Царството Небесно не е јадење и пиење, туку праведност и мир и радост во Светиот Дух

+++

На христијанинот му е неопходно да пости за да го избистри својот ум, да стане почувствителен и својата волја да ја придвижи кон добро дело.

Овие човечки способности ние ги помрачуваме и ги задушуваме најмногу со прејадување, опивање и грижите на овој свет, а со тоа отпаѓаме од Изворот на животот, Бог, и паѓаме во пропадливост и суета, изопачувајќи и осквернувајќи го ликот Божји во себе.

Прејадувањето и сладострастието нѐ приковуваат за земјата и ги поткаструваат крилјата на нашата душа. А погледнете, колку високо летаа сите испосници и подвижници Христови – како орли на небесата!

Тие, иако земнородни, живееја со умот и со срцето на небесата, слушајќи таму неискажливи зборови, и научувајќи се на Божествената премудрост.

А колку само човекот се понижува себеси со стомакоугодување, прејадување и опивање!

Тој ја изопачува својата природа, создадена според образ Божји и се вподобува на бесловесните животни, дури станува и полош од нив…

Христијанинот треба да пости и заради тоа што со воплотувањето на Синот Божји човечката природа е обожена и заради тоа што ние итаме кон горното Царство кое не е јадење и пиење, туку праведност и мир и радост во Светиот Дух…

Само на незнабожците им е својствено прекумерно да јадат и пијат, препуштајќи им се на сетилните уживања…

Во онаа мера во којашто човекот ѝ удоволува на својата сетилност тој станува телесен и Го оддалечеува од себе Пресветиот Дух Божји, Кој не може да престојува во оние што водат исклучиво телесен живот:

бидејќи каква заедница постои помеѓу светлината и темнината?!

Таквите луѓе немаат вера ни љубов во срцето, ниту го имаат духот на молитвата. И ја одбегнуваат заедницата со Црквата.

Ако многу јадеш и пиеш ќе бидеш тело.

Ако постиш и се молиш ќе бидеш дух.

Не му верувај на телото свое, кое за време на молитвата ти се заканува дека нема да можеш да издржиш – те лаже.

Кога ќе почнеш да се молиш, ќе видиш дека тоа ќе стане твојот покорен слуга. Молитвата ќе го ободри.

Секогаш сеќавај се дека телото е лажливо.

Свети Јован Кронштатски

Претходна статијаПлодовите на прејадувањето !
Следна статијаЧовекот кој е обновен со Духот станува богоносец…! (Свети Игнатиј Брјанчанинов)