ЗА ЉУБОВТА – Свети Макариј Велики

Како што богатољубивиот, и да собере милиони денари, не е задоволен со тоа, туку неговата желба станува уште поненаситна, или како што оној, кому му го одзеле слаткото пиење пред да се насити со него, станува уште пожеден, така и вкусувањето на Божјата сладост е над секоја наситка.

Напротив, колку повеќе човек се збогатува со ова богатство, толку посиромашен се претставува.

Таквите христијани самите не ја ценат многу својата душа, туку живеат пред Бога во крајно понижување и се сметаат за слуги на секој човек.

За таквата душа, поради нејзиното смирение, Господ многу се радува и почива во неа.

Значи, ако човекот и има нешто, да не мисли дека нешто значи или има, затоа што вообразеноста е гнасна пред Господа.

Таа и во почетокот го истерала човекот од рајот, кога тој, кога чул: „ќе станете како богови” (1. Мој. 3, 5), лековерно í се предал на таа суетна (празна) надеж.

Познај како твојот Бог, Цар и Син Божји „Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга” (Филип. 2, 7), како осиромаши, како беше помешан со нечестити луѓе, како пострада.

А ако е Тој Бог, ти ли мислиш високо за себе и се дуеш, човек составен од крв и плот, земја и пепел и `оф! ` немаш дел во ништо добро?

Ако си разумен, и за самото тоа што си го добил од Бога уште повеќе речи:

Тоа не ми припаѓа мене, го имам зашто сум го добил од друг и кога ќе посака Тој, без сомнение ќе ми го земе тоа што ми го дал.

На тој начин, сè што е добро припишувај Му на Господа, а лошото на својата слабост.

Претходна статијаПрекрши го лебот свој и дај на сиромасите – Свети Ефрем Сирин
Следна статијаКој умот го пушта на телевизиска или компјутерска промаја, сомнително пости!