Завет

Сега, кога се приближувам кон крајот на моето земно странствување, сметам дека сум должен да составам завет на духовните благослови што десната рака на мојот Господ великодушно ги изли врз мене[1].

Под завет или тестамент мислам на душеспасоносно поучување. Оние што ќе ги спроведат тие упатства, ќе се здобијат со духовни блага. Им го оставам овој завет како дар на моите возљубени отци и браќа, монасите на денешнината.

Под духовни добра или блага (кои ги вклучуваат сите други добра) мислам на монаштвото, за кое со чудесен повик и неискажлива милост бев повикан уште од детството. Не ми беше дозволено да го принесам мојот живот како жртва на суетата и распадливоста.

Бев земен, грабнат, од широкиот пат што води кон вечна смрт, и бев ставен на тесниот и таговен пат што води кон живот. Тесниот пат го има најдлабокото значење. Се издига од земјата, излегува од темнината на суетата, води кон Небото, води кон Рајот, кон Бог, и го доведува човекот пред Неговото лице во незалезна светлина за вечна радост.

*

Точно би било кога ова дело би го нарекол моја таинствена исповед. Ве замолувам да ја примите со внимание и христијански да ѝ се предадете. Ќе ви биде од полза. Учењето што го оставам е целосно земено од светото учење на светите Отци на Православната Црква, на кои и теориски и опитно им беше познато учењето на Евангелието што тие го направија свое.

Моите гревови и пропусти, недоволно цврстото и непоколебливо следење на поуките на Отците, без духовен раководител, честите, речиси постојани средби со [духовно] слепи и опрелестени духовници, мојата доброволна и недоброволна зависност од нив, од сите страни опкружен со поводи за искушение, а не за просветлување, моето внимание кон учење, кон кое светот беше непријателски настроен, што Бог го смета за највозвишена мудрост и светост, но коешто беше темнина и злоба, и како заслуга добиваше само презир и отфрлање – тие се причините за многуте мои превирања.

Превирањата со кои бев испробуван беа горки, жестоки, сурови, и беа тврдоглаво, исцрпувачки продолжувани. Надворешните превирања, судејќи според мојата совест, беа ништо во споредба со превирањата на кои беше изложена мојата душа. Немилосрдни се брановите на морето на животот!

Таму владее мрак и темнина; таму постојано превираат бури и изникнуваат свирепи ветрови – духовите на злобата; бродови ги губат своите кормилари; безбедни пристаништа се претвораат во вртлози, во кобни понори; и секоја гора и секој остров се поместија од духовните места свои (Откр. 6, 14); бродоломот изгледа неизбежен. И би бил неизбежен ако несфатливата промисла Божја и Неговата подеднакво несфатлива милост не ги спасеше Своите избрани.

Душата моја долго време странствуваше (Пс. 119, 6) без да најде вистинско пристаниште и надвор од и внатре во мене. Потонав во длабока тиња, каде што нема дно – правилна и цврста состојба на душата, непоколеблива во добродетелта. Влегов во морска длабочина и бура ме потопи.

Изнемоштев од викање; засипна грлото мое; попуштија очите мои, надевајќи се на мојот Бог (Пс. 68, 2-3). Непријателот ја прогонува душата моја, го понизил животот мој дури до земјата, ме остави во темнина (Пс. 142, 3). Јас се разлеав како вода; сите мои коски се разглобија… силата моја се исуши како цреп (Пс. 21, 14-15). Смртни маки ме обзедоа, и потоци од беззаконија ме вознемирија, пеколни болести ме опколија, смртни стапици ме стегнаа (Пс. 17, 5-6). Опадна духот мој во мене, се вознемири во мене срцето мое (Пс. 142, 4).

Од оваа состојба го подигам гласот мој кон отците и браќата мои, глас на загрижено предупредување. Тоа е она што го прави патникот кој поминал ужасни маки на еден долг и тежок пат.

Неговите белешки се скапоцено богатство што тој им го предава на оние што се подготвуваат да тргнат на слично патување, или на оние што веќе тргнале без да го знаат патот или само со површно знаење за него од застарени описи.

*

Свети Јован Лествичник вели дека некои луѓе што поминале низ мочурливи места се заглавиле во калта. Но додека сѐ уште биле покриени со нечистотија, им кажувале на другите што поминувале оттаму како самите заглавиле на тоа место, правејќи го ова за нивно спасение. И Семоќниот ги избавил од мочуриштето или блатото на унинието оние што, заради спасението на ближните, ги предупредувале да не паднат во него.

Провери ја патеката со нозете свои и сите патишта твои нека бидат прави. Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата од злото, зашто десните патишта Господ ги надгледува, а левите се расипани.

Он ќе ги направи твоите патишта прави, и твоето одење ќе го уреди во мир (Из. 4, 26-29). Амин.

Свети Игнатиј Брјанчанинов

[1] Текстов е предговор на познатото дело на свети Игнатиј Брјанчанинов, „Придонес кон современото монаштво“ (заб. на прев.).

МПЦ ОА

Претходна статијаСАМО ПРОСЕЛ МИЛОСТ И ЈА ДОБИЛ – (Св. Филарет Московски)
Следна статијаME ИЗЕДЕ СОВЕСТА, КАКО ДА СЕ СМИРАМ! – (НА ПРАШАЊА НА наши читатели одговара Отец Горан Стојчевски)