Беседа на Педесетница на Свети Јустин Ќелиски
На Спасовден што прославувавме? Го прославивме Господ Исус Христос Којшто со Телото воскресна и се вознесе на Небесата.
Што ни кажа Господ со тоа?
Господ со тоа ни кажа дека нашето тело, моето и твоето и секое тело, ќе воскресне од мртвите и ќе се вознесе над сите Небеса. Господ стана човек за да му го покаже на човекот патот низ овој свет. И тоа што се случи со неговото тело, ќе се случи со секое тело, со телото на секој човек.
…
Дали црвливиот гроб е крајот на нашиот живот? Ако е така, тогаш Бог му се потсмевал на човекот кога го создавал.
Напротив, Бог му го створил телото на човекот за телото да го победи гревот, телото да ја победи смртта, телото да го победи ѓаволот и да воскресне од мртвите и да се вознесе над сите Небеса.
Тоа е патот на човековото тело. Тој пат го пропатува Господ Исус Христос. Никој друг освен Него! Тој ни го покажа патот по кој ќе оди и твоето и сечие човечко тело.
Денес, на Духовден, на денот на Светата Троица, што славиме?
Го славиме најголемото чудо на овој свет!
Го славиме роденденот на Црквата Божја.
Што е тоа – роденден на Црквата Божја?
Слегувањето на Духот Свети на Светите Апостоли, на Црквата Христова и водење на Црквата од страна на Светиот Дух, низ овој свет и низ сите светови. Денешниот свет празник покажува каква е силата и моќта на Господ Исус Христос и во што е нашата вера.
„Нашата вера е во Силата и Светиот Дух“ , како што вели Апостолот.
Ете, дванаесет галилејски рибари, дванаесет прости селани, тргнуваат во светот после денешниот ден за да проповедаат.
Кого и што да проповедаат? Најголемото чудо, најмилото чудо:
Господ Исус Христос, Воскреснатиот од мртвите!
И со Неговата сила, со силата на Светиот Дух да прават чудеса какви што луѓето никогаш не можат да направат без Божествената Сила Божја.
Дванаесет прости рибари тргнаа после овој Велик и славен празник во светот.
Зошто?
За да го проповедаат Воскреснатиот Господ Исус Христос. Тоа значи: да го проповедаат Победникот над смртта, победникот над гревот, Победникот над ѓаволот.
Од никого тие не се плашеа во овој свет. Целата тогашна Римска Империја, целото Римско Царство се крена против нив. Станаа факели коишто незнабожците ги палеа.
До 313тата година постојано било гонето Христовото име, Христовите следбеници.
И кој победи? Дали оружјето на Римската Империја? Не!
Победија дванаесетте прости рибари од Галилеја. Со што? Со силата Христова!
Исцелуваа болни, воскреснуваа мртви, правеа безброј чуда, изгонуваа демони.
Светот беше вџашен и во чудо. Ги гонеа, ги убедуваа да се откажат.
Не! Никој од нив не се откажа од Господа, сите со радост одеа во смрт, сите одеа во погибел за Господ Исус Христос.
Така беше во првите времиња на Христијанството, така остана во сите времиња. Така е и денес. Колку денес нè гонат, нас Христијаните, од сите страни?
На децата им ги одземаат духовните небесни радости. Никаде не се допушта да се слави Името Божјо, децата да се учат на Божјата Правда, на Божјата Вистина.
Милиони, милиони Христијани и денес умираат за Господ Исус Христос. Милиони, како што никогаш не било во Римската Империја, гинат за Господ Исус Христос.
На земјата денес има четири милијарди луѓе, а милиони и милиони маченици.
Што е тоа?
Каква сила денес нè гони тебе и мене бестрашно да го проповедаме Господ Исус Христос, да веруваме во Него, кога не е допуштено да веруваме?
Тоа е таа Сила која што го разгласи Името на Господ Исус Христoс низ целиот свет, Името на Спасителот, и истата таа Сила дејствува во нас.
Затоа, ние Христијаните не се плашиме од смртта, не се плашиме од нашите гонители. Нека знаат, ние имаме сигурно оружје за победа, а тоа е смртта на Господ Исус Христос.
Кога големиот светител божји, светиот Григориј Богослов, им се обрати на гонителите на Христијаните во IV век, им рече:
Да знаете дека ние Христијаните имаме оружје за сигурна победа, а тоа е смртта за Господа. Ние со радост одиме и гинеме за Господ Исус, затоа што пред нас е отворена вечноста, пред нас е отворен вечниот живот, пред нас е отворено Царството Небесно.
Што ќе ни направат луѓето, што ќе ни направат денешните гонители?
Тие се мушички, комарци кои плукаат кон сонцето и плуканиците им се враќаат на нив.
Да, ние сме повикани како Христијани да се усовршуваме со Светиот Дух, со Духот Кој што е во Црквата Христова, Духот Кој што Апостолите ги направи маченици и сите безбројни маченици, и безбројни исповедувачи на Господ Исус Христаос и денес и вчера и за секогаш.
Што да правиме со својата душа?
Тоа што го правеа светите Апостоли со душите на сите верни: да ги наполниме со вера во Господа Исуса Христа, со непоколеблива вера, да се исполниме со љубов кон Господ Исус Христос и кон нашите браќа, да се исполниме со молитва, пост, со сите евангелски добродетели.
Така ние го стекнуваме Светиот Дух, така растеме со својот дух, ја онебеснуваме нашата душа, ја правиме бесмртна и вечна, во неа го внесуваме Светиот Дух.
Што е целта на нашиот живот?
Целта на нашиот живот е да стекнеме што повеќе Дух Свети, та да можеме да го победуваме секој грев, секое зло, секој демон во овој свет.
А тоа се стекнува со помош на молитвата, постот, делата на милостина, делата на милосрдието и сите останати евангелски добродетели.
Целта на нашиот живот е да го стекнеме Светиот Дух, а кога Него ќе го стекнеме , што ќе ни направат луѓето?
Нашата радост е во тоа што сме посилни од смртта и не само од смртта, туку посилни сме од секој ѓавол, од секој грев. Затоа слушаме на светата Литургија:
Горе да ги имаме срцата! Да не се плашиме од нашите гонители, да не се плашиме од оние коишто сакаат да ни ја земат душата, туку со вера во Господ Исус Христос, ние ќе ги победуваме сите непријатели на нашата вера. И со нашата смрт, ако треба.
Благиот Господ на денешниот ден, нека ни даде сила и моќ да се родиме духовно, затоа што на денешниот ден е родена Црквата Божја, а штом денес е Нејзиниот роденден, тогаш е роденден на секој Христијанин, на сите Христијани воопшто.
Роденден во Господ Исус Христос, роденден во нашата вечност, роденден за сè што е Небесно и Наднебесно.
Денес е, како што се вели во прекрасните црковни песни, конечниот празник, кога заврши спасението.
Бог и Господ Исус Христос му кажа на човекот, зошто е човекот во овој свет. Му ги даде сите средства за спасение, му ги даде сите средства за обожение, му ги даде сите средства за вечен живот.
Амин.
Беседа на Педесетница на Свети Јустин Ќелиски