– Зошто кога човек ќе се разболи, велат дека Бог го посетил?

„Кога е човекот болен, тогаш и душата почнува да го бара Господа. Затоа и вразумувањето е добро, доволно е само вразумениот да благодари“.

Преп. Ефрем Сирин

– Зошто се испраќаат болестите на луѓето?

„Болестите се испраќаат за простување на нашите гревови, а понекогаш за смирение на гордоста“.

Преп. Јован Лествичник

„Видов луѓе што тешко страдаат, кои телесните маки како некоја епитимија ги очистува од душевните страсти“.

Преп. Јован Лествичник

– Едни велат дека треба да се лекуваме кај лекар, а други дека треба се` да оставиме во рацете на Бога и да не посетуваме никакви лекари?

„Како што не треба да се избегнува медицината, така е нецелисходно врз неа да ја полагаме целата наша надеж.

Но, како што се ползуваме во земјоделието од опитот, а за плодовите го молиме Бога, така и одејќи кај лекар, не престануваме да се надеваме на Господа“.

Св. Василиј Велики