Кога се молиме за другите, да велиме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме”

Молете се за Црквата, за светот, за сите луѓе. Целото христијанство е внатре во молитвата. Ако се молите само за себеси, тоа крие себичност. А, кога се молите за Црквата, тогаш во Црквата сте и вие.

Во Црквата Христос е соединет co неа, но и co Отецот и Светиот Дух.

Светата Троица и Црквата се едно. Вашиот копнеж треба да биде да се освети светот, сите да бидат Христови. Тогаш влегувате во Црквата, ја живеете радоста на рајот, во Бога, затоа што сета полнота на Божеството живее во Црквата.

Сите сме едно тело, чија глава е Христос. Сите сме Црква. Нашата религија ја има таа величина, духовно да го соединува светот. Силата на молитвата е голема, многу е голема, a особено кога се молат многу браќа.

Во заедничката молитва се соединуваат сите. Нашиот ближен треба да го чувствуваме како себеси. Тоа е нашиот живот, нашата радост, нашето богатство.

Co Христос се’ е лесно. Христос е центарот. Сите се насочени кон центарот и се соединуваат во еден дух и во едно срце. Такво нешто се случило на Педесетница. Кога сите во истиот час и на истото место го слушаат Псалтирот и сите други читања, се соединуваат во слушањето преку Божјата благодат, затоа што она што го кажува читачот, го слушаат сите и учествуваат во тоа.

Силата на многуте се размножува, како да гледаат нешто убаво и сите заедно го гледаат co стремеж. Нивното гледање, насочено кон нешто убаво, ги соединува меѓусебно. Пример за тоа е ослободувањето на апостолот Петар од затвор:

„Црквата непрестајно се молеше за него”. Таа молитва го извадила Петра од оковите на затворот.

Љубовта, служењето на Бога, копнежот, соединувањето co Бога, соединувањето co Црквата е рај на земјата. Ако ја привлечеме Божјата благодат, тогаш се’ е лесно и радосно, и се’ е благослов Божји.

Ајде најди ми религија која го прави човекот совршен и среќен. И штета е да не ја сфаќаме таа величина!

Кога имаме некаков проблем ние или некој друг, да бараме и од другите да се молат и сите да Го молиме Бога co вера и љубов. Бидете сигурни дека Бог се радува на тие молитви и интервенира, правејќи чуда.

Ова не сме го сфатиле баш добро. Сме го прифатиле некако многу едноставно, па велиме: „Помоли се за мене”.

Повеќе ќе се молите за другите отколку за себеси. Ќе велите „Господи Исусе Христе, помилуј ме”, а во себе секогаш ќе ги имате и другите. Сите сме деца на истиот Татко, сите сме едно.

Затоа кога се молиме за другите, велиме „Господи Исусе Христе, помилуј ме”, а не „помилуј ги” На тој начин ги правиме едно co себеси.

Молитвата за другите, која се извршува благо, неприсилно и co длабока љубов, е несебична и носи голема духовна полза. Таа го облагодатува тој што се моли, но го облагодатува и оној за кого се моли, му ја носи Божјата благодат.

Кога имате голема љубов и таа љубов ве поттикнува на молитва, тогаш брановите на вашата љубов одат и извршуваат влијание кај оној за кого се молите, и околу него создавате заштитен синџир и така го водите кон доброто.

Гледајќи го вашиот труд, Бог богато ви ја дава Својата благодат и вам и нему. Но треба да умреме за себеси. Разбирате ли?

Вие се секирате и натажувате кога другите не се добри, а всушност треба да се предавате на молитви, за да дојде посакуваното преку Божјата благодат.

Вие укажувате co вашата мудрост, но тоа и не е толку правилно. Тајната е во друго, а не во тоа што ќе кажеме, односно што ќе им укажеме на другите.

Тајната е во нашата посветеност, во нашата молитва кон Бога, за да завладее кај нашите браќа она што треба преку Божјата благодат. Тоа е.

Она што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Неговата благодат.

Прво место во мојот живот има молитвата. He ce плашам од пеколот и не мислам на рајот. Од Бога единствено барам да го помилува целиот свет и мене.

Ако ја кажувам молитвата „Господи Исусе Христе, помилуј ме” интензивно, дури и кога имам луѓе, јас не се одделувам од молитвата. Исто е. Се молам, ги примам сите co Христов Дух и расположен сум да се молам за целиот свет. Се трудам да Го возљубам Христос.

Тоа е мојот стремеж. Поради многуте мои болести, не можам многу да зборувам. Меѓутоа, повеќе помага молитвата отколку зборовите.

Се молам за вашите проблеми, но тоа не е доволно. Мојата молитва треба да наиде на одговор и од ваша страна. Бог, Кој ни ја испраќа Својата благодат, треба да ја најде нашата прегратка отворена, за таа да ја прими благодатта.

И се’ што ќе дозволи Он, ќе биде за наша душевна полза. Меѓутоа, да не биде ние се молиме, a вие спиете.

Често ме обвинуваат, но јас „како глув не слушам и како нем не ја отварам својата уста”.

Молете се за оние кои ве обвинуваат. Кажувајте „Господи Исусе Христе, помилуј ме”, а не „помилуј го”, па така во таа молитва ќе биде и оној што ве обвинува.

Другиот ви кажува нешто што ве натажува и јадосува?

Бог го знае тоа. Вие отворете ги вашите раце кон Бога, велејќи

„Господи Исусе Христе, помилуј ме”.

Направете го другиот едно co себеси.

А Он знае што го мачи длабоко во него, и гледајќи ја вашата љубов брза да помогне. Он ги испитува копнежите на срцето.

Што вели апостолот Павле во своето послание кон Римјаните?

„А Оној Кој ги истражува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Он според Божјата волја посредува за светите” (Рим. 8, 27).

Молете се за очистувањето на секој човек, за да го подражавате ангелскиот начин во својот живот. Да, ангелите не се молат за себеси. Јас така се молам за луѓето, за Црквата, за Телото на Црквата.

Кога се молите за Црквата, вие се ослободувате од страстите. Кога славословите, вашата душичка омекнува и Божјата благодат ја осветува. Оваа вештина сакам да ја научите.

Бог сака да се уподобиме на ангелите. Ангелите само Го славословат Бога. Тоа е нивната молитва, само славословие. Славословието е деликатна работа, која го надминува човечкото.

Ние сме многу материјални и приземни луѓе, па затоа My ce молиме на Бога себично. Го молиме да ни ги регулира нашите проблеми, да работат добро нашите продавници, нашите работи, нашето здравје, нашите деца. Меѓутоа, се молиме човечки и co себичност.

Славословието е несебична молитва. Ангелите не се молат за да добијат нешто. Тие се несебични. Бог и нам ни ја дал таа можност, нашата молитва да биде непрестајно славословие, ангелска молитва.

Тука се наоѓа големата тајна. Кога ќе влеземе во таа молитва, ќе Го славиме Бога постојано, се препуштајќи My Нему, како што се моли нашата Црква: „… сиот наш живот на Христа Бога да My го предадеме .

Тоа е „вишата математика” на нашата религија!

Пренесено од книгата “Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит” (За молитвата)

Подготви: Мина Даниловска

Претходна статијаХристовиот човек претвора се’ во молитва
Следна статијаПРАВИЛОТО ШТО МУ ГО ДАДЕ АНГЕЛОТ ГОСПОДОВ HA СВЕТИ ПАХОМИЈ ВЕЛИКИ