Светското знаење и образование
МУДАР ЧОВЕК Е ОНОЈ ШТО Е ОЧИСТЕН
Ако човек не го остри /изострува/ умот по Бога, туку го остри со злоба, се предава себеси на ѓаволот. Подобро би му било да го изгуби паметот за да има барем некое оправдување на денот на судот.
Старче, дали се разликува простотата од лукавството?
Да, колку и лисицата од чакалот. Ако здогледа нешто и го посака тоа, чакалот без размислување ќе појде и ќе го земе. А лисицата ќе направи некое лукавство за да го земе она што го сакала.
Старче, може ли лукавството да се поистовети со мудроста?
Да, може, но ако размислиш, ќе сфатиш што е лукавство, а што мудрост. Имаш и табела за распознавање. Кои се дарови на Светиот Дух? Љубовта, радоста, мирот… (Гал. 22-23) Има ли сличности со овие? Ако нема, значи дека тоа е нешто сатанско, дека има особини на ѓаволот.
Мудар е оној човек што е очистен, ослободен од страсти.
Оној што го осветил својот ум е вистински мудрец. Ако умот не се осветува, мудроста за ништо не е корисна. Еве, новинарите, политичарите се паметни, но многу од нив, бидејќи немаат од Бога просветен ум, таму каде што говорат мудро, говорат и глупости.
Од голема мудрост, говорат големи глупости! Ако човек не го усовршува својот ум, ќе го искористи ѓаволот. Ако човек не го усовршува својот ум во правец на доброто, ќе го искористи ѓаволот за зло.
Односно, бидејќи тој самиот не го искористил својот ум, со тоа му дава право на ѓаволот?
Ако не го искористи, со самото тоа го губи. Кога човекот не живее духовно, не е постојан во доброто и самиот почнува да прави зло; не му е потребен ѓаволот. Некој, на пример, е паметен, но не го ангажира својот ум и живее мрзливо. А ако не го користи својот ум, каква корист има од тоа што е паметен?
Може ли човек што е паметен, но острастен, правилно да расудува?
Пред се’, треба да внимава да не му верува на својот ум, зашто ако човекот е духовен, а верува во себе – ќе се опрелести, а ако е од светскиот дух – ќе полуди.
Не треба да им верува на своите помисли Треба да прашува, да се советува, да го осветува својот ум. И воопшто, целиот човек треба да се освети. Свештената мудрост помага во стекнувањето на расудливоста.
Ако мудар човек не е осветен, не може да расудува духовно. Некој, пак, кој по природа е прост, може опрелестениот човек да го смета за свет, а лукавиот за побожен. Но, кога паметниот човек ќе се очисти, тој станува многу разумен.
Старче, како се очистува умот?
За да се очисти умот, човек не треба да ги прима телеграмите од лукавиот, ниту лукаво да мисли, туку треба секогаш да живее и да твори со добрина и со едноставност. Така настапува духовната бистрина, божественото просветување. Тогаш човекот проѕира во човечките срца и повеќе не донесува човечки заклучоци.
Старче, дали расудувањето е поврзано со знаењето?
Расудувањето доаѓа од божественото просветлување. Некој може да ги чита светите отци, точно да знае одредени работи, да се подвизува и да се моли. Но расудувањето доаѓа преку просветувањето одозгора, што е сосема друга работа.
Старче, дали некогаш светот бил подобар?
Не бил подобар, но некогаш луѓето биле едноставни и имале добри помисли. Луѓето денес на се’ гледаат лукаво, затоа што се мерат со разумот. Европскиот дух нанесе многу зло. Тоа е она што ги онеспособи луѓето.
Луѓето денес би биле во многу подобра духовна состојба, затоа што повеќето од нив, помалку или повеќе, се образовани и би можеле да се разберат.
Но, ги учеа на безбожност, на се’ што е сатанско, ги упропастија и повеќе не можат меѓусебно да се разберат. Некогаш не можеше да се разбереш со некој што не беше побожен, а не беше ни образован.
Се сеќавам, некој калуѓер кога слушна дека на Литургијата на претходноосветените дарови се споменува „Григориј, папа римски”*, помиспил дека се спомнува римскиот папа, и се соблазни. „Не го очекував ова. Станавте паписти!”, рече, стана и излезе од црквата.
Ете, гледаш ли што прави незнаењето! Незнаењето е страшно! Најголемо зло нанесуваат оние што се побожни, но имаат и „штетно” незнаење. Не сфаќајќи ја суштината на работите, создаваат проблеми.
——————
* Преподобен Григориј Двоеслов, папа римски /540-604/ е голем светител на нашата Црква. Се нарекува Двоеслов или Собеседник, затоа што напишал книга со тоа име, во која ги опишал добродетелите и чудата на италијанските светители.
Ја составил и Литургијата на претходноосветените дарови, која се служи во среда и петок во текот на Великиот пост, поради што неговиот благослов се призива на отпустот на споменатата спужба. Неговиот спомен се слави на 12 март.
Пренесено од книгата “Со болка и љубов кон современиот човек” од Старец Пајсиј Светогорец