Денес си спомнуваме на Светиот Апостол и Евангелист Марко
Му беше сопатник и помошник на апостолот Петар, којшто во своето Прво послание го нарекува син свој по дух. Кога Марко беше во Рим со Петар, верните го замолија да им ја запише спасоносната наука на Господ Исус Христос, Неговите чуда и Неговиот живот. Така го напиша Светото Евангелие, коешто го виде и го посведочи за вистинито и самиот Петар.
Тој го постави Марко за епископ и го испрати на проповед во Мисир. Така тој беше првиот проповедник на Евангелието и првиот епископ во Мисир. Мисир беше сиот притиснет од густиот мрак на незнабоштвото, гатањето и злобата. Со Божја помош светиот Марко успеа да го посее семето на Христовата наука низ Ливија, Амоникија, и Пентапол.
Од Пентапол, воден од Духот Божји, дојде во Александрија. Таму успеа да основа Божја Црква, да постави епископ, свештеници, ѓакони и се добро да утврди во благочестивата вера.
Својата проповед ја потврдуваше со големи и многубројни чуда. Кога незнабошците подигнаа обвиненија против него, како против разорувач на нивната идолопоклоничка вера, а градоначалникот почна да трага по него, тој побегна надвор во Пентапол и таму почна да го утврдува своето поранешно дело.
После две години, на радост на верните, чијшто број во меѓувреме се умножи, се врати во Александрија. Тогаш го фатија незнабошците, го врзаа и почнаа да го влечат по калдрмите велејќи:
„Да го повлечеме волот во оборот!”
Сиот ранет и искрварен го фрлија во затвор. Овде најнапред му се јави ангел небесен и го храбреше и крепеше.
Потоа му се јави Самиот Господ Исус и му рече:
„ Мир на тебе, евангелисту Мој!” А МАрко му одговори:
,, И на тебе, Господи мој, Исусе Христе!”
Утредента злочестивите луѓе го извлекое од затворот и повторно го влечеа по улиците. Сиот измачен и истоштен Свети Марко изусти:
„Во Твоите раце Господи го предавам мојот дух!” и издивна.
Неговите свети мошти беа чесно погребени од христијаните и со векови им даваат исцеленија на луѓето од маките и болестите.