прилика на својот пријател и до крајност чувствителен го чувствува душевното расположение на својот пријател и страда со душевното страдање на својот пријател.
Уште пред пријателот да му се исповеда, тој го претекнува и ита во негова помош уште пред тој и да му побара помош и подготвено се предава и му помага ако е во опасност.
Пријателите на неговиот пријател се и негови пријатели. Го брани својот пријател и се подложува на опасност заради него. Во неговото тело обитава душата на пријателот.
Тој е добар советник, секогаш го зборува она што е најдобро и се труди за честа и името на својот пријател. Светињите на пријателот се и негови светињи.
Вистинскиот пријател е моќна заштита и кој го нашол него, нашол ризница. Пријателот е најголема среќа. Добриот пријател е непроценлива вредност, подрагоцена од секакво богатство. На неговата убавина нема рамна.
Пријателот и во несреќите и во радостите останува ист. Вистинскиот пријател ги фали вредностите што се достојни за пофалба и отворено го куди она што е за кудење.
Еврипид вели:
„Вистинските пријатели немаат ништо свое, туку имотот им е заеднички“.
Ништо не е подобро од вистински пријател. Неговото советување делува посилно од секој лек на страдалната душа и напатеното срце на пријателот.
Неговите зборови се животен лек. Добриот пријател може да има благодатно дејство и на душата и на телото на пријателот. Добриот пријател прима на себе сè што му недостига на пријателот и го милува најмногу она што добро се прави, а оној кој греши, најмногу го исправува.
Пријателот станува разум, чувство и око за пријателот. Пријателот е олицетворение на добродетелта. Никој кој мрази не е пријател.
Григориј Богослов вели:
„Верниот пријател е богатство со душа, затворена градина и запечатен бунар, што се отвора во вистински час и од кој се црпи, а пријатели ги нарекувам добрите и убави и оние со кои сме соединети според добродетелта.“
– За неискрениот пријател –
Неискрениот пријател е човек користољубив, немил, се преправа, себичен, лицемерен и носи само лик на пријателство за да го искористи тоа.
Лаже кога вели дека е пријател и го сокрива лукавството преправајќи се дека е верен. Го повикува на помош пријателот, а самиот одбива да му помогне, наоѓајќи илјада изговори.
Пријател е само во успесите на пријателот, а во неуспесите се одрекува од него.
Се сеќава на него кога тој е во благосостојба и се распрашува за него кога е далеку, а кога е среќен му посакува среќа, кога е здрав – здравје, кога е славен – слава и богати дарови му праќа додека е богат и прави сè за да го покаже своето пријателство; а брзо го заборава ако се случи некаква несреќа, па и не прашува за него и не се сеќава на него ниту кога се соседи.
Го избегнува и колне, му префрла за глупавоста во неуспехот, кога е болен го заборава и не му ни приоѓа кога е несреќен, се одвраќа од него ако е жалосен, кога е понижен го презира, кога е осиромашен се трга од него, кога е во оскудица – не му помага и кога умира – не го жали.
Таков е неискрениот пријател.
– За лукавиот, лош и подмукол пријател –
Лукавиот пријател е некорисен и опасен човек. Тој во својата душа нема ништо здраво, во неа нема ништо свето и ништо честито, безверен е, превртлив, лукав и подмукол.
Не знае за искреност, а на јазикот носи лукавство и лага. Мисли лукаво, а во срцето свое чувствува подлост. Неговите зборови се благи, а намерите превртливи.
Со зборови покажува пријателство, а тајно прави сплетки против својот верен пријател. За пријателот раширува лоши приказни и светилката на лукавството ја пали со зло.
Гледа во далечина и мисли на гадости, додека со устата мрмори погани нешта. Тој е извор за покор на својот пријател. Пред очите на пријателот устата му е слатка и со зборови ќе му искаже похвала, додека подоцна не ги промени приказните и своите зборови со цел многумина да соблазни.
Пријателството на злиот човек е пострашно од непријателство, бидејќи од тоа можеш да се сочуваш, а од ова – не.
Лукавиот пријател е ненаситен, ниту целиот пријател да го изеде, не би се наситил.
Бесрамен е, бидејќи додека прави пакости и го поткопува домот на оној кој е сигурен во неговото пријателство, не му е срам на усните да го носи чесното име на пријателството и да се претставува како пријател пред оној кого страсно го мрази.
Неблагоутробен е, бидејќи утробата на лукавиот пријател не се трогнува. Она што е ’рѓата за железото, тоа е за пријателот пријателството на оној што мрази, бидејќи тоа го јаде не мртвиот, туку живиот пријател.
Извор: ВРЛИНЕ ОСЕЋАЈНОГ ДЕЛА ДУШЕ – Св. Нектарије Егински