„Но, ќе речеш, кој од луѓето е толку несреќен и ништожен, па да не биде кроток ни за време на молитвата?
Оној кој во молитвата колне, исполнет со гнев, и писка против своите непријатели.
Ако ти сакаш да обвинуваш, обвини се самиот себе.
Ако сакаш твојот јазик да биде лош, остри го против своите гревови.
Не зборувај за тоа, какво зло ти направиле другите, туку какво зло самиот си направил врз себе; бидејќи тоа и е најголемото зло.
Не може другите тебе да те навредиле, ако ти самиот не се навредиш. И така, ако сакаш да застанеш против оние кои тебе те навредуваат, застани против самиот себе – во ова никој нема да ти пречи; а ако застанеш против другиот, ќе се најдеш во голема беда.
Но праведно зборувајќи: како ја замислуваш навредата?
Дали е тоа она што некој те нажалил, украл од тебе, те изложил на опасност?
Но тоа не значи да бидеш навреден; напротив, ако ние сме внимателни, таквите навреди дури и ќе ни донесат преголема полза.
Овде е оштетен оној, кој го направил таквото зло, а не оној, кој го претрпел. И токму во ова се содржи главната причина за сите зла, што ние не го знаеме ни тоа, кој претрпува, а кој нанесува штета.
Кога ова добро би го знаеле, ние никогаш не би се почувствувале навредени, ниту би се жалеле во своите молитви од другите, знаејќи дека другите не можат да ни нанесат зло.
Злото не е да бидеш лишен, туку ти да одземеш од некого. Па затоа, ако ти нешто си одземал, осудувај се самиот себе;
ако, пак, тебе ти одзеле, моли се за оној кој ти зел, зашто тој ни направил големо добро.
Иако неговата намера не била таква, ти ќе спечалиш преголема полза, ако великодушно ја поднесеш навредата.
Тој ќе биде обвинет според Божјите и човечките закони, а тебе, навредениот, ќе те овенчаат и прославуваат…“
Свети Јован Златоуст