Една сабота Нифонт отишол на вечерна во црквата на Свети Анастасиј. Во текот на службата ја здогледал Пресвета Богородица како доаѓа и застанува меѓу народот. Зад неа се појавиле Божествените апостоли и уште неколку светители.
Малку потоа таа почнала да поминува покрај секој христијанин и да ја испитува неговата духовна состојба. Со голем број од нив била задоволна и радосна, бидејќи утврдила дека тие со многу напор се борат за своето спасение. Од другите, пак, се разочарала, бидејќи ја занемарувале својата душа. Пред нив стоела подолго, со тага ја вртела главата, ка подигала кон својот Син и во солзи Го молела да ги помилува.
Со многу страв и восхитување Нифонт го следел движењето на Пресветата во храмот и длабоко трогнат се уверил дека Владичицата никогаш не ги остава христијаните, туку непрестајно се грижи за праведните и грешните, копнеејќи за нивното спасение.
Откако ги поминала сите, најпосле Пресвета Богородица видела покрај вратата еден евнух. Сиромавите му приоѓале барајќи помош, но тој ништо не им давал. Се наведнала тогаш Пресветата кон неговиот ангел чувар и го запрашала:
– Кажи ми, Ефтеиле, има ли овој човек дома многу злато?
– Има, Владичице, бидејќи е среброљубив и светот би го свртил за еден обол (старохеленска и византиска пара со огромна вредност). Своите слуги дивјачки ги тепа и ги остава гладни, а потоа ги тера напорно да работат.
А со кој изговор не дава милостиња на сиромашните?
– Доаѓа, Пресвета моја, ѓаволот и му вели: „Ќе остариш, ќе се разболиш и ќе паднеш во постела. Немој да дадеш ништо од своето богатство, бидејќи кога ќе страдаш во сиромаштија, горко ќе се каеш и ќе зборуваш:
,Што ли ми стана што се’ поделив на сиромашните?’ Но тогаш ќе биде предоцна.” Тоа му го дошепнува, Владичице моја, бесрамниот лажливец. А тој во тоа верува и не покажува никакво сострадување со потребите на сиромашните.
– Е, ако е така, ќе му се случи она во што верува – рекла строго Пресвета Богородица. – И нека не се лути потоа на себлагиот Бог, туку на себеси. Бидејќи Бог не е искушувач на зло и Самиот не искушува никого, туку секој го искушува сопствената желба, бидејќи не внимава, туку верува на советот ѓаволски.
Велејќи го тоа, Пресвета Богородица исчезнала заедно со апостолите и другите светители.
По неколку дена, евнухот тешко се разболел и паднал во постела, како што и поверува дека може да му се случи. Болеста била болна и неизлечива. Сето свое злато го потрошил на лекарите, но немало подобрување. Напротив, состојбата му се влошувала и болките му станувале неподносливи.
Така се мачел некое време, додека не се стопил, изгаснал и исчезнал како чад. Умрел и со телото и со душата. Така се исполнило и она што е запишано: Ете човек, кој не ја полагаше силата своја во надеж на Бога, а се надеваше на големото богатство свое и кој се осили во лесномисленоста своја.
Подоцна, по смртта на евнухот, светиот Нифонт ја раскажа таа случка на едни свои посетители и ги посоветува:
– Да внимаваме и ние, браќа, сатаната да не не’ исмее. Да не бидеме строги и немилосрдни кон сиромашните, ако имаме богатство, бидејќи Бог ќе се покаже праведно строг и со нас. И тогаш ќе го изгубиме својот живот и свотата душа, овој свет и Царството Небесно.
Пренесено од книгата “Свети Нифонт, подвижник меѓу епископите”