ЗОШТО БОГ МУ ДОПУШТА НА ЃАВОЛОТ ДА НЕ’ ИСКУШУВА

Старче, зошто Бог му допушта на ѓаволот да не’ искушува?

За да ги избере своите деца. „Прави што сакаш, ѓаволе”, вели Бог, зашто што и да прави, на крајот ќе ја разбие главата од аголниот камен, кој е Христос. Ако веруваме дека Христос е аголниот камен, ништо нема да не’ уплаши.

Бог не допушта искушение од кое не произлегува некое добро. Го остава ѓаволот да ја работи својата работа, кога гледа дека од сето тоа ќе се случи некое поголемо добро.

Видовте ли што направи Ирод? Убил четиринаесет илјади бебиња, но така направил четиринаесет илјади ангели – маченици. На друго место каде си видел ангели – маченици? Ѓаволот самиот си ја скршил главата!

 

Диоклецијан станал соработник на ѓаволот, мачејки ги тешко христијаните, но, не сакајки, и’ направил добро на Црквата, збогатувајќи ја со светители. Мислел дека ќе ги истреби христијаните, но ништо не направил. Оставил многу свети мошти за да им се поклонуваме и ја збогатил Христовата Црква.

Бог може да го уништи ѓаволот затоа што е Бог! Ако сака, уште сега може да го фрли во пеколот, но го остава, повторно, за наше добро. Зар да го остава да ги прави несреќни и да ги мачи своите созданија? Но го остава донекаде и за некое време, за да ни помогне со своето зло, да не’ искушува, а ние да прибегнуваме кон Бога.

Само тогаш кога човекот ќе го искористи сето тоа за добро, Бог му допушта на ѓаволот да не’ искушува. Ако не произлегува добро, не му дозволува. Се’ што допушта Бог е за наше добро. Да веруваме во тоа!

Бог му дозволува на ѓаволот за човекот да се бори. Без борба не бидува ништо. Кога не би не’ искушувал ѓаволот, можеби ќе помислиме дека сме светители. Значи, Бог му дозволува на ѓаволот да не’ удира со злобата, затоа што со ударите што ни ги нанесува ја растресува нашата прашина и ја истресува нашата валкана и испрашена душа.

Или го пушта да не’ касне за да прибегнеме кон Него. Бог непрестајно не’ повикува кон Себе, но ние, обично, сме оддалечени од Него, и дури кога ќе се појави некоја опасност, итаме кон Него. Кога човекот ќе се соедини со Бога, нема простор да влезе лукавиот. Тогаш нема ниту причина Бог да му допушти на лукавиот да го искушува човекот за да биде принуден да Му прибегне. Се’ на се’, што и да се случи, лукавиот ни прави добро, ни помага да се освестиме! Затоа Бог го трпи.

Покрај луѓето, Бог им дал слобода и на демоните затоа што не можат да и’ наштетат на човечката душа. Освен ако човекот сам сака да и’ наштети на својата душа. Напротив, лошите и невнимателните луѓе, што и не сакајќи ни нанесуваат зло во животот, и’ донесуваат плата на нашата душа.

Што мислите, зошто зборува оној ава:

Отстрани ги искушенијата, и никој нема да се спаси. Затоа што искушенијата многу помагаат. Не дека ѓаволот може да направи некое добро – затоа што тој е лош – но добриот Бог го запира каменот со кој не’ гаѓал ѓаволот за да ни ја скрши главата и ни го дава /каменот/ во едната рака, а во другата рака ни дава бадеми, за да ги кршиме и да ги јадеме!

Бог допушта искушенија не за да не’ тиранизира ѓаволот, туку на тој начин да полагаме „испити” за другиот живот, за да немаме неразумни потреби и барања за Второто доаѓање. Треба добро да сфатиме дека војуваме против самиот ѓавол и дека ќе војуваме против него се’ додека се наоѓаме во овој живот.

Додека е жив, човекот треба да направи многу нешта за напредокот на својата душа и има право да полага „духовни испити”. Ако умре, а не положи, тука е крајот. Нема повторување.

 

ЃАВОЛОТ НЕ САКА ДА СЕ ПОКАЕ

Добриот Бог ги создал ангелите. Но некои ангели, поради гордоста, паднале и станале демони. Бог го создал човекот, совршено создание, за да го замени паднатиот ред на ангели. Затоа ѓаволот многу му завидува на Божјото создание, човекот.

Демоните се жалат:

„Ние еднаш погрешивме и не’ мачиш; тие многупати грешат, а Ти им проштаваш”. Да, но луѓето се каат. Тие, иако беа ангели, завршија како демони и наместо да се покаат, станаа уште позлобни и попакосни, и бесно се нафрлаат за да ги уништат Божјите созданија.

Луцифер бил во најсветлиот ред. И на крајот… Демоните поради гордоста се оддалечиле од Бога пред многу илјади години и со таа иста гордост се’ повеќе и повеќе се оддалечуваат, но не се каат.

Кога би рекле само едно: „Господи помилуј”, Бог би направил нешто и за нив. Кога би рекле барем едно „згрешив”, но тие не го велат тоа. Кога ѓаволот би рекол „згрешив”, повторно ќе стане ангел. Божјата љубов нема граници. Но ѓаволот е самоволен, упорен, горд, не сака да се покори, не сака да се спаси. Страшна работа! А бил ангел!

Старче, се сеќава ли ангелот на својата претходна состојба?

Велиш, се сеќава ли? Тој е полн со гнев, затоа што не сака луѓето да станат други ангели. И како што поминува времето, станува се’ полош. Напредува во омразата и во злото.

Е, кога некој би ја почувствувал бедната состојба на ѓаволот, би плачел ден и ноќ! Ете, колку се грижиш кога ќе видиш дека некој добар човек се сменил, дека станал злосторник!

А колку повеќе би се грижел кога во таква состојба би видел не човек, туку ангел. Еднаш некој монах многу страдал поради демоните и, додека се молел на колена, го рекол следново:

„Ти си Бог и, ако сакаш, можеш да најдеш некој начин да ги спасиш и овие кутри демони, кои, иако некогаш имале толку голема слава, сега ги имаат целото зло и сите ѓаволштини на сиот свет, и кога Ти не би не’ штител, би ги уништиле сите луѓе”.

И додека ги изговарал овие зборови, молејќи се со болка, здогледал кучешка глава како го исплазува јазикот и му се потсмева. Изгледа Бог го допуштил ова за да му покаже на монахот дека Он сака да ги прими, само кога би се покајале, но тие не сакаат да се спасат.

Видите, Адамовиот пад е разрешен со доаѓањето на Бога на земјата, со овоплотувањето. Меѓутоа, за падот на ѓаволот не постои можност за друго разрешување, освен да се смири. Ѓаволот не се поправа само затоа што тој не го сака тоа. Знаете ли колку би се радувал Христос кога би се покајал ѓаволот! Исто така, ни човекот не се поправа, само ако тој не го сака тоа.

Старче, дали ѓаволот знае дека Бог е љубов, дека Он го сака, па и покрај сето тоа си тера по свое?

Како да не знае? Но дали гордоста го напушта? Тој е и злобен. Сега се обидува да го присвои целиот свет. Мисли: “Ако имам повеќе следбеници, на крајот Бог ќе биде принуден да се сожали на сите свои созданија и тогаш планот ќе ме опфати и мене!” Така мисли. Затоа сака да придобие колку што може повеќе следбеници.

Гледате ли каде води тоа? Мисли: “Имам толкумина под моја власт! Бог ќе биде принуден да биде дарежлив и кон мене!” Без покајание! Не постапи ли исто и Јуда? Знаел дека Христос ќе ги ослободи мртвите од адот.

Мислел: „Одам јас пред Христа за да ме ослободи и мене”. Го гледаш ли тоа лукавство! Наместо да го моли Христа за прошка, отишол да се обеси. Обратете внимание: Божјото милосрдие ја навалила дури и смоквата, а Јуда /не сакајќи да живее/ ги собрал нозете за да не ја допираат земјата.

И сето тоа само за да не рече едно „прости”. Страшно! Исто така и ѓаволот, тој водач на саможивоста, не сака да рече „згрешив”, туку постојано се труди да стекне што повеќе следбеници.

СМИРЕНИЕТО ГО УНИШТУВА ЃАВОЛОТ

Смирението има голема сила и го уништува ѓаволот. Тоа е најголем шок за нечестивиот. Таму каде што постои смирение, нема место за ѓаволот. А таму каде што го нема ѓаволот, нема ни искушенија. Во една прилика некој подвижник го принудил ѓаволот да говори Свети Боже… Ѓаволот говорел: Свети боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни; но помилуј нас- не говорел.

Речи:

Помилуј нас! Ништо!

Кога би го рекол тоа, би станал ангел. Ѓаволот зборува се’, но помилуј ме – не говори, затоа што за тоа е потребно смирение. Тоа помилуј ме во себе носи смирение и на душата и донесува голема Божја милост/ што неа и’ ја бара.

Што и да правиме потребни се: смирение, љубов и благородност. Работите се едноставни. Ние ги комплицираме. Колку што можеме да го правиме она што му е тешко на ѓаволот, а лесно за човекот. Љубовта и смирението се тешки за ѓаволот, а за човекот се лесни.

И болежливиот човек, кој не може да се подвизува, со смирението може да го победи ѓаволот. Само за еден миг човекот може да стане или ангел или ѓавол. Како? Со смирението или со гордоста. Зар биле потребни часови ангелот Луцифер да се претвори во ѓавол? Тоа се случило за секунда.

Затоа да почнеме од љубовта и смирението, а потоа ќе одиме понатака.

Молете се непрестајно да го радуваме Христа, а на ѓаволот да му задаваме грижи, кога веќе му се допаѓа пеколот и не сака да се покае.

Пренесено од книгата “Со болка и љубов кон современиот човек” од Старец Пајсиј Светогорец

Претходна статијаСТАРЧЕ, КАКОВ Е ЃАВОЛОТ? – Старец Пајсиј
Следна статијаСЕ РАЗБУДИ ЛИ?