Простување (16.02.2018 07:53)

Да не должиме многу, работите се многу едноставни:

оној што им простува на сите што му згрешиле, па дури и на своите најцрни непријатели, има Божја благодат во себе;

а оној што нема да му прости и само на еден човек, па бил тоа и најцрниот непријател, има демон во себе. Простувањето е сведоштво за присуството на благодатта Божја, а непростувањето е сведоштво за заробеноста од демонот.

Речиси истото важи и за барањето прошка. Оние што се на вториот степен од духовниот развој, просветлувањето на умот, и да „сакаат“, не можат да не простат.

Тоа би значело моментално затворање на срцето за умно-срдечната молитва. Оние што се наоѓаат на првиот степен, чистењето на срцето од страстите, водат борба со самите себе аскетски, на дело, да простуваат и да бараат прошка.

Ова е задача на сите оние што се подвизуваат во послушание, на степенот на чистење на своето срце од страстите. Нивниот подвиг е сè уште аскетски, затоа што со разумот и со верата сфаќаат дека треба да простуваат и се принудуваат себеси да простуваат, иако тоа во тој момент не го чувствуваат. Исто така, аскетски бараат и прошка.

Ви зборувам за реално простување, а не за фантазија. Реално простување се случува кога се молиме за оној што нè повредил (или, што најчесто е така, поради високото мислење за самите себе мислиме дека нè повредил); кога не го озборуваме, судиме и осудуваме тој што нè повредил; и кога на дело му помагаме, му чиниме добро и на секој начин гледаме како да се простиме и смириме со оној што нè повредил.

Но, како простувањето и барањето прошка да ни стане освестен подвиг, а не само подвиг што го правиме со вера и послушност кон Евангелието?

Станува освестен подвиг кога ќе осознаеме дека критериум на нашата вина се Богочовекот Христос и Божјата правда, а не човекот и човечката правда.

Што значи тоа во пракса? Кога некој ќе нè повреди, ние во тој момент не размислуваме за оправданоста или неоправданоста на неговата постапка, туку нашето внимание е свртено кон тоа дали нашите мисли, зборови и дела во тој момент се согласни со Христовите или не!?

Дали во мојот ум и срце се случува истото тоа што и во Христовиот ум и срце при таков случај? Дали постапувам исто како и Христос што постапува со оние што Го повредуваат?

Секако, не! Секако, бескрајно сме далеку од тоа! Па, ете од каде произлегува нашата вина, па дури и вината на оние што се на степенот на обожение, а не од оправданоста или од неоправданоста на повредите што другите ни ги причинуваат… Па, ете каде се наоѓа и неисцрпниот извор на нашето покајание…

Затоа никогаш, ама во ниту еден единствен случај немаме оправдување кога не бараме прошка и кога не простуваме!

Дај Боже да го достигнеме и степенот на обожение и да дознаеме што значат и зборовите на светиот апостол Павле:

„Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20) – Христос, Кој на Крстот го вели она, за нас уште непоимливо, но сигурно есхатолошко и сигурно спасително, дури и за оние што во последен момент ќе се покајат и ќе побараат прошка:

„Оче, прости им, не знаат што прават…!“ (Лука 23, 34).

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

 

Претходна статијаПАШТЕТА ОД ИНДИСКИ ОРЕВИ (за ден без зејтин)
Следна статијаКОЈ ЌЕ СЕ УБИЕ СЕБЕСИ УБИВА ЧОВЕК (Блажениот Августин Хипонски)